verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Пропаганда или новинарство: што предлагаат ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Ванхауте за медиумите

on 2 - 02 - 2016       
Медиумите растргнати меѓу пропагандата, Пржино и изборите. Фото: Мета, колаж: СПФМ
Медиумите растргнати меѓу пропагандата, Договорот од Пржино и изборите. Фото: „Мета“, колаж: СПФМ

 

Слободни и независни медиуми. Ова е еден од главните критериуми за фер и демократски избори, наведени во Договорот од Пржино, кој го потпишаа лидерите на четирите најголеми партии. Но, преговорите за медиумите веќе неколку месеци се во ќор-сокак. ВМРО-ДПМНЕ даде свој предлог за регулација на медиумската сфера, СДСМ излезе со свои решенија, речиси слични на оние на белгискиот посредник Питер Ванхауте. Ниту еден од предлозите не е прифатлив за двете страни, а Ванхауте замина во Брисел на дополнителни консултации, од каде се очекува да се врати со нов предлог за воведување ред во медиумската сфера.

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

Владејачката партија неодамна, во рамките на преговорите со посредство на европскиот посредник, Питер Ванхауте, го изнесе својот предлог, кој претставува комбиниран словенечко-германско-белгиски модел и кој предизвика бурни реакции кај дел од претставниците на медиумите.

 

ШТО СОДРЖИ ПРЕДЛОГОТ НА ВМРО-ДПМНЕ

Според овој предлог, медиумскиот простор на јавниот сервис политичките партии треба да го делат пропорционално, според резултатите од последните избори, кои за опозицијата беа спорни, поради што го бојкотираа парламентот. Ваквиот предлог, според Снежана Трпевска од Високата школа за новинарство и односи со јавноста, треба да се разгледа внимателно и компаративно.

„Не ми е познато дека во Германија и во Словенија има вакви решенија. Знам дека политички плурализам во вестите се мери во Франција, каде постои некаква слична одредба, но таму времето се дели на власта, на опозицијата и на други партии. Треба да се разгледа внимателно и компаративно, не може да се предлага нешто без да се даде валидна компаративна анализа. Исто така, треба да се има предвид дека партијата што освоила најмногу пратеници веќе станува власт и дека на тоа време не може да се додава друго време за активностите на истата политичка партија. За работењето на власта новинарите треба да известуваат критички и природно е нивниот фокус да е на тоа, така што тоа време мора да се смета како време на политичката партија која освоила најмногу места на изборите“, вели Трпевска.

Во однос на МРТВ, владејачката партија даде и други предлози. Според неа, јавниот сервис и понатаму треба да се финансира од буџетот и од радиодифузната такса, а ставката од буџетот само минимално да се зголеми од 0,14 отсто на 0,17 отсто. Советот на МРТВ да биде идентичен како и досега, со тоа што ќе се воведе како принцип 100 дена пред изборите информативната програма да ја водат двајца уредници – еден назначен од власта и еден од опозицијата.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, реагира дека на тој начин јавниот сервис нема да се ослободи од партиските стеги.

„Предлогот промовира партиско новинарство во МРТ, каде уредниците се избираат по партиски клуч на власта и на опозицијата. Ако се прифати таквото решение, идните уредници на МРТ нема да бидат новинари со професионален кредибилитет и интегритет, туку партиски пропагандисти. Со такви предлози МРТ никогаш нема да прерасне во јавен сервис на граѓаните. Предлогот за финансирањето на МРТ е подбивање со мисијата на јавниот сервис и со интелегенцијата на македонските граѓани. ЗНМ во никој случај и во ниедна форма нема да прифати трошење на јавни пари за политичка пропаганда на која било влада“, вели претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, за „Нова ТВ“.

По однос на овој предлог, МРТВ да има двајца уредници, со свој став излезе и британскиот амбасадор во земјава, Чарлс Гарет.

„Во британскиот јавен сервис „Би-Би-Си“ и во другите јавни институции поставуваме луѓе според вештините што ги поседуваат и стручноста што ја имаат. Од нив бараме да ги остават политичките ставови дома. Но, тука останува на работните групи на политичките партии тоа да го решат и да утврдат тоа што мислат дека е најсоодветно за сите прашања што ги дискутираат“, рече Гарет.

За Советот на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги (АВМУ), владејачката партија предлага тој да биде составен од седум члена, од кои по два би предложиле ЗНМ и МАН, еден член да предложи Интеруниверзитетската академија, МАНУ и Адвокатската комора. Од владејачката партија нема конкретен предлог за директори на овие места, ниту за ингеренциите што би ги имале, а во однос на предлозите оставаат да одлучат работните групи. Владејачката партија, сепак, не открива како треба да се избираат директорите на МРТВ и на АВМУ.

Оттаму предлагаат и намалување на казните за медиумите, а тие, практично, ќе треба да се усогласат со Законот за прекршоци. ВМРО-ДПМНЕ побарала и да се разговара за Законот за владино рекламирање.

Дел од предлозите на оваа партија се и сите медиуми да се регистрираат како трговски друштва, вклучително и порталите, или да не се третираат како медиуми. На тој начин, би им се укинало правото на новинарска работа на медиумите чии издавачи се невладините организации.

„Идејата на ВМРО-ДПМНЕ е нејасна и остава впечаток дека е смислена со намера во иднина да се заведе „ред и поредок“ во интернет-медиумите, нешто што во разбирањето на оваа партија е рамно на цензура. Инаку, издавач на „Плусинфо“ е невладина организација, која е правно лице и ДДВ обврзник. Не сфаќам зошто се инсистира издавачите да бидат токму трговски друштва. И апсолутно е нејасно што би значело тоа ако медиумите чии основачи не се трговски друштва не се третираат како медиуми. Ќе им се забрани да постојат и да пишуваат вести, анализи, колумни? По кој закон ќе се прави тоа? Затоа велам дека во поттекстот на овој предлог се крие идеја да се оствари контрола и притисок врз помалку моќните медиуми, тие што се надвор од синџирот на државната корупција со народни пари“, вели Бранко Геровски, раководител на проектот „Плусинфо“.

 

ЧАУСИДИС: НОВИТЕ ПРЕДЛОЗИ ЗА МЕДИУМИТЕ – УШТЕ ЕДНА ЦЕНЗОРСКА БРУТАЛНОСТ

Предлозите на ВМРО-ДПМНЕ за медиумите, вклучително и предлог-законот за владини реклами, претставуваат брутална потврда на односот на власта кон медиумската сфера, како кон партиски плен, кој треба да се дели според изборните резултати, реагира претседателката на новинарскиот синдикат, Тамара Чаусидис.

„Жално е што медиумските организации и новинарската заедница се ставаат воопшто во ситуација да имаат мислење за предлози, кои според својата апсурдност воопшто и не се кфалификуваат за нив да се има мислење. Поделбата на јавниот сервис според партиска припадност, назначување уредници по партиска линија е исто како да предложите операциите на хирургија да ги извршуваат еден лекар од СДСМ и еден од ВМРО-ДПМНЕ. Ви звучи апурдно? Па, почекајте, како сме тргнале во анестезирање на разумната мисла и до таму ќе дојдеме. Она што мене страшно ме загрижува не се толку предлозите, туку упорноста и осиленоста на тој мал, дефектен ум кој, сакајќи да ги оправда своите постулати, измислува сè повеќе и повеќе регулативи кои камен на камен не оставија од новинарството, јавниот интерес и од слободата“, посочува Чаусидис.

 

ЦРМ: ПРЕДЛОЗИТЕ НА ВЛАДЕЈАЧКАТА ПАРТИЈА ЗА РЕФОРМИ ВО МЕДИУМИТЕ СЕ НЕПРИФАТЛИВИ

Центарот за развој на медиуми (ЦРМ) смета дека предложените законски измени во медиумската сфера од страна на ВМРО-ДПМНЕ се несериозни и неприфатливи.

„Интернет-медиумите треба, во најлош случај, да ги имаат истите законски обврски што се однесуваат на печатените медиуми, односно обврски што се однесуваат на транспарентноста на сопственоста и на составот на редакцијата. Предлогот медиуми да бидат само тие информативни интернет-страници што се регистрирани како трговски друштва, не само што е обид за игнорирање на новата реалност што појавата на интернет, како лесно достапна, отворена и демократска платформа, ја донесе во медиумскиот сектор, туку и директно е спротивставен на повеќе меѓународни документи, вклучително и на Меѓународниот пакт за граѓански и за политички права. За сите системски решенија, во МРТ, во АВМУ, во правната поставеност на медиумското законодавство, ќе треба да се разговара и таквите реформи да се спроведуваат дури по изборите, преку соодветна јавна дебата, во која ќе бидат вклучени сите заинтересирани страни и сите граѓани на Македонија“, реагираат од ЦРМ.

 

МАН: ПОСТОЈНИТЕ МЕДИУМСКИ ЗАКОНИ СЕ ДОБРО РЕШЕНИЕ

Македонската асоцијација на медиумите и понатаму е на ставот дека постојните медиумски закони се добро решение.

„Но, бидејќи е очиглeдно дека лидерот на СДСМ, Зоран Заев, се откажа од избирачкиот список во замена за контрола на медиумите, а Ванхауте го поддржува во тоа, и бидејќи СДСМ и Ванхауте бараа промена само во делот на електронските медиуми, МАН ја поддржува иницијативата за законски измени на Македонската медиумска асоцијација (ММА), која е асоцијација на најголмите пет телевизии, бидејќи се работи за нивни ресор каде што тие се најстручни“, реагираат од МАН.

 

ШТО СОДРЖИ ПРЕДЛОГОТ НА ПИТЕР ВАНХАУТЕ ЗА МЕДИУМИТЕ

Меѓународната зедница, преку посредникот Питер Ванхауте, достави предлози за реформите што треба да се направат во делот на медиумите, а тие беа презентирани пред новинарите.

Ванхауте предлага членовите на Советот на АВМУ да се избираат со двотретинско мнозинство во Собранието, откако ќе се пријават на јавен конкурс. Тие треба да бидат професионалци и експерти, а треба да обезбедат поддршка од две невладини организации или од новинарско здружение (асоцијација), од синдикат на новинарите или од два соодветни универзитета. Избраните членови би имале мандат од пет години со можност за реизбор и да бидат ангажирани со цело работно време. Се предлага директорот на Агенцијата да го именува Советот.

Што се однесува до евентуалните прекршоци од страна на медиумите и казните за нив, Ванхауте предлага најпрво да се пристапи кон дијалог со претставници на медиумиот. Ако не биде надминато прекршувањето, да следи предупредување, па дури откако ќе се исцрпат овие две можности, да се одреди казна. Тој нагласи дека казни нема да се изрекуваат за содржината на информативните прилози. Паричните казни за медиумите би се одредувале во висина пропорционална со нивната финансиската состојба.

Во однос на владиното рекламирање, предлогот на Ванхауте предвидува за владините пораки кои се од јавен интерес, јавниот сервис и комерцијалните медиуми да не добиваат паричен надомест, туку тие да бидат бесплатни. Се предлага и намалување на данокот на додадена вредност за комерцијалните телевизии од 18 на 5 отсто.

За МРТВ, предлогот е финансирањето да биде еднакво на 1 отсто од годишниот буџет на државата, а јавниот сервис да има целосна независност при трошењето на овие средства. Членовите на програмскиот совет на јавниот сервис да се избираат на приближно ист начин како и членовите на Советот на Агенцијата за медиуми.

Предлогот на Ванхауте е целосно прифатлив за опозицискиот СДСМ.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести