verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

ТВ-дневник: Фали го премиерот, нападни ја опозицијата и имаш дневник

on 3 - 12 - 2015       
Нова спортска сала, нова ударна вест во централни вести. Фото: скриншот
Нова спортска сала, нова ударна вест во централни вести. Фото: скриншот

 

[Критички осврт врз ТВ-дневникот на „Сител“ во 19 часот на 2 декември 2015 година]

 

Сè на сè, ова се вести кои немаат ниту „п“ од професионалност, ниту „н“ од новинарство. Кога во половина ТВ-дневник се напаѓа опозицијата, елементарно е да ѝ се даде дел од времето и неа да одговори на нападите. Таа е, сепак, важен чинител во една држава. Но, за овие вести тоа не е така.

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Кога едно информативно издание почнува со промотивен прилог за тоа што направил премиерот Никола Груевски, а завршува со блок од десетина минути со напад врз лидерот на опозицијата, Зоран Заев, се прашувате дали е 1970 година во поранешната СФРЈ или Македонија во 2015 година?! Без разлика во кој временски период од режимот во поранешната држава ќе го ставите овој ТВ-дневник, тој ќе биде функционален. Проблем е што тој, исто така, функционира и во 21 век во Македонија, која е независна, декларирано демократска земја и мора да има слободни и објективни медиуми. Сепак, овој ТВ-дневник покажува дека тоа не е така.

ТВ-дневникот грубо беше поделен на три блока.

Првиот беше блок за односи со јавноста, со два прилога кои ја извеличија посетата на премиерот Груевски на Прилеп, отворањето на новата фабрика и на новото игралиште. Вториот блок беше „посветен“ за напад врз опозицијата, пред сè, за измените на Законот за медиуми, а третиот блок имаше задача да ја пофали акцијата „Ден на дрвото“.

 

ПРВА РУНДА – ПОФАЛБИ ЗА ПРЕМИЕРОТ

Во првиот прилог, со кој се отворија овие вести, беше посочено дека отворањето на фабриката на „Гентерм“ во Прилеп, американска инвестиција од 20 милиони евра, ќе овозможи нови 2.000 работни места.

Вториот прилог во овој ТВ-дневник беше за отворање на игралиште, каде присуствуваше и премиерот, Никола Груевски. Меѓутоа, во него беше премолчена реакцијата на опозицијата, која истиот ден обвини дека ова игралиште се пушта во употреба вторпат. За тоа има и докази и фотографии, но во конкретниот случај, очигледно, овој податок не бил интересен за да стане дел од прилогот. А, еве што соопшти СДСМ:

„Без идеи и без резултати зад себе, немајќи што да им понуди на прилепчани, власта во заминување, денеска си поигруваше со граѓаните на општина Прилеп, поканувајќи ги на свечено пуштање во употреба на веќе отворено спортско игралиште. Локалната самоуправа, вчера лиферуваше покана до медиумите во која ги покани на свечено пуштање на стадионот со вештачка трева во населбата типски, со напомена дека настанот ќе биде отворен во присуство на премиерот Груевски.“

 

ВТОРА РУНДА – НАПАД ВРЗ ОПОЗИЦИЈАТА

Вториот блок почна со директен напад врз опозицијата за понудените измени во законот за медиуми. Па, дури во четири прилога жестоко беше нападната опозицијата, а не ѝ беше дадено право да се брани, како што, впрочем, налагаат и новинарските етички стандарди.

Во прилогот „ЕП нема да прифати закон кој овозоможува цензура и затворање на медиуми“, од само еден словачки европратеник, кој има куса изјава, се вади заклучок дека Европската унија нема да прифати закон кој овозможува цензура и затворање на медиумите. Во текстот нема ниту изјава на некој висок претставник од ЕУ, ниту, пак, на портпарол. Тој се повикува единствено на ставот на споменатиот европратеник, кој, пак, е од редовите на европските демохристијани и редовен гостин во прилозите на провладините медиуми кога се сака да се нападне опозицијата. Зошто, на пример, на новинарот не му текнало да побара изјава од некој европратеник социјалдемократ или либерал. Можеби и тие би имале ист став, но гледачите заслужуваат да имаат информации од повеќе страни. Или, најлесно што можело да се направи е да се вметне изјавата од Маја Коцијанчич, портпаролка на Јоханес Хан, која пред три дена имаше изјава на оваа тема и рече:

„Нема да коментираме индивидуални изјави, но знаете добро дека ние ја поддржуваме слободата на медиумите и ние работиме со многу земји во светот, вклучително и со поранешна југословенска република Македонија за ова прашање. Исто така, ја знаете последната состојба, бидејќи ја презентиравме во прогрес-извештајот“.

Во врска со прилозите против опозицијата, исто така, сите имаат еден заеднички момент, а тоа е дека ја нема реакцијата на СДСМ. Кога во четири прилози се напаѓа опозицијата во една држава, а притоа во ниту еден немало намера да се земе изјава од првите луѓе на партијата, минимум што можеле е барем да пренесат дел од рекациите и од демантите на СДСМ:

„Груевски се плаши од вистината. Затоа Груевски нервозно ровари против процесoт за професионални медиуми, заедно со медиумските послушници навикнати на корупција со пари од граѓаните. Груевски сака да постојат само „Курир“ и куририте што ги читаат на телевизија виртуелните вести објавени од ова гласило. Се што е поврзано со вистината медиумските курири имаат задача да го блокираат. Затоа воопшто не се пренесуваат ставови на граѓани, здруженија, политички партии и експерти коишто се критични за Никола Груевски и неговите погрешни политики. Дури ниту демантите за лагите објавени од страна на медиумските курири не се објавуваат“, се наведува во соопштението“.

 

ТРЕТА РУНДА – СИТЕ ДРВА ПОРАСНАА

Во третиот блок на овој ТВ-дневник се остави малку простор за Денот на дрвото, со еден прилог. Но, овој прилог беше крајно несодржаен и необјективен. Немаше никаков критички осврт за тоа колку дрва досега се фатиле и пораснале (освен податоците кои ги добиле од државните институции), како и информација за тоа колку пари се потрошени за оваа намена. Во еден ваков прилог се очекува да има некое стручно лице кое ќе каже дали периодот е добар за садење дрвца, какви дрвца можат да се садат овој период… Тоа го немаше во овој ТВ-дневник, како што ја немаше ниту оваа вест која ја имаа другите медиуми:

„Градоначалникот Зоран Заев и Општина Струмица и оваа година не се вклучија во националната акција „Ден на дрвото – засади ја својата иднина“, туку, реализираа паралелна и посебна акција потврдувајќи го на вистински начин својот сериозен однос кон животната средина.

Со повеќегодишни садници се вршеше пошумување на старата струмичка депонија која што се наоѓа до гасната станица на Јавното претпријатие „Струмица гас“ на транзитниот пат на излезот од Струмица кон Валандово“.

И другите вести, кои се очекуваше колку-толку да бидат објективни, не ги исполнија очекувањата. Во прилогот за поканата на Црна Гора во НАТО, беше смислено пуштена реакција на Руската Федерација со посебна назнака дека оваа држава ќе претрпи штета поради тоа. Но, тоа што смислено не беше пуштено е реакцијата на опозициските партии за влезот на Црна Гора во НАТО:

„Министерскиот совет на НАТО донесе одлука Црна Гора да биде поканета за нова членка на Алијансата. СДСМ им честита на граѓаните на Црна Гора за овој успех на земјата. За жал, додека земјите од регионот чекорат напред во евро-атланските интегративни процеси, Македонија, со Никола Груевски, десет години стои во место“

Во вестите имаше место само за уште овие два прилога:

Овие прилози, исто така, имаа форма на реклама за власта, без критички осврт, несодржајни и небјективни. Вториот прилог е изјава на премиерот на оваа тема, но, сепак, новинарот можел да се потруди барем во еден дел критички да се осврне на темата. На пример, за тоа дали е реална ваквата прогноза.

Поради силниот наплив на текстови што имаа цел да ја нападнат опозицијата (односно,  да ја воздигнуват власта), во ТВ-дневникот не остана место за ниту еден прилог од светот. Без вакви вести едно информативно издание е нецелосно. Македонија не е изолирана земја, туку, исто така, е дел од глобалните процеси.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести