verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

ТВ-дневник: Политичка програма со Груевски во главна улога

on 10 - 03 - 2016       
Испробан рецепт: спомни една те иста странска инвестиција во што повеќе прилози и после пушти некој да ја нападне опозицијата. Фото: скриншот/колаж
Испробан рецепт: спомни една иста странска инвестиција во што повеќе прилози и потоа пушти некој да ја нападне опозицијата. Фото: скриншот/колаж

 

[Критички осврт врз ТВ-дневникот на „Канал 5“ во 18 часот на 09.03.2016 година]

 

Ударно, со политичка пропаганда, фалење на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и со напади врз опозицискиот СДСМ. Ова беше главната слика од овој ТВ-дневник, кој освен партиски прилози, немаше други вести. Она што беше позитивно во дневникот беше опширната анализа за бегалците и за затворањето на балканската рута.

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

ТВ-дневникот почна ударно со главна вест за посетата на премиерот Никола Груевски на Кичево и на околината и овој прилог траеше дури седум минути и дваесет секунди, со јавување во живо од Кичево. Најпрвин, беше соопштена веста дека се отворил новиот објект на американската компанија „Ки сејфти системс“, која се очекува до крајот на годината да вработи 1.000 луѓе, по што следуваше изјава на Груевски кој се фалеше дека невработеноста во Македонија била намалена на историски најниско ниво.

Во рамките на овој прилог, гледачите повторно имаа можност да го видат и да го слушнат Груевски од Кичево, на средби со жителите на Другово и на Вранешница, кои му се пожалиле за проблемите. Следеа кадри од пречекот на Груевски, во кои неколку луѓе го гушкаат. Класична пропаганда и популистички прилог. Секако, тука не изостана ниту главниот потег на Груевски во последно време, решавање на проблемите на граѓаните на самото место.

Овој прилог, кој неколкупати го спомнуваше и го прикажуваше Груевски како дава изјави и разговара со граѓани, повеќе наликуваше на платена политичка програма, отколку на информативен дел каков што би требало да има во еден ТВ-дневник.

Но, тоа не е сè. По исцрпниот прилог за Кичево, на гледачите повторно им се сервираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, овојпат со неговите „одлични“ вести објавени на неговиот фејсбук-профил, каде ја најавува инвестицијата на „Ки сејфти системс“, онаа од претходниот прилог од Кичево, како и нова инвестиција, откупно-дистрибутивен центар во Илинден. Следуваше разговор на Груевски на англиски, со господин за кој не беше посочено кој е и на кој начин е поврзан со новата инвестиција во Илинден.

Откако гледачите се изнаслушаа сè најубаво за Груевски, следуваше прилог и за опозицијата. „Дали СДСМ се подготвува за ново одложување на датумот за избори“ беше поставеното прашање. По него – констатацијата на аналитичари, дека прочистувањето на избирачкиот список и појавата на т.н. фантомски гласачи биле само алиби за опозицијата за да ги проблематизира изборите. Но, во прилогот немаше аналитичари, туку целата констатација беше базирана на изјавата на еден аналитичар. Неговиот заклучок беше поткрепен и со „слабиот рејтинг на СДСМ на последните анкети“, иако не слушнавме за кои анкети конкретно станува збор и кој и кога ги изработил.

Потоа беше прочитано соопштение од ДИК дека вкрстената проверка на избирачкиот список е при крај и дека ќе бидат запазени сите рокови за изборите.

По ова следуваше информација дека СДСМ отворил телефонска линија за пријавување неправилности во избирачкиот список и изјава на потпретседателот на партијата, Дамјан Манчевски, кој ги повика граѓаните да пријавуваат нерегуларности.

Следуваше уште еден прилог за опозицијата, но овојпат беше вклучена и специјалната обвинителка Катица Јанева. Повикувајќи се на емисијата „Во центар“ на Васко Ефтов, емитувана дури пред три дена, во која тој разговара со новинарката Мирка Велиновска, во прилогот се заклучува дека „Заев, Верушевски и Јанева учествуваат во разнебитување на Македонија“ и дека Груевски е единствениот што ги спречува во тоа. Тешко обвинување базирано на изјава на еден човек. Ова е непроверена информација која се пласира како вистинита.

Овој дел од ТВ-дневникот заврши со информацијата дека Уставниот суд го утврди текстот на решението за Законот за помилување и дека ќе го достави до Собранието на разгледување. Во тој контекст само беше спомнато дека претходно неколкупати имало протести пред Уставен суд, но гледачите не беа информирани за што конкретно беа тие протести ниту, пак, кој ги организирал и за што граѓаните се бунеле.

Вториот дел од дневникот беше посветен на проблемот со мигрантите и на затворањето на балканската рута, на состојбата на македонско-грчката граница, од каде имаше репортажа, а беше направена и опширна анализа за тоа што понатаму ќе се случува со бегалската криза.

Преку директно вклучување од Берлин, гледачите имаа можност да слушнат какви се реакциите во Германија по затворањето на балканската рута и како ќе се одвива овој план кога илјадници бегалци уште чекаат да заминат во Германија.

По ова следуваше информација за протестот на отпуштените од работа хигиеничари кои работеле во транзитниот центар „Винојуг“ во Гевгелија, а кои ја обвинуваат министерката за труд и социјала, Фросина Ременски, дека бесправно ги избркала од работа и на нивно место вработила партиски луѓе. Имаше изјава и од Ременски во која таа посочува дека нема никаква одговрност за нивното отпуштање, бидејќи тие не биле ангажирани преку министерството, туку преку јавното комунално претпријатие во Гевгелија.

Потоа имаше прилог за „Жестоката дебата за образованието во Собрание“ во кој беа застапени ставови и на власта и на опозицијата.

ТВ-дневникот заврши со веста за „Еуроимпекс“ кој ја продолжил соработката со светски брендови. Ова повеќе наликуваше на рекламен прилог.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести