verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Сервис за проверка на факти од медиумите

Проект на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија
USAID Logo

Медиумите во европскиот извештај: Нема напредок

on 15 - 11 - 2016       
Овој напис го има и на: Англиски
Нема напредок/ медиумите уште во канџите на политиката. Фото: Гугл/пиксабеј
Напредок не се гледа  – медиумите уште во канџите на политиката. Фото: Гугл/пиксабеј

 

„Нема напредок во оваа област во поголемиот дел на изминатата година“, се нотира во Извештајот на Европската комисија, во делот посветен на слободата на изразување, во кој се разгледува и состојбата со медиумите во Македонија. Евроамбасадорот Самуел Жбогар смета дека слободата на медиумите останува сериозен предизвик. Проблемите со медиумите, освен во соодветното погавје, се „провлекуваат“ и низ други поглавја, како „Судство и фундаментални права“. Препораките за реформи се базираат на реформските приоритети, а под знак прашалник се става професионалноста на јавниот сервис и на приватните радиодифузери со национална концесија.

 

Пишува: Александар ПЕШЕВ

 

Во општиот преглед на извештајот се нотира дека во поглед на слободата на изразување, во земјава се постигнало „одредено ниво на подготовки“.

Меѓутоа, слободата на изразување и ситуацијата во медиумите остануваат сериозен предизвик во актуелната полтичка клима. 

Во поглавјето насловено „Слобода на изразување“ подетално се разработува ваквата констатација.

izveshtaj-01Нема напредок во оваа област во поголемиот дел на изминатата година. Релевантни бројки за владиното рекламирање, кое може да претставува алат за влијание врз радиодифузерите, сè уште не се обелоденети од страна на властите. Балансирано и разновидно известување во мејнстрим-медиумите сè уште недостига и покрај тоа што имаше охрабрувачки знаци во текот на летото во врска со известувањето на јавниот радиодифузен сервис и на некои приватни канали. 

Извештајот содржи конкретни препораки за надминување на нотираните проблеми, а во контекст на медиумите се бара „покажување на видливи реформи во јавниот радиодифузер, насочени кон адресирање на недостигот од политичка независност и недостигот од избалансирано известување“.

ПРЕПОРАКИ ЗА ПРОФЕСИОНАЛНОСТ

Првата препорака, како што нотира извештајот, е изведена од реформските приоритети, изготвени од бриселскиот експертски тим предводен од Рајнхард Прибе, со чија имплементација се очекува решавање на политичката криза. Од овие приоритети е изведена и втората препорака:

Да се обезбеди целосна транспарентност на владиното рекламирање, не само за трошењето на јавните финансии, туку и за за примателите и содржината. 

Третата препорака бара обезбедување на јавен пристап до објективно и точно известување и разновидни гледишта преку мејнстрим-медиумите, особено на јавниот сервис. Четвртата препорака нотира дека сите медиумски субјекти треба да преземат соодветна одговорност за професионално однесување.

 

ПОСЕБЕН ДЕЛ ЗА ЗАПЛАШУВАЊЕ НОВИНАРИ

Заплашувањето новинари се издвојува како посебен поднаслов во поглавјето и се нотира дека „медиумите ја рефлектираат силната поларизираност во општеството по политички линии“.

izveshtaj-02Имаше бројни извештаи за заплашување новинари и судски случаи против новинари. На 12 април, неколкумина новинари беа повредени од полицијата во текот на протести против помилувањењто на претседателот на 56 индивидуи, а просториите на два провладини медиуми беа оштетени. 

Законите во голема мера се усогласени со стандардите и покрај постојаните повици за реформи, нотира Европската комисија, забележувајќи дека амандманите во изборниот законик дефинирале правила за презентирањето на политичките партии во медиумите и ја зајакнале улогата на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги.

 

 

ЗАКОНИ САМО НА ХАРТИЈА

Имплементацијата на законите остана дефицитарна и слободата на медиумите продолжи да опаѓа во текот на годината, пишува во извештајот. Практичните мерки во реформските приоритети за подобрување на ситуацијата со медиумите сè уште не се адресирани, забележува Брисел.

izveshtaj-03Политичкото мешање во уредувачките политики на медиумите, особено на тие со национална концесија, остана сериозна причина за загриженост. Постојат индикации дека повеќето приватни радиодифузери ја координираат уредувачката политика во корист на главната владејачка партија. 

Многу медиуми не ја задоволуваат обврската за балансирано и професионално известување, пишува во документот. Во некои мејнстрим-медиуми, членови на опозицијата и нивните активности се негативно презентирани а истото се прави и за протестите на граѓанското општество, додава извештајот и нотира недоволно покривање на телевизиски дебати на политичари од разновидниот политички спектрум.

Ниски професионални и етички стандарди останаа во одредени медиуми на штета на правото на јавноста за добивање на објективно и балансирано известување. 

Истражувачкото новинарство е ретко и има ретки инстанци на самокритика, забележува Европската комисија, изнесувајќи забелешки и за дваесетина тужби за клевета против новинари, како и на незаконското следење на комуникациите на новинарите што, како што пишува, дополнително придонесе за самоцензура.

Според Брисел, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги направи напори за надградба на саморегулаторните функции во професијата, преземајќи проактивна улога околу прашањата за професионалност, новинарски стандарди и за етика.

 

ЗАГРИЖЕНОСТ ЗА БАЛАНСИРАНОСТА НА МРТ

Европскиот извештај за напредокот нотира „сериозна загриженост за избалансираноста на известувањето на МРТ“. Во овој контекст, се нотира медиумскиот надзор на мисијата на ОБСЕ и ОДИХР, при што е утврдено дека вестите на јавниот сервис „даваат ограничени информации за политички настани и не успеваат да обезбедат сеопфатна анализа на дневна база“.

Во неколку случаи новинарите ги мешаа фактите со сопствени политички мислења при покривањето на вестите. Одржливоста и независноста на финансирањето на МРТ мора да се обезбеди и имплементира. Кодот на етика на МРТ допрва треба да биде усвоен. 

Во делот за јавниот радиодифузер пишува дека и Народниот правобранител реагирал за противзаконска наплата на радиодифузна такса од ранливи општествени групи и дека случајот не е докрај решен.

 

СОМНЕНИЈА ЗА СОПСТВЕНОСТА НА МЕДИУМИТЕ

Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го регулира сопствеништвото на медиумите, поставувајќи рестрикции и забрани за конфликт на интереси, пишува во документот.

izveshtaj-04Сепак, повеќето ТВ-станици со национална концесија и високотиражни весници им припаѓаат на индивидуи за кои е познато дека имаат блиски врски со владината владејачка коалиција. Владиното рекламирање беше суспендирано, но податоците и критериумите за доделувањето на договорите (кои треба да се транспарентни, објективни и недискриминаторни) сè уште не се јавно достапни. 

Извештајот забележува и за користењето бесплатни реклами, поточно препорачува да се истражи употребата на бесплатни рекалми од вистински јавен интерес.

 

ЗАБЕЛЕШКИ ВО ПОВЕЌЕ ПОГЛАВЈА

Забелешка за медиумите е нотирана и во контекст на активностите на граѓанското општество. Во документот се нотира дека граѓанскиот сектор има конструктивна улога во поддршката на демократските процеси, обезбедувајќи поголема контрола и избалансираност.

Истовремено, организациите од граѓанскиот сектор постојано изразуваат загриженост за влошувањето на климата во која оперираат и ограничената посветеност на владата кон дијалог како и јавни напади од политичари и провладини медиуми. 

Во делот на судството и фундаменталните права се препорачува:

Обезбедување на слобода на изразување и усвојување и имплементација на кредибилни мерки за подршка на плурализмот во медиумите. 

Во Поглавјето 10, посветено на информатичкото општество и медиумите, се повторуваат дел од пораките од подпоглавјето за слободата на изразување, во кое се третираат медиумите. Поточно, во општите препораки се бара зајакнување на независноста и на капацитетот на медиумскиот регулатор и на јавниот радиодифузен сервис.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *