verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Што по изборите – медиумите во реформските приоритети

on 12 - 12 - 2016       
Спроведување на медиумските реформи од извештајот на Прибе - европски печат за напредок во евроинтеграциите. Фото: pixabay
Спроведување на медиумските реформи од извештајот на Прибе – европски печат за напредок во евроинтеграциите. Фото: pixabay

 

По изборите, меѓународната заедница очекува остварување на реформските приоритети. Од Европската комисија посочија дека успешните избори се само првиот чекор во пржинскиот процес, а се претпоставува дека од победниците на 11 декември ќе се очекува конкретен план и стратегија за остварување на приоритетите во даден временски период. Медиумите и слободата на изразувањето добија посебен сегмент во списокот на реформските приоритети, дефинирани во јуни 2015 година, како производ на извештајот на експертската група на чело со Рајнхард Прибе. Што ги чека медиумите по гласањето и пребројувањето на гласовите и дали нешто е остварено по повеќе од една година од дефинирањето на обврските?

 

Пишува: Александар Пешев

 

Медиумите и слободата на изразувањето добиваат посебно поглавје во реформските приоритети. Петтото поглавје содржи пет потточки кои се однесуваат на: јавниот сервис, владиното рекламирање, пристапот до информации и клеветата.

 

РЕФОРМА НА ЈАВНИОТ РАДИОДИФУЗЕН СЕРВИС

Oд реформата на МРТВ се очекуваат „конкретни докази за реформи на политиките, организацијата и на уредувањето“. Ваквите реформи, според Европската комисија, се потребни за адресирање на критиките кои се дадени во минатото за недостиг на политичка независност и недостиг на балансирано известување и неуспех во обезбедување на информативни висококвалитетни содржни. Во овој контекст вреди да се спомене дека препораките на Комисијата, кои се изведени од експертскиот извештај на Прибе, се направени во јуни 2015 година, а оттогаш потписниците на Договорот од Пржино постигнаа согласност за назначување на нов главен и одговорен уредник на јавниот сервис. Останува да се види дали Европската комисија ќе се изјасни со дополнителни забелешки или, од друга страна, да направи нова проценка околу состојбите во јавниот радиодифузер.

Последниот критички осврт на СПФМ на ТВ-дневник на првиот програмски сервис на јавниот сервис открива избалансирано информативно издание во согласност со професионалните стандарди за сеопфатност и непристрасност, но вреди да се спомене дека станува збор за само еден дневник во еден даден ден од годината. За да се добие комплетна слика за начинот на кој известува јавниот радиодифузер, би била потребна содржинска анализа на повеќе информативни изданија во поголем временски период.

 

ВЛАДИНО РЕКЛАМИРАЊЕ

Покрај единствената точка во забелешката за јавниот сервис, потточката за владиното рекламирање дава повеќе забелешки:

  •  Воспоставување на построги правила за владиното рекламирање базирани на транспарентни, објективни и недискриминаторски критериуми;
  • Да се обезбеди целосна транспарентност на владиното рекламирање (не само за трошењето на јавните финансии, туку и за примачите и за содржината);
  • Да се развие механизам за бесплатни информации за јавноста кои се од вистински јавен интерес.

Обид за адресирање на ваквите забелешки беше направен годинава со предлог-законот за владино рекламирање. Првите индиции за предлог-регулативата излегоа во јавноста во март кога тогашната министерка за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска-Томовска, изјави дека има консензус меѓу четирите партии, потписнички на Договорот од Пржино за финансирањето на јавниот радиодифузен сервис, за владиното рекламирање и за казнената политика на Агенцијата за медиуми. Законот влезе во собраниска процесура на четврти јули годинава и предизвика бројни реакции дека со регулативата медимите би станале огласна табла за владината коалиција. Предлог-законот се однесуваше на кампањи од повеќе од 100.000 евра што веднаш го отвори прашањето: што со оние кампањи чија сума е помала од наведената? Покрај забелешките на опозицијата, се огласи и Здружението на новинари од каде предупредија дека со вакви погрешни концепти уште повеќе ќе се влоши состојбата со слободата на медиумите во земјава и стравува дека Македонија ќе остане во групата на неслободни земји, како што се Белорусија, Русија и Турција.

Законот, исто така, беше предмет на анализа во „Сервис за проверка на факти во медиумите“ што доведе до дефинирање на девет индиции дека во тогашната форма, легислативата ќе беше само алатка за финансирање на провладини медиуми. Предлогот беше повлечен кон крајот на август годинава заради доработка во текстот.

 

ПРИСТАП ДО ИНФОРМАЦИИ

Пристапот до информации претставува посебна ставка во реформските приоритети со една единствена точка:

Да се адресираат главните пречки со кои се соочуваат новинарите во прибирање на информации од јавен карактер (пр. неуспехот на релевантни тела воопшто е да одговорат на многу брања за информации и прекумерната употреба на категоријата „доверливо“ за документи кои не се од таква природа.

Последното регистриранос поменување на информациите од јавен карактер по дефинирањето на реформските приоритети во јуни минатата година е извештајот за работењето на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, кое беше закажано на 30 мај годинава. Пред тоа Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер се најде на собраниска седница во август минатата година. Во оригиналната регулатива која стапи на сила на 1 септември 2006 година стои одредбата од член 21:

Имателот на информацијата е должен веднаш да одговори по барањето на барателот, а најдоцна во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето.

Ваквиот рок се продолжува во следниот член и до 40 дена во зависност од обемот на информацијата. На интернет-страницата на надлежната комисија се објевени последните измени на регуативата во кои не е експлицитно наведено дека постои измена на ваквите рокови.

 

КЛЕВЕТА

Намалување на бројот на случаи на клевета кои пристигаат до судовите е следната препорака на Комисијата. Согласно реоформските приоритети, препораката би се остварила со:

  • ревизија на легислативата заради отстранување на термините „чест“, „достоинство“ и „навредливо“, повеќето кои се базирани на стационарна дефиниција на навреда и кои спаѓаат надвор од опфатот на членот десет од Европската конвенција за човекови права;
  • ревизија на процедуралните правила заради исклучување на ситни случаи и наместо тоа да се зголеми улогата на посредувањето за да се дојде до разврска;
  • поддршка и промоција на саморегулација како алтернатива на судска акција;
  • гарантирање и охрабрување на потенцијално ниво на практиката за самовоздржување од страна на политичари и јавни функционери кои не треба да се потпираат на постапки за клевета во согласност со принципите на Европската конвенција за човекови права.

Извештајот на НВО Инфорцентарот составен во соработка со Центарот за развој на медиуми открива поразителни трендови во овој сегмент. Според резултатите објавени во јануари годинава, во текот на 2015 година, во сите девет нови случаи за навреда и клевета во кои како странки се јавуваат политичари – се јавуваат како тужители. До моментот на затворање на извештајот, завршени се 62 отсто (27) од случаите. За 16 предмети (37 отсто од вкупниот број судски случаи) има правосилна пресуда, а за 11 (25 отсто) се води жалбена постапка.

Во периодот од три години, политичарите се јавуваат како странки во дури 43 судски случаи за навреда и клевета. Во 58 отсто (25) од постапките, политичарите се јавуваат како тужители, а во една петина од судските случаи – 20 отсто (9) – политичарите се тужат меѓусебно.

Од донесувањето на Законот за граѓанска одговорност за навреда и за клевета, во ноември 2012 година до јули 2015 година, неполн месец по објавувањето на реформските приоритети, завршени се 54 случаи за навреда и за клевета против новинари, но поголемиот дел од пресудите сè уште не се правосилни, односно во тек е жалбена постапка пред Апелацискиот суд, оценува ЦРМ.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести