verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Нечии зборови во туѓа уста

on 3 - 02 - 2016       

МИА 11

[Рецензија: ЕК бара конструктивна соработка на партиите во Македонија, а не да се напаѓа Хан]

Во овој текст се соочуваме со злоупотреба на изјава на претставничка на Европската комисија. Нејзиниот настап, што пред сè е поврзан со политичката криза, е „надграден“ и „проширен“ со формулација која е вклопена, највоочливо во насловната конструкција, за да изгледа како таа да ја кажала. Со други зборови, пример за „нечии зборови во туѓа уста“.

 МИАЛинк до оригиналниот напис: ЕК бара конструктивна соработка на партиите во Македонија, а не да се напаѓа Хан

 Датум и време на објавување: 29.01.2016

 Датум на рецензирање: 30.01.2016

 Рецензент: Владимир Мирчески

 

КАДЕ КОЦИЈАНЧИЧ СПОМЕНУВА ДАТУМ ЗА ИЗБОРИ?

Се мешаат два извора, а, би кажал, намерно. Првиот е именуван и е официјален, вториот е анонимен. Таквата компилација прави забуна кај публиката.

Анализата на овој материјал би ја поделиле во три сегменти. Првиот би бил почетокот и средишниот дел на написот. Вториот е крајот на текстот. Третиот е насловот и искористената фотографија.

Со ред. Се пренесува побарана изјава на портпаролката на еврокомесарот Хан, во која таа изнесува значајна порака за потребата од доследно спроведување на Договорот од Пржино, за потребата од кредибилни избори, но без да спомене датум. Во написот е додаден „24-ти април“.

„Портпаролката на еврокомесарот Јоханес Хан, Маја Коцијанчич, во изјава за МИА побара во име на Европската комисија, политичките партии во Македонија да се однесуваат конструктивно и да обезбедат веродостојни и демократски предвремени парламентарни избори што според договорот од Пржино се закажани за 24 април.“

А, еве што кажа Коцијанчич многу прецизно и тоа е цитирано подолу во текстот:

„Европската комисија повика повеќепати дека е од најголема важност партиите да го спроведат политичкиот договор што тие го постигнаа заедно минатиот јуни и јули. Конструктивна соработка меѓу сите страни е од суштинско значење за да се осигураат веродостојни и демократски избори. Комесарот Хан очекува, во интерес на државата и на народот, сите партии да работат на постигнување на оваа цел.“

Значи таа никаде не споменува датум, што онака „насила“ се турка во воведот на текстот. Се претставува како таа да навела точен датум за предвремени избори, иако доследно се цитира нејзината изјава и се гледа каква е вистината. Коцијанчич дури и не го употребува зборот „предвремени“ што може да се толкува и како нејзина претпазливост. Тоа значи дека првиот и вториот параграф од четивото меѓусебе отскокнуваат за многу значјана работа, а тоа е временска одредница. Април, јуни, јули, септември…. Не е сеедно.

 

НАВЕДУВАЧКО ЧЕТИВО

Во безмалку целиот напис, како главен извор се користи претставничката на Хан, но на крајот се забележува општа формулација „ЕК“:

„Во Европската комисија (ЕК) велат дека се шокирани од односот на некои претставници и симпатизери на опозицијата кон еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, јавува дописникот на МИА од Брисел.“

Токму тука е „финтата“. Проблематично е што оваа реченица се користи во контекст како да ја кажува Коцијанчич, но таа, барем не официјално, никаде не споменува шокирани, претставници и симпатизери на опозиција. Впечатокот дека Коцијанчич се „мести“ како директен извор е, пред сè, поради насловната конструкција:

„ЕК бара конструктивна соработка на партиите во Македонија, а не да се напаѓа Хан“

Ете ја забуната. Официјални извори на ЕК јавно повикуваат на конструктивност, а анонимни, и под претпоставка да се од ЕК, апелираат да не се напаѓа Хан. Изјавата на Коцијанчич се однесува само на првиот дел од насловот, но не и на вториот. Оттука велиме дека се прави заблуда кај публиката. А на таа „финта“ се закачиле и други интернет-портали, кои, пак, отишле и подалеку во манипулацијата велејќи дека ЕК е шокирана од односот на опозицискиот СДСМ и од нејзините членови во Македонија.

Уште еднаш за разјаснување – се инсинуира и преку текст и преку фотографија, но портпаролката на Хан никаде официјално не вели дека „ЕК е шокирана од односот на опозицијата кон еврокомесарот за проширување“.

Затоа ќе кажеме дека ова е наведувачко четиво.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

точни наводи

делумно

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

официјални, анонимни

релевантни,

2 извори

повеќестрани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

можеби се прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

нема лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

нема коментаторски елементи

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

наведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

не информира

некреативен

сензационален

несоодветен

нејасен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

делумно

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести