verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

ТВ-дневник: Уа СДСМ, браво ВМРО-ДПМНЕ, срам да ти е Ванхауте!

on 3 - 12 - 2015       
Нападни ја опозицијата, нападни ги странците и имаш ТВ Дневник. Фото: скриншот, колаж: СПФМ.
Нападни ја опозицијата, нападни ги странците и имаш ТВ-дневник. Фото: скриншот, колаж: СПФМ.

 

[Критички осврт врз ТВ-дневникот на „Алфа“ во 17.30 часот на 1 декември 2015 година]

 

Трошењето на народните пари влезе во фокусот на јавниот интерес и во една ваква ситуација гледачот очекува објаснување на комплексните економски одлуки. Наместо тоа, централниот дневник на „Алфа“ нуди спинувани еднострани објави, кои субјективно може да се резимираат на следниов начин: Заев е виновен, Ванхауте не нè сака, а власта реди успеси.

 

Пишува: Александар Пешев

 

Прва реченица со која се отвора информативното издание е „Скандал до скандал“, но како што течат вестите, сè повеќе станува евидентно дека имаме информативно издание кое е „коментар до коментар“ со по некој спин. Едностраноста е очигледна, имајќи предвид дека за власта се резервирани пофалби, а критиките се ексклузивно посветени на опозицијата и на меѓународната заедница, што јасно ја покажува политичката пристрасност на вестите.

Првиот прилог во вестите вклучува елементи од сите засегнати страни, но содржи коментари во кои се напаѓа лидерот на опозицијата. Тоа, пак, говори за тоа на која страна натежнува овој прилог.

Следи техничка информација која интегрално пренесува ставови на новинарски здруженија, за, на крај, повторно да се направи спин, поточно да се „стават зборови во устата“ на Европската комисија. Така, во ТВ-дневникот се констатира:

„На овие скандалозни изјави денеска експресно реагираше и Европската комисија. Тие му испратија јасна порака на Заев дека не треба да се меша во слободата на изразување.“

Во самата изјава на портпаролот на ЕК, Маја Коцијанчич, пак, се вели:

„Нема да коментираме индивидуални изјави, но знаете добро дека дека ние ја подржуваме слободата на медиумите и работиме со многу земји во светот вклучително и со БЈР Македонија на ова прашање. Исто така, ја знаете и последната состојба, бидејќи ја презентиравме во извештајот за напредокот.“

Според логичниот след на нештата, се очекува на гледачот да му се објасни што има во извештајот на комисијата, споменат во изјавата. Еве, на пример, токму во овој дел од европскиот извештај е наведено:

„Најголемите телевизиски станици со концесии за национално емитување (Сител, Канал 5, Алфа и МРТ, јавниот сервис) даваат подршка на Владата и селективно известуваат за активностите на опозицијата или граѓанското општество.“

Но, наместо тоа, дневикот продолжува со редење еднострани објави во блокот вести, кој може да се именува „Скандалите на Заев“.

 

ОПОЗИЦИЈАТА ГИ ПРИТИСКА БАНКИТЕ!

И во следниот прилог во дневикот беше посветен на „скандалозното однесување на опозицијата“.

Имено, изјавата на лидерот на СДСМ дадена на 1 декември 2015 година, во која тој вели:

„Пред денешната закажана аукција за новото задолжување на граѓаните од страна на власта од 100 милиони евра, ги повикувам банките да се водат од државниот интерес и од интересот на граѓаните на Република Македонија и да не се јават на аукцијата“,

во овој материјал се толкува како политички притисок врз банките.

Во дневникот има и изјава на задоволните пензионери кои ќе добијат исплата в петок, потоа апел на владејачката партија до опозицијата да ги остават банките и медиумите.

По 12 минути коментирање против СДСМ, на ред за напад доаѓа и претставник на меѓународната заедница.

Дневникот за олеснувачот Питер Ванхауте констатира:

„според него, Македонија не била дел од Унијата и не заслужуваме европски стандарди“,

а изјавата на посредникот се парафразира. Гледачот треба да му поверува на новинарот дека белгискиот посредник го навредил македонскиот народ со тоа што порачал да не се копираат закони од други земји и решенијата да се адаптираат на македонски услови. Но, затоа повторно се презентира став на четири ТВ-станици, од кои три се директно прозвани во европскиот извештај како „подржувачи на власта кои селективно информираат“.

 

ПЕТМИНУТЕН БЛОК „БРАВО ЗА ВЛАСТА!“

А, што е со владејачката партија? На што власта ќе ги троши стоте милиони евра со кои ги задолжи граѓаните? Што се прави за адресирање на европските забелешки за слободата на медиумите, како власта постапува во овие инстанци? Сите овие прашања во фокусот на јавниот интерес не се директно одговорени во централните вести на медиумот. Наместо тоа, имаме петминутен блок од прилози, кој слободно може да се нарече „Браво за власта!“

Така, по 15 минути коментари и напади, имаме редење успеси: странска компанија ќе отвора фабрика и ќе вработува луѓе, се гради нов селски пат, се вработуваат волонтери во градинката во Делчево…

Меѓутоа, успесите не застануваат тука. Македонија е пофалена и за справување со мигрантите и со бегалците, благодарение на претседателот Ѓорге Иванов. А, судејќи по следниот напис, „лошата ЕУ“ не сака да даде пари, односно, како што констатира прилогот: „пари од ЕУ само ако се згрижат мигранти во Македонија“. Во него, пак, нема ниту една изјава, ниту официјална информација.

Остатокот од информативното издание е посветен на владините мерки за вработување, информации за кампањата против семејното насилство и на светскиот ден за борба против ХИВ/СИДА.

Фактички, имаме информативно издание поделено во два поголеми блока. Првиот ги напаѓа опозицијата и меѓународните претставници, спинувајќи изјави од Европската комисија, а вториот е посветен на нотирање на успесите на владејачкото мнозинство. Па, гледано во целина, на гледачите им е понуден ТВ-дневник што наспроти професионалните новинарски стандарди, нагласено го фаќа аголот на власта.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести