verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

За односот меѓу известувањето на медиумите и транспарентноста на институциите

on 19 - 04 - 2016       
Овој напис го има и на: Албански, Англиски
Податоците во сопственост на граѓаните треба да бидат достапни - отворете ги институциите. Фото: Википедија
Податоците во сопственост на граѓаните треба да бидат достапни – отворете ги институциите. Фото: Википедија

 

Се вели дека преку положбата и значењето на новинарската професија во едно општество, може да се процени неговата отвореност и демократичност, односно почитување и загарантираност на слободното мислење, искажување, здружување и, воопшто, на слободниот живот.

 

Пишува: Д-р Дејан Донев, вонреден професор по етика во новинарството и етика во медиумите

 

Претходната теза говори и потврдува многу – дека во медиумите се огледа и создавањето на состојба и движење на едно општество, што значи дека демократијата, пред сѐ, се изразува во медиумите, во нивната структура и култура. Таа, како таква, бара добро и живо новинарство – етички фундирано, сестрано ангажирано, хумано и вредно. Без неговата висока морална посветеност, илузорно е да се очекува добро функционирање и развиток на демократијата.

Ова оттаму што новинарите се пренесувачи, посредници и критичари на општеството и на државата. Ги пренесуваат пораките, посредуваат како надворешна обвивка помеѓу власта и граѓаните и критички ги проценуваат јавните пораки, но и општествените и животните проблеми. Овозможувајќи константно преиспитување на однесувањето на факторите во општеството и објавувајќи критика на таквото однесување, тие се таа соодветна противтежа што ќе ја создаде критичната маса во јавноста, која ќе ги предвидува настаните и ќе влијае на последиците.

 

МЕДИУМИТЕ СЕ ПОВЕЌЕ ОД НУЖНИ

Со тоа медиумите и новинарството станаа главен мотор на обликувањето и на преобликувањето на светот, животот, во согласност со моќта што ја стекнаа. Токму затоа, тие денес треба да се разгледуваат како многу важен фактор во насочувањето, па и во креирањето на општествените процеси, а не повеќе како спореден општествен феномен, ниту како обичен содружник во општествените случувања.

Во оваа насока, кога говориме за транспарентноста на институциите на системот во рамките на едно општество кое се стреми демократски да се развие, медиумите се повеќе од нужни, како сведоци, но и како иницијатори за транспарентноста и за отвореноста на институциите. Како што се наведува во „Фискална транспарентност и отчетност на јавните институции“ на ЕСЕ: „Една држава ќе постигне високо ниво на демократско владеење тогаш кога вистински ќе ја оствари транзицијата од конзервативна кон отворена власт, при што граѓаните ќе имаат можност да се запознаат со податоците во однос на тоа што прави државата со парите што тие ги инвестираат во неа. На тој начин граѓаните ќе бидат информирани како работат и што, всушност, работат нивните политички избраници и ќе можат да ги разберат одлуките што тие ги донесуваат, ќе можат да влијаат при нивното донесување, ќе учествуваат во нивното креирање и особено ќе стекнат доверба во власта и ќе имаат чувство дека се рамноправни членови на општеството во кое живеат…“, затоа што „транспарентноста односно отвореноста во постапката на планирање, креирање и на имплементација на државните политики, а особено транспарентноста во однос на  планирање и на спроведување на јавните финансии, е клучен елемент за добро владеење“.

Оттука, сосема е логично и легитимно прашањето, не дали, колку и зошто се затворени, односно отворени институциите, бидејќи таа (не)транспарентност во нивното работење укажува на степенот на развој на (не)демократската свест на тој што менаџира со општествените процеси и со јавноста – власта, туку дали и како медиумите известуваат за таа нивна (не)транспарентност, со што сведочат за реалното исполнување на очекуваната функција на институциите како сервис на граѓаните, станувајќи нејзини верификатори, но и критичари на дело на „маскирното“ претставување на нивото и на квалитетот на услугите и добрата, кои институциите ги даваат финансирани со народни пари.

А, обиди има, некои поквалитетни, некои помалку квалитетни, некои целосни, некои само го адресираат проблемот… Важно е дека помрднување има и тоа позитивно, по примерот на: „Аналитика тинк тенк“: Енергетскиот сектор не транспарентен и не дава отчет“, „Експерти, многу важни одлуки донесени зад затворени врати“, „Власта бега од детален отчет за трошењето на народните пари“„Македонските институции остануваат затворени за јавноста“, „АНАЛИЗА: Јавноста мора да има увид во имотната состојба на функционерите!“…

 

ХЕРМЕТИЧКА ИЗОЛИРАНОСТ НА ИНСТИТУЦИИТЕ

Уште повеќе, медиумите лека-полека ја преземаат и улогата на „будно око“, „dog watch“, вечни критичари на општествените текови, пробивајќи ја нивната херметичка изолираност која се изразуваше и сè уште се изразува до степен на стерилност и на слепа сервилност во политичкото во обидот да ја информираат јавноста за тоа за кого и како ги даваат нивните пари, а сходно и за нивото на квалитет во добивањето на услугата од институциите.

Сосема на крај, оправдано е и прашањето за влијанието на сликата што, во обидот да ја информираат јавноста, медиумите ја имаат врз истата преку канализацијата на информацијата и нејзиното „филтрирање“во функција на системот или во функција на јавноста, што повторно нè враќа на почетокот на тезата, која вели дека преку положбата и значењето на новинарската професија во едно општество, може да се процени неговата отвореност и демократичност, односно почитување и загарантираност на слободното мислење, искажување, здружување и, воопшто, на слободниот живот. Токму затоа треба да се истакне дека новинарот е присутен во секоја негова информација, па затоа и не може да се крие зад некој т.н. „апстрактен чист факт“. Во неа веќе е имплицирано неговото гледиште, кое како такво може да се набљудува низ лупата на една етичка квалификација или валоризација. Имено, ние не живееме како некои апстрактни суштества, надвор од општеството и надвор од историјата, туку сме „длабоко вкопани“ во сите случувања околу нас, па оттука сме и нераздвоен дел од тие случувања и од тој живот. Етички апострофирано: сите ние сме одговорни за квалитетот на животот, кој се произведува и со нас и против нас, и за нас и во нас самите, затоа што од своја страна дури и да не правиме ништо, сепак придонесуваме за тоа животот да ни биде таков каков што е!

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести