verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

ТВ-дневник: Груевски поважен од урнатиот руски авион

on 25 - 11 - 2015       
Груевски на почеток, соборениот руски авион може да почека. Фото: скриншот
Груевски на почеток, соборениот руски авион може да почека. Фото: скриншот

 

[Критички осврт врз ТВ-дневникот на „Канал 5“ во 18 часот на 24 ноември 2015 година]

 

Соборениот руски авион, посетата на премиерот Груевски на Кина, мигрантската криза и времето беа во фокусот на овој ТВ-дневник. Тој беше релативно сиромашен со информации и изостави неколку важни вести од земјава.

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

Веста за соборениот руски авион, која беше главна вест на денот и беше најавена како ударна во овој ТВ-дневник, сепак, беше оставена за подоцна, а вестите почнаа со посетата на премиерот Никола Груевски на Кина и со неговата порака дека Македонија е отворена за кинески инвестиции. Притоа, во прилогот беше нагласена соработката меѓу двете земји во областа на инфраструктурата.

„Македонија е првата држава која потпиша конкретен договор за искористување на дел од предвидените средства за овој регион, односно двете нови автопатски делници Скопје-Штип и Кичево-Охрид кои во моментов се во фаза на изградба, истакна премиерот Груевски, во своето обраќање на четвртиот Самит на шефови на влади каде се присутни 16 делегации од држави од Источна и Централна Европа и домаќинот, кинескиот премиер Ли Кечијанг.“

Во контекст на овој прилог, новинарот можеше да потсети на „бомбата“ што ја објави опозицијата, а која се однесуваше токму на овие две зделки, таканаречената „бомба за кинеските провизиии“.

Вториот прилог беше посветен на новото задолжување на Македонија, односно издавањето нова, четврта по ред, еврообврзница, во висина од 270 милиони евра. Следуваше разговор со министерот за финансии, Зоран Ставревски, кој нагласи дека граѓаните треба да бидат спокојни, дека ќе ги добијат своите плати и пензии и дека владата ќе продолжи да инвестира во изградба на нови патишта, училишта…

Во прилогот само беше нафрлено дека опозицискиот СДСМ обвинил дека на Македонија не ѝ требало ново задолжување, но гледачите немаа можност да ја слушнат изјавата на новиот заменик-министер за финансии од редовите на СДСМ, Кире Наумов, кој рече дека ставил потпис на еврообврзницата, но и дека спречил народот да биде задолжен за плус 230 милиони евра.

Од економија, се премина на проблемите и на недоразбирањата меѓу телевизиите и Здружението за заштита на авторски музички права (ЗАМП) за начинот на исплата на авторите чии песни се емитуваат на телевизиите. Имено, во прилогот се наметна прашањето за што се залага ЗАМП – за хаос или воспоставување ред? ЗАМП најавил дека ќе забрани емитување музика на авторите кои се нејзини членки ако не се врати стариот начин на валоризирање. По ова беше пренесена реакцијата на Македонската медиумска асоцијација, во која членуваат националните ТВ-куќи, од каде порачаа ЗАМП да ја реализира заканата веднаш, а не да чека до 10 јануари 2016 година.

Следуваше и изјава од министерката за култура, Елизабета Канчевска-Милевска, која ги повика двете страни на дијалог и на решавање на проблемите.

Вториот дел од ТВ-дневникот беше посветен на посетата на претседателот Иванов на НАТО, соборениот руски авион и на кризата со мигрантите. Беше нагласена средбата на македонскиот шеф на државата со првиот човек на НАТО, Јанс Столтенберг, и пораките испратени од неа. Следеше изјава од Иванов, во која тој пренесе дека му порачал на Столтенберг НАТО да ја почитува одлуката на Меѓународниот суд во Хаг, која се однесува на спорот за името со Грција.

Јавувањето во живо од Брисел, беше искористено и за да се долови атмосферата во НАТО, по уривањето на рускиот авион од страна на Турција. Дописничката пренесе дека е свикан итен состанок на НАТО и дека се очекува одлуката на Алијансата.

По ова следуваше прилог за инцидентот со урнатиот авион. Прилогот беше целосен, односно беше пренесена веста, беа пуштени снимки од тоа што се случило, а гледачите имаа можност да ги слушнат и двете страни, што мислат за инцидентот Русија и Турција. Овој прилог можеби требаше да се најде на почетокот од дневникот бидејќи беше ударна вест во сите светски и домашни медиуми.

„Турските власти изјавија дека соборувањето на авионот не е акт насочен конкретно против некоја земја туку чекор да се одбрани суверенитетот на територијата. Русите ги негираат овие информации и тврдат дека авионот не го нарушил турскиот воздушен простор и дека постојано летал над сириска територија.“

Како што беше најавено на почетокот од ТВ-дневникот, внимание се посвети и на кризата со бегалците. Прилогот „Прифатниот камп кај Гевгелија се претвори во мигрантска населба“ содржеше анкета од мигрантите што го изразуваа своето задоволство од македонските власти, за условите во кои се сместени, односно топлите објекти, храната и топлата вода што ја имаат. Следеше изјава од Слободан Митровиќ од Црвениот крст. Прилогот беше едностран бидејќи беше пренагласена грижата на државата за мигрантите, но не и фактот дека Хелсиншкиот комитет и невладината „Легис“, кои постојано се меѓу мигрантите, секојдневно ја повикуваат власта, преку институциите, да се вклучи во грижата за бегалците, пред сè, со медицински екипи и со претставници од Министерството за труд и социјална политика.

Во прилогот беше само спомнато дека економските мигранти на македноско-грчката граница, во знак на револт, ги зашиле усните и почнале штрајк со глад. На ваквата вест требаше да ѝ се даде поголем акцент, имајќи предвид дека со ваквиот потег, тие го привлекоа вниманието на светската јавност.

По ова, следуваше заклучокот од експертите дека ЕУ треба да ѝ помогне на Македонија со бегалците, но наместо неколку експерти, имаше разговор само со професорот Злате Димовски од Факултетот за безбедност.

Потоа, гледачите можеа да слушнат како земјите од регионот подигнуваат огради на своите граници за да го сопрат влезот на бегалците од Блискиот Исток, на што се надоврза и изјавата од министерот за надворешни работи, Никола Попоски, дека економските мигранти треба да се одвојат од бегалците од кризните подрачја.

По мигрантите, следеше третиот блок вести: доза црна хроника и случајот со 57-годишниот кочанец кој двапати сексуално злоупотребил лице со Даунов синдром и најава за временска прогноза. Но, во овој дел од вестите, беше вметната и вест преземена од порталот „Курир“, а посветена на напад врз новата министерка за труд и социјала, Фросина Ременски. Прилогот беше едностран и тенденциозен и имаше цел да се дискредитира министерката. Она што недостигаше во прилогот беше втората страна, односно демантот од Министерството за труд и социјална работа.

Овој ТВ-дневник, иако ги имаше опфатено главните теми, сепак беше сиромашен со информации и изгледаше како ништо друго да не се случувало во државата. Гледачите немаа можност да слушнат дека дента се одржа првата седница на Анкетната комисија за скандалот со прислушувањето. Исто така, беше испуштена и веста за одлуката на Лекарската комора привремено да им ги одземе лиценците за работа на гевгелиските анестезиолози. Недостигаше и веста за одлуката на Општина Центар да се урне терасата на зградата на новото седиште на ВМРО-ДПМНЕ, која според оцените на Општината, била дивоградба.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести