verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Сервис за проверка на факти од медиумите

Проект на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија
USAID Logo

Питер Померанцев: Во светот на постфактите иднината исчезнува

on 21 - 02 - 2017       
Овој напис го има и на: Албански
Питер Померанцев: Демагозите и популистите на гледачот му нудат непријатели, заговори или имигранти како непријатели. Фото: СПФМ
Питер Померанцев: Демагозите и популистите на гледачот му нудат непријатели и заговори. Фото: СПФМ

 

Следи обраќањето на украинско-британскиот автор и новинар, Питер Померанцев, еден од најзначајните светски аналитичари и критичари на современата авторитарна пропаганда, кое преку видеоконференциска врска од Лондон го изнесе на Меѓународната конференција „Е-Општество: Проверка на факти и влијанието на новите технологии во општеството“. Таа се одржа во Скопје на 31 јануари 2017 година, во организација на „Метаморфозис“ – Фондација за интернет и општество, а Померанцев овде говори на тема: „Проверка на факти наспроти лажни вести“.

 

Здраво на сите! Здраво Македонија! Навистина ми е жал што не можам да бидам со вас денеска. За жал, моето семејство фати големи сипаници и јас сум единствениот кој може да се грижи за трите деца. Но, ме замолија да ви зборувам за идејата на новинарството во ерата на поствистината. Поствистината, како што многумина од вас можеби знаат, е нов, актуелен збор, нов збор кој е вклучен во речникот на Оксфорд, и не се однесува само на лаги, туку (неразбирливо) дискурс во кој фактите не се важни, во кој лидерите како Владимир Путин или Доналд Трамп не кажуваат дотолку невистини и не се обидуваат да ве убедат дека ја зборуваат вистината, но велат дека фактите не се важни. Тие лажат сеопфатно и не се срамат дека лажат. Не се чувствуваат незгодно кога се прозвани, тие само, знаете, демантираат дека некогаш рекле нешто или стојат зад тоа што го рекле, изгледа дека не е важно.

За да разбереме како да дејствуваме во овој нов, чуден свет, треба да погледнеме во историјата на пропагандата на новинарството и да видиме како стасавме до тука. Не само да гледаме на симптомот, туку и да се обидеме да ги разбереме причините зад ситуацијата. Па, да се вратиме неколку децении назад, во Студената војна. За време на Студената војна, двете страни лажеле, особено Советите биле многу познати по големите лаги за нивното општество. Сепак, тие се обидувале да се преправаат дека нивните лаги се, всушност, вистина. Значи, Советите би измислувале многу лажни работи за тоа како нивната економија цвета и иако сите можеле да видат дека спротивното било вистина, тие се обидувале, барем на хартија, да направат да звучи како да им одело многу добро. Има една позната анегдота во Советскиот Сојуз „ние се преправаме дека работиме, а тие се преправаат дека нè плаќаат“. Клучниот збор тука е „се преправа“. Сите се преправале, се обидувале да докажат нешто. Но, мислам дека тоа не е случајно. Мислам дека за време на Студената војна и двете страни, и демократските капиталисти и комунистите, на некој начин биле дел од традицијата на просветлението, и двете страни се обидувале да докажат дека нивната визија за светот, нивната визија за напредок е подобра, дека комунизмот или научниот марксизам се вистинската визија за иднината, научна или рационална.

 

ФАКТИТЕ СЕ ДЕЛ ОД РАЗГОВОРОТ ЗА НАПРЕДОКОТ

Што значи, требало аргументи за да се докаже. Биле потребни факти за да се докаже дека се оди некаде. Генерално, фактите не се многу пријатна работа. Фактите кажуваат дека ќе умрете, фактите кажуваат дека не сте многу убави, дека сте со прекумерна тежина, дека сопругата ве напуштила или не. Но, фактите се потребни кога се обидувате да стигнете негде, кога се обидувате образложите нешто, кога се обидувате да изградите нова куќа или ново општество. Студената војна завршува, и на некој начин го имате крајот на историјата, но крајот на историјата е сепак идеја за иднина, има веќе една иднина, некаква верзија на либерална демократија, на глобализација, и ние на некој начин одиме натаму, па го имате магазинот „Економист“, како на некоја визија за тоа каде треба сите да се движиме, со Европската Унија, со слободното движење на луѓе и труд и добра и идеи. И луѓето сè уште се обидуваат да докажат дека одат натаму. Да, тие се збогатуваат.

Па дури и Русија, која се обиде да го поткопа целиот систем однатре (неразбирливо), неофицијално велејќи „ние сме на нашиот пат да бидеме дел од поголема глобализирана иднина“, и претседателот Медведев, тоа отприлика беше пораката. Тие сакаа да направат нивен сопствен чуден суверен пат, но сепак имало идеја дека тие оделе некаде, членство во ЕУ е секогаш страната кон која треба да се движите. Значи, имало идеја за иднина, не била веќе толку компетитивна, но ја имало, и луѓето се труделе да образложат нешто за нивните општества, дека тие всушност имаат слободни и фер избори, дури и кога се наместени, како во случајот на Русија или дека нивната економија се подобрува.

По судирот во 2008 година, и по, претпоставувам, војната во Ирак, таа идеја за иднина, глобализирана иднина, иднина на либерална, глобална либерална демократија, како да се влошува и престанува да биде привлечна за голем дел од луѓето. Но, се случува спротивното, почнува да изгледа многу опасна и вознемирувачка, сè додека идејата за иднината не исчезне целосно од јавниот дискурс. Знаете, тоа е многу силно во Русија, откако Кремљ, откако Путин повторно доаѓа на власт во 2012 година, тој се ослободува од каков било вид на дискурс за иднината и го заменува со фантазии за носталгија, за изгубени империи. Во Америка, Доналд Трамп не зборува за иднината, туку вели „да ја направиме Америка повторно голема“, во Британија го имате Брексит. Ова се сите идеи движени од носталгија и самата носталгија по природа е сон како виртуелна реалност, таа е нерационален импулс, нерационален вид на дискусија. Идејата за иднината е таа што исчезнува, и кога таа исчезнува, фактите треба да се вратат кон оваа идеја дека фактите се дел од разговорот за иднината, за напредокот, за стигнувањето некаде. Ако не се обидувате да стигнете некаде, тогаш не ви требаат факти да докажете дека одите натаму.

 

ШТО ПО ВЛЕГУВАЊЕТО ВО ЕУ

Кога зборуваме за свет на постфакти, всушност зборуваме за светот каде идејата за иднината исчезнала, каде идејата за напредокот исчезнала. Можете да видите дека ова е многу силно во Источна Европа. Сè додека централноевропските земји како Полска или Унгарија, имаат јасна идеја за иднината, членство во ЕУ, тие имаа трезвен и рационален политички дискурс во кој фактите беа важни. Тие требаше да докажат дека ги реформираат нивните министерства, дека го следат правото на Европската Унија (acquis communautaire) за да влезат во ЕУ. Откако влегоа во ЕУ, идејата за иднината исчезнува, бидејќи проблемот со ЕУ е тоа што влегувањето е голем процес, и кога веќе сте влезени, станува нејасно што треба да правите понатаму. Со самото влегување во ЕУ, идејата за иднината исчезнува, и тука веќе имате појава на конспиративни, носталгични, постфакт-политичари како Качински или Орбан.

Како е ова поврзано со новинарството, бидејќи дел од прашањето овде е за политичката филозофија и, знаете, новинарството не треба да биде вклучено во тоа. Мислам, можеби до некое ниво, само за колумнисти или новинари на идеи или можеби уредничката политика на некој весник или телевизиска станица може да биде посветена на изнаоѓање начин за напредок на општеството. Но, знаете дека не сите новинари мислат на тоа кога се будат наутро, ние правиме приказни, јас долго време работев на документарци, и не се будам наутро мислејќи на иднината, мислам на мојата приказна, тоа е многу практична работа. Но, мислам дека има поврзаност со практичната, секојдневна работа на кажување приказни во новинарството. Мислам дека се работи за она кога се ставате во релација со читателот. Ако му зборувате на вашиот читател со омаловажување, вие не му помагате да стигне некаде, ако едноставно го правите ова или балансирано новинарство, кое според мене е голема глупост, она како, на пример, пет минути за Хитлер или пет минути за Евреите и тоа треба да биде балансирано новинарство, така не му помагате на читателот да стигне некаде.

 

НОВИНАРСТВОТО ДА СТАНЕ РЕЛЕВАНТНО

Има начин на кој да се биде новинар, со истражувања, критикување, знаете, на власта, да сте остри, водени од фактите, и со ставањето себеси во различна релација со гледачот со вистинско разбирање на приказните кои му се потребни на гледачот за да оди напред во својот живот, да (неразбирливо) бидете пријател со гледачот и да се потрудите да разбере дека, еве, на пример, приказна за даночна реформа, како тие лично би биле засегнати од даночната реформа, кои се луѓето кои се обидуваат да им го направат животот мизерен преку недостигот од даночни реформи и како тие можат да одат напред во достигнувањето на подобра даночна реформа. Еден вид на новинарство кое можеби не станува активизам, но можеби понекогаш токму активист, но најважно, ја зазема позицијата на гледачот, читателот и им помага да напредуваат во своите животи. За некои луѓе ова се „конструктивни вести“, „вести базирани на решенија“, но се начин на станување релевантен и на враќање на фактите во конверзацијата бидејќи кога се обидувате да докажете нешто, се обидуваме да му помогнеме на читателот да напредне, тогаш фактите стануваат повторно важни.

Тоа е моето видување за тоа како новинарството треба да се смени и да се адаптира, навистина значи менување, многу од идеите во јавниот сервис, радиодифузијата, во Британија, „Би-би-си“ секогаш се држел настрана, тоа била неговата позиција. Мислам дека треба навистина да го разбере гледачот, навистина да ја разбере публиката и да им се помогне да поминат преку маглата и конфликтите пред нив. Тогаш сте релевантни за нив и дури тогаш може да ја вратите вистинската конверзација водена од факти, и го земате просторот на кој дотогаш оперирале демагозите и популистите, бидејќи во моментот кога велат дека се на страната на гледачот, тие не нудат вистински решенија, тие му нудат непријатели, заговори или имигранти како непријатели за да направат гледачот да се чувствува добро на некој начин. Она што го правите вие е нешто друго, вие сè уште сте новинари, сè уште критикувате, сè уште истражувате, сè уште кажувате приказни, но размислувате од една поинаква гледна точка. Како и да е, ајде да ја продискутираме таа идеја.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *