verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Зошто е „Сител“ толку вознемирен од Саше Политико?

on 15 - 07 - 2015       
Спрееви и шлаканици: Саше Ивановски Политико - и со штитот и врз него. Фото: лична колекција
Спрееви и шлаканици: Саше Ивановски Политико – и со штитот и врз него. Фото: лична колекција

 

На својот несовршен и импровизантски начин, Саше е македонската јавност, таа измрцварена и девастирана општествена творба, резултат на долгогодишните „обработки“ на пропагандата на Грујо

 

Пишува: Сашо Орданоски

 

Во последните две недели, Саше Политико толку им го крена нивото на адреналинот на ударните тупаници на владините медиумски пропагандисти, што нивните реакции ги надминуваат инструкциите што дури и еден Мартин Протоѓер би можел да ги смисли. По само две-три успешни медиумски „интервенции“ на Политико кон Груевски, Ставревски, Пешевски и слични, агитпропот го фати пропагандна хистерија, на работ од акутна дијареја – односно, Саше би рекол „тежок пролив“! Најпознатата фармацевтка во медиумите (главната уредничка на „Вечер“) и нејзиниот телевизиски ментор Латас бараат негово линчување; бркотницата на Јанко бурекџијата кој со лути спрејови го гони Политико по паркиралишта урива рекорди на гледаност на „Јутјуб“; експертката Каракамишева се впрегнала да му објасни на „Курир“ дека зад Политико, ни помалку ни повеќе, стои Заев; сега и извесен Сарма (и тој да ти бил новинар во „Сител“) се обиде и физички да се пресмета со македонскиот медиумски Робин Худ, Саше Ивановски – Политико; а најновата физичка пресметка со него потекнува дури и од заменик премиерот во владата Владимир Пешевски (овде и овде).

 

ПРВО ЗА „ВЕЧЕР“

Прво, за писанијата во „Вечер“…

Беше, на времето, пред повеќе од 20 години, еден грчки конзул во Скопје, кој запрашан од група новинари како коментира некој навод тогаш напишан во весникот „Вечер“, се сврте кон насобраните новинари и ја изговори легендарната реченица: „Во ’Вецер’ тацно само дата!

Би можело да се тврди дека ова, девојчево, што се занимава со трговија на лекови и е главна уредничка на „Вечер“ – а повремено и на „Сител“ си ги истакнува… види подолу –  грчовито се бори да ја сочува добрата репутација на весникот, со голем напор секој ден да го погоди датумот на неговото издавање.

Толку за „Вечер“.

 

ПОТОА ЗА „СИТЕЛ“

Но, случајот со ТВ „Сител“, од медиумско-пропагандистички аспект, е многу позанимлив.

Прво, Саше Политико со својата медиумска операција „onе-manshow“, почнува да ги натфрла бројките на гледаност на интернет во споредба со телевизиската гледаност на целиот пропагандистички тим на милионски платена операција на ТВ „Сител“! Не постои таков Ѕинго и таков Грујо што ова не ги загрижува.

Второ, гледаноста на Саше произлегува од тоа што е позабавен и поиновативен во провокациите од сѐ што можат да смислат аптекарката и нејзиниот ментор Латас, бидејќи кај него нема лицемерие како кај разно-разните претенциозни сителови ТВ-фуфли кои со телесните атрибути исфрлени кон камерата се обидуваат да бидат авторитетни во својата површност. Плус, Саше е секако посвеж и поинтелигентен од навредливо недоветното издание на Латас, кој во своето одработување за Началникот со години наназад (всушност, отсекогаш) заудира одвратно како риба две-три недели заборавена на сонце. За разлика од Саше, стариот манипулант смрди на сто километри, а мора да носи капче набиено до носот за да се крие од минувачите дури и кога шета околу зграда – додека Саше храбро му се внесува в лице дури и на Груевски, кој располага со поголем број телохранители од покојниот Садам Хусеин! Во професијата во која токму натрапникот Латас и неколкумина како него се погрижија да не остане ниту еден принцип непрегазен – Саше него го гази како дете играчка, ја разобличува неговата немоќ и бес до границите на издржливоста на жлездите за плукање на Латас! Ако продолжи вака, Латас реално ризикува да добие рак на грло, кога е веќе невозможно, од разбирливи причини, да добие тумор во мозокот.

 

НА КРАЈОТ ЗА МАН

Се разбира дека сето ова нема врска со „новинарството“, како што го сфаќаат пропагандистите на власта од МАН. Но, има секаква врска со тоа што Саше жестоко „пробива“ кај публиката на деспотијата, ја буши во центар, со разобличувања кои се мортална закана за овој режим потпрен врз лицемерие, лаги и гола пропаганда. Имено, кога никому не му текнува (или нема храброст!) да го постави единственото вредно новинарско прашање тој ден (на пример: „Премиере, каде ви е мерцедесот од 600.000 евра?“), туку сите глумат сериозност и „професионален однос“ кон деспотот, Саше „забавувачот“ е тој што го зема вистинскиот новинарски ризик врз себе, свесен дека може да биде и претепан со метални шипки или испрскан со пепер-спреј, но упорен да добие одговор на она што, всушност, тој ден најмногу ја интересира јавноста. На својот несовршен и импровизантски начин, Саше е македонската јавност, таа измрцварена и девастирана општествена творба, резултат на долгогодишните „обработки“ на пропагандата на Грујо.

Да, ама не било пристојно, не било професионално, не било… Ја нема таа морална или воспитна граница што Саше може да ја претера, во споредба со криминалната и аморална забеганост на самата власт и на нејзините истурени пропагандни усти што секојдневно блујат лаги, навреди и омраза. Ако еден премиер може да оди неколкупати годишно на повеќечасовно интервју кај некаков полноќен ТВ-забавувач, а претседателот истото да го прави кај некој чија емисија се опишува со „јадење бурек“, зошто треба „феноменот Саше Политико“ да се забрани, да се тужи, да се уапси, да се протера? Не треба ли обратно, токму тоа да се направи со Груевски и со Иванов, како што беспрекорно здраворазумски сугерира Политико?

Саше Политико најдобро од сите – во својот домен, на својот мегдан – покажува и вика дека царот е гол! Власта, како и царот во приказната, е преплашена што „нејзиниот“ народ покажува масовен интерес за тоа што го прави Саше Политико. Тие мислат дека Саше е проблемот во приказната. За гревови.


Оваа новинарска колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести