verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Трите жртви на папарацо-спинот

on 9 - 06 - 2016       

zurnal

[Рецензија: ФОТО: Обвинителката Ленче Ристоска се гоштева после неуспешниот прес]

Текст и фотографија кои би требало да асоцираат на акција на папараци кои ѕиркаат во приватните активности на познатите јавни личности, а всушност се само маска зад која се крие напаѓачки и пропагандистички текст со политичка содржина. Ова е сублимирана оценка на написот што го рецензираме. Нема сомневање која била намерата да се објави фотографија на која се гледа една од помошниците на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, и портпаролка на Специјалното јавно обвинителство, Ленче Ристовска, додека руча во ресторан, а тоа е да биде само уште еден повод за неоснован напад на институцијата СЈО и на нејзините претставници. Притоа, не е обрнато внимание дали дискредитирачкиот текст и упадот во приватноста се оправдани и вредни за објавување, туку примарно било да се испрати уште една порака до јавноста со која се исмева Специјалното јавно обвинителство и личностите што таму работат.

Рецензија: Трите жртви на папарацо-спинотЛинк до оригиналниот напис: ФОТО: Обвинителката Ленче Ристоска се гоштева после неуспешниот прес

Датум и време на објавување: 3.06. 2016, 14:37

Датум на рецензирање: 8.06.2016

Рецензент: Југослава Дуковска

 

ПРВА „ЖРТВА“ – ВИСТИНИТОСТА

Прва „жртва“ на овој непрофесионален напад овојпат е вистинитоста.

„Обвинителката Ленче Ристоска, која воедно е и портпарол на СЈО се гоштева после денешната неуспешна прес-конференција, покажуваат овие фотографии кои стигнаа до нашата редакција.“

Аматерски склепаната реченица требаше да биде само „трачерска“ обланда за политичкиот спин, „протнат“ во само дел од реченица – онаа дека „се гоштева после неуспешна прес-конференција“. Според чија оценка и според кои параметри прес-конференцијата на Специјалното јавно обвинителство била неуспешна? За потсетување, се работи за прес-конференцијата одржана на 3 јуни, на која СЈО објави дека ќе продолжи постапките против осомничените лица наспроти одлуката за аболиција на претседателот Иванов, како и тоа дека имаат изјава од починатиот Крпач дека трпел сериозни закани како сведок на обвинителството, и неа ја пренесоа сите релевантни медиуми во државата. Поради ова, тврдењето е лажно, бидејќи според медиумската покриеност на прес-конференцијата за која станува збор, повеќе стои забелешката дека таа била една од главните вести на денот, а со самото тоа исклучително успешна.

Втората „жртва“ е релевантноста. Иако се работи за јавна личност чии постапки се неминовно под лупа на јавноста, информацијата дека Ленче Ристовска по прес-конференцијата ручала е, најблаго речено, смешна или, да се послужиме со англискиот термин, таа не е „newsworthy“. Но, истовремено, трета „жртва“ во овој напис е добриот вкус. Всушност, дегутантно е што ручекот на обвинителката Ристовска, а на фотографијата се гледа дека е снимена преку ден, се нарекува „гоштевање“ и тоа, ни помалку ни повеќе, „во еден од најпознатите скопски ресторани“, иако на масата пред Ристовска има само шише маслиново масло, сол и бибер и чаша вода. Дали осудата која провејува низ целиот напис ќе беше помала доколку локалот што го избрала обинителката Ристовска бил помалку познат? Или ако таа не ручала пред очите на јавноста?

 

НЕОСНОВАН, НЕРЕЛЕВАНТЕН И НЕПРОФЕСИОНАЛЕН

Податокот дека обвинителката ручала во ресторан нормално не би возбудил никого освен ако не се алудирало на тоа дека таа се луксузира  „гоштевајќи се во еден од најпознатите скопски ресторани“, имајќи „ултрависоки примања од по 2.500 до 3.000 евра“, според експремиерот Никола Груевски. Ова тврдење на Груевски искажано во неговото интервју доби голем публицитет во провладините медиуми. Специјалното јавно обвинителство перманентно е на удар на критики и на негативна кампања од страна на провладини медиуми, но и директно во настапите на првите луѓе на власта. За таквиот став, присутен и во овој напис, речито зборува следнава реченица:

„СЈО и на денешната прес-конференција, повторно во нивниот препознатлив стил прејудицираа дека има криминал, повторно заборавајќи ја пресумпцијата на невиност, односно основната задача на обвинителството да докаже дали имало или немало криминал“.

Паушално, па дури и смешно е тврдењето дека СЈО прејудицирало дека има криминал на прес-конференција, на која зборува за криминалните предмети по кои постапува. За што друго, впрочем, обвинителство, формирано за истражување на сомневања за криминал и би зборувало на прес-конференција? За времето?

Неоснован, нерелевантен и непрофесионален, овој напис ќе замине во архивите на македонското новинарство како еден неуспешен обид за вест во папарацо-стил, зачинет со евтин политички спин.

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

неточни наводи

неверодостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

официјални, неофицијални

релевантни, нерелевантни

не може да се утврди

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

написот изнесува невистини

извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

не може да се одреди

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

манипулира

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

нема мултимедијални елементи

има контекстуални линкови

стилски уреден

поврзан со тагови

Претплатете се за најнови вести