verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Македонскиот кризен вител повторно интересен за руската пропаганда

on 2 - 02 - 2016       
Овој напис го има и на: Албански

 

Повторно туркање на Македонија под руска капа. Фото: А. Дугин, скриншот
Туркање на Македонија под руска капа под диригентска палка на А. Дугин. Фото: скриншот

 

Зголемен руски интерес за Македонија имаше минатата пролет, особено во пресрет на крвавата полициска акција во Куманово и на протестите во мај. Потоа, со воената интервенција во Сирија, интересот на Русија во регионот спласна, за сега повторно да се активира како што наближува датумот на изборите.

 

Пишува: Борис Камчев

 

На руската црковна телевизија „Цариград“ неделава беше емитувана загрижувачка емисија посветена на состојбите во Македонија. Нејзиниот водител, филозофот Александар Дугин, е вископоставено лице во хиерархијата на ефективната пропагандна машина на Кремљ. Тој е во кругот на руските интелектуалци, таканаречени нови славјанофили, кои застапуваат тези за тоа дека конфронтацијата помеѓу Русија и Америка е неизбежна.

Настрана неговата егзотична филозофија, составена од десетици издадени книги кои надолго и нашироко порачуваат за некаква војна до истребување помеѓу „сушата“ (Русија, Евроазиски сојуз) и „океанот“ (Америка и нејзините сојузници од ЕУ), Дугин, деновиве, своето внимание го насочи кон Македонија.

Тоа не е ништо чудно. Руската пропаганда е како мршојадец. Се појавува таму каде што има видливи знаци на распаѓање, се гости од остататоците и кога тие ќе се исушат, заминува на друго место. Пример е зголемениот руски интерес за Македонија минатата пролет, особено во пресрет на крвавата полициска акција во Куманово и на протестите во мај. Потоа, со воената интервенција во Сирија, интересот на Русија во регионот спласна, за сега повторно да се активира како што наближува датумот на изборите.

И така, за полесно да допреме до сушината на руската пропагандна војна, треба да се консултира ироничниот термин „аштосоизам“ (whataboutism). Овој термин е заснован на логичката стапица Tu quoque („и ти исто така“). Во 2008 година, влијателниот „Економист“ (The Economist) одлично ја опиша употребата на оваа јазична вештина од советски политичари и од медиуми во одговор на некаква критика. Таквиот одговор почнува со „а што со…“ за потоа да се спомнат некакви слични настани во западниот свет за да се оправда предметот на критика.

Емисијата на Дугин за Македонија е полна со „аштосоизми“. Иако тој настапува во својство на водител и на новинар и им се обраќа на гледачите, неговите претпоставки не се објективни и остава вечаток како да води дијалог на убедување со трето лице. Сите тези во неговата анализа за ситуацијата во Македонија се изнесуваат на таков начин за да се оправдаат воените акции на Кремљ во Југоисточна Украина или во Сирија. Дугин остава впечаток дека војната е толку обично нешто како што е редовното пристигање на пролетта. Во третата минута од емисијата тој вели:

„Над малата православна земја надвиснале темни облаци. Ако некој има замисла да го дигне во воздух Балканот, треба да почне имено одовде (од Македонија). Или од соседна Босна и Херцеговина каде, исто така, ситуацијата е напната.“

Во емисијата, Македонија се споредува со Молдавија, каде во изминатиов период се случија низа масовни антивладини протести, при што во еден момент зградата на парламентот беше за кратко окупирана од демонстрантите. За Кремљ, секоја демократска промена на власта е обоена револуција и, доколку такво нешто се случи во Македонија, таа ќе застане покрај земјите како Киргистан, Грузија или Украина, каде власта, наводно, била смената по насилен пат со помош на мешетари од Запад и од екстремисти финансирани од Сорос.

Следува уште една необјективност, уште еден „аштосоизам“, како одговор на руската деструктивна политика кон Украина и исконскиот страв на режимот во Москва од негова смена на легитимни избори:

„Македонија на прагот на обоена револуција. Но, се реализираат разурнувачки и деструктивни проекти. Современите либерали се способни само да уриваат, а да градат не можат. Затоа Русија треба да ѝ понуди на Македонија, која никаде не ја примаат и е под закана да ја направат парампарче, алтернатива: Ајде со нас во Евроазиски сојуз.“

Интересно, Дугин е убеден дека Грција ќе ја избркаат од Европската унија и на ова место, во четвртата минута од емисијата, тој го претставува најегзотичниот поглед во својата анализа, една 19-вековна реалполитика заснована на претпоставки.

„Уште одамна дојде време да се создаде Лига на православни држави каде Македонија ќе си го заземе заслужното место. А Грците, некако ќе ги убедиме (да ја признаат Македонија). Тие и онака можат да бидат избркани од ЕУ или самите ќе си заминат. Впрочем, тоа ќе биде правилно решение.“

Напорите што Кремљ ги прави на информативен план со константната пропаганда против Западот и со манипулациите со труење на етерот со лаги и со полувистини низ плетеницата од интернетски и од традиционални медиуми (анализата на Дугин или често објавуваните долги интервјуа на извесен руски аналитичар Андреј Корибко во „Нетпрес се само мало делче од таа информативна војна), се засновани на доктрината на Димитриј Кисељов, шефот на „Русија сегодња“, државна информативна агенција под чија капа се „Раша тудеј“ (Russia Today) и „Спутник“.

Во неговиот знаменит говор пред новинарите на „РИА новости“, Кисељев ги заложил основите на современиот руски журнализам. Според него, објективноста во новинарството е мит и ниту еден медиум не може да се пофали дека е објективен. Тој го има кажано следното:

„За разлика од западното, руското постсоветско новинарство треба да гради вредности, наместо да ги обновува, а руските новинари, наместо да репродуцираат, треба да ги продуцираат тие вредности.“

 

ЛИНКОВИ:


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести