verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

ТВ-дневник: Сеопфатна слика на дневните настани со еднакво одвоена минутажа за сите релевантни и засегнати страни

on 16 - 11 - 2016       
Престрелката на Партизанска - сите страни на приказната, заклучоците оставени на истрагата. Фото: скриншот
Престрелката на Партизанска – сите страни на приказната, заклучоците оставени на истрагата. Фото: скриншот

 

[Критички осврт на дневникот на МТВ 1 во 19.30 на 15 ноември 2016 година]

 

Критиките од Брисел за неизбалансираност на адреса на националниот сервис го покреваат прашањето дали има подобрување на вестите на првиот програмски сервис на МТВ? Дневникот во 19 часот и 30 минути дава сеопфатна слика на дневните настани со еднакво одвоена минутажа за сите релевантни и засегнати страни и докази за вложени дополнителни напори за обезбедување избалансираност. Покрај неколку технички забелешки, имаме професионално информативно издание

 

Пишува: Александар Пешев

 

Дневникот почна со најактуелните информации во периодов, а тоа се тие шро се однесуваат на предвремените парламентарни избори. Прилогот предност ѝ дава на информацијата за одлуката на Државната изборна комисија да ги отфрли листите на Социјал-демократската партија на Македонија и на Народното движење за Македонија (НДМ). Станува збор за прилог кој прави сеопфатен преглед на подготовките за изборите. Реакцијата на НДМ се надоврзува со што се задоволува професионалниот критериум за сеопфатност. Прилогот за заложбата на младите политичари е избалансиран, со забелешка дека ставовите на потписниците на декларацијата се парафразираат наместо да се презентираат во форма на изјави.

Изјавата на дополнителниот заменик-министер за информатичко општество и реакцијата на Министерството го заокружува првиот сегмент од дневникот посветен на предизборието. До овој дел, имаме избалансирано информативно издание со издвоени минути како за информации и за изјави, така и за реакции, што создава подобрен впечаток за дневникот на националниот сервис во споредба со некои минати информативни изданија кои биле предмет на рецензија во СПФМ.

 

СИТЕ РЕЛЕВАНТНИ ИНФОРМАЦИИ ЗА ПРЕТСТРЕЛКАТА ВО СКОПЈЕ

Известувањето за престрелката во Скопје ги опфаќа сите релевантни информации од инцидентот и прави сеопфатен преглед на случувањата. Прилогот резимира со отворено прашање, дадено во контекст на завршување на полициската истрага, дека „веројатно тогаш ќе се знае дали се вистинити информациите што се објавени на повеќе медиуми за заднината на овој инцидент“. Ваквата формулација е проблематична од аспект на тоа дека националниот сервис си создава потенцијална функција да афирмира или да демантира извештаи од други медиуми. Ако гледачот сака да се информира за случајот од други медиуми, тогаш ќе посвети внимание на други медиуми. Нејасно е зошто нивните шпекулации треба да се поменуваат во прилог во дневник на МТВ.

Следи техничка вест за деталите што ги изнесе МВР за инцидентот. Иако не е спорен редоследот на информациите и одлуката за нивно објавување, станува збор за потенцијално збунувачки начин на информирање, бидејќи во самиот прилог е вклучена изјава од дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи. Дополнително во техничката вест за соопштението, кое е пристигнато од МВР, се повторуваат истите информации кои се вклучени во прилогот, што создава впечаток дека информативното издание се оптоварува со идентични информации.

Следуваат информации за тринаесетте судии кои поднеле писмо против претседателот на Кривичниот суд, како и реакција на Владимир Панчевски за МРТ. Дополнителниот напор да се обезбеди реакција од прозваната страна покажува посветеност кон професионалните начела за сеопфатност и за избалансираност со идвојување доволно минутажа за сите засегнати чинители и информирање за јавниот интерес. Единствена забелешка во овој дел на дневникот е што информацијата се презентира како техничка вест кога постои простор за изработка на комплетен прилог, што на информациите би им дало поголема важност. Сепак, не станува збор за технички информации, туку за ставови што бараат посебен сегмент наместо читање од студио.

 

ОБАМА ВО ГРЦИЈА И СПОРОТ ЗА ИМЕТО

Следува сеопфатен прилог за промоција на прирачник за јавни политики, по што се надоврзува изјава од министерката за труд и социјална политика и прилог за нова стратегија за национални просторни податоци. Во овој дел од дневникот имаме логички след на информациите посветени на нови проекти и на промоции.

Посетата на американскиот претседател Барак Обама во Атина следува во следниот сегмент од дневникот. Имајќи предвид дека неговиот грчки колега презентираше критики околу спорот за името, проблем поради кој е закочена интеграцијата на земјава во НАТО, се поставува прашањето дали би било подобро ваквите информации да се емитуваат на почетокот од информативното издание? Прилогот е сеопфатен, но повторно имаме благ тренд на повторување, имајќи предвид дека репортерот ја парафразира изјавата на Прокопис Павлопулус, по што се пушта речиси идентичната тонска изјава од грчкиот претседател.

Следува прилог од Вашингтон околу активностите на избраниот претседател на САД, Доналд Трамп, по што се прави преглед и на другите информации од светот.

Репортажата за битката на Вуковар и одавањето почит на загинатите македонски војници и блокот вести од култура го резимираат централниот дневник на првиот програмски сервис на МТВ.

Сè на сè, имаме професионално информативно издание, избалансирано и сеопфатно. Покрај неколку технички забелешки, се создава впечаток дека националниот сервис е на добар пат кон професионално информирање, што е позитивен чекор по критиките за функционирањето на оваа институција забележани во текот на една година, нотирани во последниот европски извештај.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести