verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Преведете сè што можете, а имињата транскрибирајте ги

on 10 - 03 - 2016       
Новинарството има круцијална улога во чување на говорот и јазикот. Фото: Flickr.com
Новинарството има круцијална улога во чување на говорот и на јазикот. Фото: Flickr.com

 

Што би бил новинарот без јазикот? А на што ќе личи јазикот ако бескрајно му дотураме уште и уште туѓи зборови, кои со малку труд би можеле да се преведат?

 

Пишува: Лилјана Петрушевска

 

Медиумскиот простор станува густ и речиси задушлив од брзиот трансфер на информациите. Сите брзаат да соопштат нешто пред јавноста и во тоа, се разбира, да бидат први, единствени барем неколку минути. Притоа, некогаш многу набрзина се прават преводи со намера информацијата што се презема од странски медиум што поскоро да ѝ се презентира на македонската публика. Трката со информациите е оправдана, зашто во медиумскиот простор таа е таа што би требало да обезбеди приход, колку и да се изместени вредностите во тој поглед кај нас. Но, ако во таа трка се заборават целите на новинарството, неговите вредности, тогаш што ќе го направи еден медиум поинаков од, на пример, социјална мрежа, на која речиси секому е дозволено да објави сешто?

Денес во македонскиот медиумски простор, особено на интернет, навистина е тешко да се прави разлика меѓу медиумите во вистинска смисла на зборот, оние што претендираат да информираат, и медиумите кои се, всушност, блогови, или го претпочитаат таблоидното известување. И за едните и за другите еднакво важат правилата на стандардниот македонски јазик, а меѓу нив и тоа дека:

Туѓите имиња се пишуваат со наше писмо, по правило, онака како што се изговараат. При тоа нивните гласовни особености се прилагодуваат колку што е тоа можно кон гласовниот систем на нашиот јазик, т.е. гласовите што ги нема во нашиот јазик се предаваат со наши слични гласови,

како што прецизно стои во „Правопис на македонскиот литературен јазик“.

Ова правило, всушност, кажано поедноставно, вели дека сè што во јазикот доаѓа од друг јазик, освен имињата, се преведува, а имињата, пак, се транскрибираат.

 

ГРЕШКИТЕ ВОДАТ ДО НЕРАЗБИРЛИВОСТ

Мешањето на преводот и на транскрипцијата на имињата е многу чест случај во нашите медиуми. Иако е сосема прецизно кажано, тоа правило не се почитува во голем број интернет-портали, кои поради својата природа, односно темите што ги опфаќаат, можеби и не се квалификуваат како медиуми во вистинска смисла на зборот, но сепак ѝ се обраќаат на поширока целна популација.

Еве неколку примери:

Дури и за ваков вид интернет-портали, правилата треба да се почитуваат зашто јавноста преку нив се информира за одредена тема, од кој и да е сегмент на општественото живеење.

Разбирливоста на текстот е уште еден од постулатите при пишувањето во новинарството, а тоа најмногу се постигнува со почитување на јазичниот стандард. Ако фрлиме само бегол поглед на посочените наслови, повеќе од јасно е дека тие немало да изгубат од својот квалитет ако се напишеле на стандарден македонски јазик, а најверојатно ќе биле поразбирливи.

Можеби некој читател не знае дека „чита“ и „гепард“ се еден ист животински вид, дека „ајлајнер“ е, всушност, „моливче за очи“ или дека „outfit“ е „изглед“. Всушност, во сите три случаи станува збор за општи именки и сосема очигледно е дека треба да се преведат, а не да се транскрибираат, а уште помалку да се напишат во оригинал, како за  нив да не постои соодветен збор во македонскиот јазик.

Другите примери не се ниту за коментирање, бидејќи очигледно е дека не се направил никаков напор да се преведат изразите. Притоа во мешањето на транскрипцијата и на преводот се одело дотаму што, како што се гледа во последниот наслов, дел од изразите се транскрибирани на кирилица наместо да се преведат (оверсајз, од oversize со значење „широки“), а дел се употребени во некое извитоперување на основната форма (MUST-HAVE, напишано со цртичка, а со значење „мора да се има“).

Мешањето на транскрипцијата и на преводот, за жал, се сретнува и кај медиуми кои претендираат да бидат информативни, сериозни:

Или:

Се организираат протести во над 30 градови во САД против обидите на Федералното биро за истрага (ФБИ) да ја принуди компанијата „Епл“ преку судска одлука да му достави програма за разбивање на заштитата на смартфоните што ги произведува.

Не треба да се биде стручен за да се знае дека името на филмот е „Кунг-фу панда 3“, односно дека не е нужно да стои напишано на латиница, особено зашто зборовите што го сочинуваат името на овој наслов се интернационално прифатени, па и во нашиот јазик се употребуваат како такви. Од друга страна, „Game of Thrones“ без никаква потреба е напишано во својата оригинална форма зашто овој филмски серијал е веќе преведен и за македонскиот пазар како „Игра на тронови“.

„Фановите“, кои многу често можеме да ги сретнеме и на спортските веб-страници, всушност, се „обожаватели“, „трејлер“ е „промотивен видеозапис“, „смартфоните“ се оние модерните „паметни телефони“, а „кол центар“, ако добро сме го разбрале текстот, најверојатно е „инфо-централа“.

Оттаму, зошто да се употребат вака транскрибирани, па дури и во некоја своја „македонска форма“ кога станува збор за именки што треба да се преведат и за кои, всушност, постои превод кој одлично ја одразува смислата? (Овде ќе прескокнам да ги коментирам другите јазични грешки, како името на фирмата „Џои матркетинг груп“ напишано без наводници, пар горни наводници наместо отворен наводник долу и затворен наводник горе…)

 

НОВИНАРСТВОТО ПОДРАЗБИРА ЕДУКАЦИЈА И КУЛТУРА НА ГОВОРОТ

Едукацијата е една од основните цели на новинарството. Која и да е темата што ја обработува, новинарскиот производ ја информира јавноста, ѝ презентира нови сознанија и оттаму и ја едуцира. Во смисла на примерите што ги посочивме погоре, едукацијата како вградена компонента на новинарскиот занает, подразбира на читателската публика да ѝ се сервира информацијата, од која област и да е, на стандарден македонски јазик со почитување на јазичните правила во целост, зашто на тој начин и таа, публиката, се учи да го почитува својот мајчин јазик, а и јазично се обогатува.

Покрај едукативната функција, новинарството треба и да ја негува културата на говорот, а тоа подразбира да го негува и јазикот зашто тој е, сепак, основно новинарско средство. Што би бил новинарот без јазикот? А на што ќе личи јазикот ако бескрајно му дотураме уште и уште туѓи зборови, кои со малку труд би можеле да се преведат? И зошто сето тоа? Ќе изгледа модерно?

Всушност, не би рекла дека е модерно да се знае странски јазик, особено англиски. Тоа во денешното општество е повеќе потреба отколку мода. Ама да не се знае да се преведе од англиски на македонски, не само што не е модерно, туку значи дека не се познава сопствениот јазик, дека не се владее неговиот фонд на зборови. За сè постои превод, само треба да се пронајде соодветниот збор. Дури и ако не се пронајде, умешноста на пишувачот се гледа и во неговите зборообразувачки способности. Оттаму, во духот на нашиот јазик и на неговиот правопис, препораката е: Преведете сè на македонски јазик, а имињата транскрибирајте ги со македонска кирилица.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести