verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

ТВ-дневник: Медиумска хајка против опозицискиот лидер и барање втора страна, колку да се рече

on 18 - 09 - 2016       
Удри по лидерот на опозицијата и не барај коментар, извести за нешто друго и тогаш барај мислење на опозицијата. Фото: скриншот
Удри по лидерот на опозицијата и не барај коментар, извести за нешто друго и тогаш барај мислење на опозицијата. Фото: скриншот

 

[Критички осврт врз ТВ-дневникот на „Алфа“ во 17.30 часот на 16 септември 2016 година]

 

Овој ТВ-дневник ги опфати актуелните дневни настани, беше полн со информации, во голем дел со професионални прилози. Сепак, она што бодеше очи беше пропагандната хајка против лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и рекламните прилози за неколку владини проекти. Интересно беше и тоа што во некои од прилозите се нагласуваше дека СДСМ не сакал да даде став, иако токму во тие прилози немаше потреба од никаков став од опозициската партија. Таму, пак, каде што реално гледачите требаше да ја слушнат втората страна, неа ја немаше

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

ТВ-девникот почна со една интересна вест, дека осум мигранти ја тужат Македонија во Стразбур за кршење на човековите права. Станува збор за мигранти од Сирија, Ирак и од Авганистан, кои заедно со уште 2.000 други на 14 март преку Сува Река нелегално влегоа во Македонија, по што беа запрени кај селото Моин. Прилогот беше полн со информации и содржаен. Она што недостигаше беше ставот на македонската влада и нејзината реакција на тужбата.

Вториот прилог, исто така, беше поврзан со бегалците, но овојпат со помошта која ЕУ ѝ ја дава на нашата држава за справување со бегалската криза. Во фокусот на прилогот беше изјавата на евроамбасадорот во земјава, Самуел Жбогар, и неговата пофалба за власта дека парите што доаѓаат од ЕУ се трошеле добро и паметно.

Политичкиот блок вести ударно почна со медиумската хајка, која деновиве се води против лидерот на СДСМ, Зоран Заев, обвинувајќи го дека сака федерализација на Македонија и спроведување двојазичност на целата територија од државата. Ова е класичен спин кој медиумите блиски до власта деновиве интензивно го пуштаат во јавноста, повикувајќи се на изјава на Заев дадена во интервју за порталот „Нова ТВ“.

За да биде впечатокот уште посилен, во прилогот имаше изјава од Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, кој категорично изјави дека неговата партија е против двојазичност во цела Македонија. Исто така, беше вметната и стара изјава од Муса Љамалари, Албанец од дијаспората, кој со Заев имаше средба во април, а кој е познат по своите ставови за федерализација на Македонија.

Сето ова беше добро обработено, за лидерот на СДСМ да се претстави како предавник, кој во обид да им се додворува на Албанците, „тргувал со националните интереси“.

Она што недостигашше во овој прилог е реакцијата на СДСМ во врска со овој спин дадена претходниот ден.

„Заев во ниту еден момент во интервјуто не спомена двојазичност на целата територија на Македонија и тоа јасно се слуша од одговорот на прашањето, кој го испраќаме во прилог. Поистоветувањето на познавањето на повеќе јазици со двојазичноста е или елементарно непознавање или тешка манипулација од страна на куририте. Не постојат спинови на власта кои ќе ги одвратат граѓаните од намерата на 11 декември да му кажат збогум на Груевски, а потоа заедно да ја градиме новата Македонија“.

Политичкиот блок вести продолжи со информациите за посетата на српскиот претседател, Томислав Николиќ, на Македонија и неговата средба со македонскиот колега, Ѓорѓе Иванов, како и учеството на македонскиот спикер Трајко Вељаноски на Европската конференција на претседатели на парламенти која се одржува во Стразбур.

Следуваше прилог за одложеното рочиште за случајот „Пуч“, во кој меѓу обвинетите е претседателот на СДСМ, Зоран Заев. Прилогот беше професионален и во него беа пренесени изјавите на специјалната обвинителка Катица Јанева и на првиот социјалдемократ.

Следуваше кратка информација дека во изминатото деноноќие биле регистрирани два помали потреси на македонското тло.

Потоа имаше прилог за промоција на владиниот проект за враќање на животот во селата. Пофалби за проектот еден тон, а реална анализа за тоа каков е животот во селата во последните 10 години откако е истата власт, немаше. Она што беше интересно во овој прилог беше нагласувањето дека бил побаран став од втората страна, но безуспешно.

„Алфа го контактираше и дополнителниот заменик министер за земјоделство Љупчо Николовски, кој барем денеска не беше расположен за коментар, бидејќи како што рече, бил на терен со лозарите“.

Не е јасно со која цел бил контактиран Николовски. Имаме промоција на проект од страна на заменик-министер, така што излишно е мислењето на дополнителниот заменик-министер, освен ако не бил нападнат за нешто или директно посочен, а тоа во прилогот го немаше. Во прилогот беше потребна втора страна, но не Николовски, туку директно засегнатите, селаните.

Следуваше уте еден прилог сличен на претходниот. Овојпат беше пофален градоначалникот на Штип, преку информацијата дека градот ја добил првата фитнес-зона, но повторно беше нагласено дека немало став од СДСМ.

„Инаку ОО СДСМ немаше никаков коментар во врска со отварањето на оваа рекреативна зона“.

А, зошто би имале? И зошто тоа беше поосочено во прилозите? Ако беше заради тенденцијата на балансираност во известувањето, тогаш тоа е многу погрешно. Во овие прилози СДСМ не беше тој што гледачите требаше да го слушнат.

Последниот прилог беше посветен на надзорната расправа во Собранието во врска со поплавите. Овој прилог можеби требаше да се најде погоре во ТВ-дневникот.

Овој ТВ-дневник ги опфати актуелните дневни настани, беше полн со информации, во голем дел со професионални прилози. Сепак, она што бодеше очи беше пропагандната хајка против лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и рекламите на неколку владини проекти. Интересно беше и тоа што во некои од прилозите се нагласуваше дека СДСМ не сакал да даде став, иако токму во тие прилози немаше потреба од никаков став од опозициската партија. Таму, пак, каде што реално гледачите требаше да ја слушнат втората страна, неа ја немаше.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести