verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

ТВ-дневник: Војничко гравче!

on 4 - 05 - 2015       
Мало, ама техничарче! Мал протест, ама подобен - подобноста како критерум за вест. Фото: видео клип скриншот/додадено лого
Мал протест, ама подобен – подобноста како критерум за вест. Фото: видеоклип скриншот/додадено лого

 

[Најмасовниот првомајски протест невидлив во ТВ-дневникот на  ТВ „Алфа“, 1 мај 2015 година, 17.30 – критички осврт]

 

Затворањето на очите пред важните вести на денот е затворање на очите пред вистината.

 

Пишува: Оливера Војновска

 

Под мотото „Не бидете опуштени, за да не бидете отпуштени“, низ улиците на главниот град се одржа најголемиот првомајски протест во последните неколку години (1 мај 2015 година). Илјадници граѓани од повеќе генерации –  работници, административни службеници, преведувачи, новинари, уметници, активисти, невработени лица, по повод Меѓународниот ден на трудот маршираа со знамиња, свирчиња и со транспаранети, барајќи социјална правда и поголеми  работнички права.

Но, овој масовен работнички протест, зад кој застанаа повеќе синдикални организации и левичарски движања, не можеше да се види во централниот дневник на телевизија „Алфа“ во петокот, на 1 мај 2015 година. Оваа телевизија со национална концесија го видела само „Маршот на солидарност на Сојузот на синдикати на Македонија и Конфедерацијата на слободни синдикати“, на кој учествуваа стотина души!

 

ГЛАСНОСТ САМО ЗА ТИВКИОТ МАРШ

Иакo двата протеста се одвива речиси истовремено и паралелно, сепак, тивката прошетка на синдикалците предводени од Живко Митрески, која почна од  згдадата на ССМ, па продолжи покрај Собранието и Порта „Македонија“ до плоштадот, изгледа оставила многу силен впечаток на известувачот, со оглед на тоа што целиот прилог е посветен на „Солидарниот марш“. Во овој материјал нема ниту збор за протестот кој беше во организација на потписниците на „Повелбата за солидарност“: Синдикатот на УПОЗ, Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Синдикатот на македонската дипломатска служба, Синдикатот на работниците во културата, Мешаниот синдикат за образование, како и Левичарското движење „Солидарност“ и Движењето за социјална правда „Ленка“.

И, несомнено, не се работи за превид, туку за намерно изгнорирање на маршот кој почна пред споменикот на Синдикатот меѓу двете светски војни кај „Југодрво“, од каде  продолжи  кон Собранието, Министерството за труд и социјална политика и  заврши пред Владата, со повик учесниците да се потпишат за поддршка на „Средношколски планум“, кој бара суштински промени во екстерното тестирање.

Некој, веројатно, проценил дека во јавноста не треба да се пренесат атмосферата од протестот и барањата кои колоната незадоволни граѓани ги искажа пред парламентот: „оставка од спикерот, Трајко Вељаноски  и пратениците да ѝ изгласаат недоверба на Владата, за да може да се отворат внатрешни и надворешни истраги за узурпациите на власта“.  А, веројатно, некој сметал и дека јавноста не треба да разбере ниту за транспарентите што ги носеа демонстрантите, на кои можеа де се прочитаат паролите: „Груевски: Земам од сиромаси давам на богати!“,„Народот го крадете“, „Нема правда, нема мир“, „Оставка, оставка“, „Грда (Ружна) ви е Владата“, но и порака до претседателот на ССМ, „Додека работникот се гуши, Живко на Грујо му го пу.и.“

Впрочем, не е тешко да се претпостави зошто  протестот  и пораките испратени од него, воопшто не добија простор во дневникот. Намерата, очигледно, била да се скрие револтот на работниците кој се „излеа“ на улица, поради лошите законски решенија кои ги обесправуваат, тешката финансиска ситуација, класните разлики, немаштијата. Па, наместо да се направи чиста и политички необременета информација за главниот настан тој ден,  на гледачите им се подметнува необјективен прилог, во кој се истакнува значењето на „двата репрезентативни синдиката“ (Сојузот на синдикати на Македонија и Конфедерацијата на слободни синдикати), а особено „крупните чекори на ССМ во заштитата на работничките права“! Што е непрофесионално и неодговорно кон публиката на која ѝ се обраќа медиумот.

 

ЗАМИЖУВАЊЕ

Првата вест во ТВ-дневникот беше дека скопското јавно обвинителство за организиран криминал покрена обвинение за осомничените во случајот „Пуч“, меѓу кои е и лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Официјалното соопштение од обвинителството е коректно пренесено, но фали информацијата дека обвинението против Заев е поднесено претходниот ден во доцните вечерни часови (30 април 2015 година), еден ден пред партискиот Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ и само неколку часа откако тој од Кавадарци најави дека на 17 мај ќе биде организиран сенароден протест во Скопје.

Исто така, недостига и реакцијата на СДСМ, кој не е изненаден од одлуката на Јавното обвинителство, за, како што велат, конструираниот случај „Пуч“ (објавена во прилозите на повеќе медиуми).

Во СДСМ очекуваат „брзо да се донесе и пресуда против лидерот на опозицијата и другите лица кои се во притвор“. Според социјалдемократите

„Одлуката, максимално брзо да се донесе обвинителен акт, доаѓа директно од Никола Груевски и Сашо Мијалков, кои се фатени во рушење на уставниот поредок и злодела врз граѓаните на Македонија.“ 

Инаку, во дневникот немаше ниту посебни материјали за овие инфорамции. Со ваквото замижување е пропуштена можноста гледачите целосно да се информираат, особено затоа што се работи за случај кој со внимание се следи во јавноста.

Но, затоа пак, веднаш по овој прилог во вестите  беше пуштен материјал  насловен: „Заев со застарени и неточни податоци се обидува да се извлече!?“, во кој се тврди дека:

проверките кои ги направила истрагата излегува дека клучните докази кои Заев ги нуди во одбрана се неточни,

и кој ја турка тезата дека лидерот на СДСМ е губитник во случајот „Пуч“.

 

ВОЈНИЧКО ГРАВЧЕ!

Истовремено, треба да се каже дека во дневникот е направен  пропуст и со тоа што не е објавена веста која ја потврди МВР, дека утрото на први мај (2015) во Струмица, автомобил „пунто“ удрил во приватното возило на Заев, кој за време на несреќата, во која се повредени шест лица, не бил во автомобилот. Во моментот на сообраќајката во „аудито“ биле возачот на опизицискиот лидер и неговата сопруга.

За ова можело да се направи макар куса вест, особено кога место во вестите се најде и за информацијата (која ја прочита водителот, a имаше и видеоснимка од настанот) дека во скопското село Кучково „со војничко гравче  е чествуван денот на крстот“! Јавноста беше информирана дека на литургијата присуствувале граѓани од цело Скопје и дека за гравчето се „чекало долг ред“!

Во овој празничен дневник, кој траеше околу 25 минути, имаше и професионално обработени материјали, како што е оној за одбележувањето на 1 Мај во Европа и низ светот и прилогот кој ја прикажува атмосферата за  првомајскиот викенд во Охрид.  Коректна беше и информацијата дека е уапсен последниот член од кондовската група предводена од Агим Красниќи, осомничен за повеќе кривични дела, меѓу кои насилство и тероризам.

Сепак, овие написи останаа во сенка на недозволивото елиминирање на најмасовниот и најгласен првомајски протест (последниве години). Настан, за кој не смее да не се извести во централниот дневник на една национална телевизија.  Се разбира, ако таа има цел навремено, објективно и вистинито да ги информира гледачите. Во конкретниот случај, очигледно, не биле такви намерите, туку дневникот имал друга мисија – да ги „затвори очите“ пред вистината!


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести