verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Ставовите на втората страна – Светиот грал во новинарството

on 15 - 03 - 2016       
Златното правило во новинарската професија - да се праша засегнатата страна во приказната. Фото: Flickr

Златното правило во новинарската професија – да се праша засегнатата страна во приказната. Фото: Flickr

 

 

Младите новинари треба да научат две основни работи во професијата – да имаат втора страна и да не коментираат во вести. Патем, сведоци сме дека во лажната потрага по баланс имаме нов феномен на провладините телевизии – вештачки баланс со неприродни медиумски содржини за жанрот

 

Пишува: Сеад Ризвановиќ

 

Тенденцијата на емитување прилози и новинарски статии со ист наслов и со идентичен текст не престанува. Појавата што ја евидентира и Институтот за комуникациски студии во рамките на редовниот надзор на телевизиите, стана обележје на дел од медиумите и, како што посочува Институтот, ваквиот начин на работа укажува дека текстовите се добиваат од ист центар.

Во еден од последните такви случаи, медиумите што редовно ја поддржуваат работата на Владата и ја демонизираат опозицијата, направија серија прилози во кои се цитира весникот „Дневник“, кој и самиот цитира неофицијални извори од Државната изборна комисија, а кои, пак, тврдат дека стоте илјади фантомски гласачи за кои зборува опозицијата се, всушност, иселени граѓани.

Така, во добриот дух на пропагандата, истите медиуми, сега поддржани од уште една нова телевизија, настапија со бомбастични наслови дека „нема ништо спорно во избирачкиот список“. Иако уште истиот ден додека траеше одработувањето на телевизиите во корист на „центарот“, од ДИК дојде демант за самата информација, тој податок како воопшто да не ги наруши плановите на пропагандистите.

Сепак, иако во појавата на емитувањето информации од ист центар има низа прекршувања на новинарските стандарди, етика и кодекси, тука зборуваме за елементарното правило на имањето став од другата или засегнатата страна. Со оглед на фактот што на телевизиските екрани се забележуваат низа нови млади лица, за кои се претпоставува дека сакаат да се занимаваат со новинарство, тогаш важно е да ја знаат оваа основна новинарска лекција.

Дел од младите новинари, се чини, бргу ги преземаат навиките на постарите колеги, па освен немањето на ставовите на засегната страна, текстовите ги пишуваат преполни со свои коментари, со што прекршуваат уште едно основно новинарско правило. Но, она што младите колеги треба да го знаат е дека доколку на почетокот од својата кариера ги заборават новинарските стандарди и прифатат за одредена плата да читаат или сами да пишуваат пропагандистички текстови, тогаш самите ја отфрлаат можноста да станат новинари.

Индивидуите што сакаат да работат новинарство треба да имаат на ум дека коментарите не се дозволени во вестите, а доколку сакаат да коментираат и да ги пренесуваат своите ставови, тогаш нека пишуваат колумни, анализи или осврти. Во тие новинарски жанрови коментирањето е дозволено и легитимно topbankinfo.ru.

 

ВМРО-ДПМНЕ СТИГНА ДА БРОИ СЕКУНДИ ЗА РАМНОТЕЖАТА

И додека за дел до медиумите се потребни основни новинарски лекции за враќање кон професионална новинарска работа, владејачката ВМРО-ДПМНЕ реши испробаната тактика на контрамерки во сите области, да ја продолжи и во медиумската сфера.

Опозицискиот СДСМ за време на гостувањата на пропагандистичките медиуми излезе со мерења за бројот на минути и на секунди што тие медиуми ги употребуваат за глорификација на власта и за демонизирање на опозицијата, па со контрамерка веднаш почна и ВМРО-ДПМНЕ.

Владејачката партија почна во континуитет да испраќа соопштенија во кои, меѓу другото, им брои секунди на телевизиите „Телма“ и „24 Вести“. На крајно манипулативен и пропагандистички начин, ВМРО-ДПМНЕ врши дневно рангирање на двете телевизии во два критериуми. Првиот, наводно извртување на тезите на ВМРО-ДПМНЕ, и вториот, наводната глорификација на СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ со овие лажни ранг-листи сака, во време на преговори за медиумите, на меѓународната заедница да ѝ каже дека сите медиуми во Македонија се исти. Пропагандистички. Едните работат за власта, другите за опозицијата.

Но, власта заборава дека меѓународните преставници не ги следат само соопштенијата на центарот за комуникации и за манипулации, туку веќе цела деценија ги гледаат извештаите и соопштенијата на релевантните меѓународни организации за состојбата на медиумите и за слободата на говорот во Македонија.

И покрај сите обиди тие извештаи да се прикажат како „соросоидни“, станува збор за извештаи на Стејт департментот, на Европската Унија, на „Репортери без граници“, „Фридом хаус“ и на други, кои јасно покажуваат дека власта во Македонија целосно ги има ставено под контрола главните и највлијателни медиуми во земјата. Слободата на медиумите и на говорот се потонати на најниско ниво во историјата на независна Македонија и никакви лажирани рангирања и време загубено во броење секунди нема да помогнат да се смени тој факт.

 

ВЕШТАЧКИ БАЛАНС СО НЕПРИРОДНИ СОДРЖИНИ

Друга работа што произлезе како резултат на медиумските преговори е што медиумите што работат во полза на власта, почнаа редовно да пуштаат изјави од опозицијата. При тоа, јасно е дека станува збор за механичко емитување материјали – „колку да ги има“ опозиционерите на тие телевизии и за создавање вештачки баланс.

Но, во духот на лекцијата за имањето на втората страна, мора да се појасни дека тука се работи за друга проблематика, а тоа е рамнотежа на содржините во рамките на вестите како целина, па сега тие медиуми прават друга грешка. Имено, се пуштаат изјави од опозиционерите кои немаат никаква новинарска тежина, ниту содржат во себе елементи на вест. Најчесто се извадоци од предизборна програма, кои и немаат место во нормални вести.

Ваквото механичко пуштање на опозиционерите само поради баланс на дел од телевизиите, само предизвикува уште една вештачка и неприродна медиумска содржина.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести