verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Приказната за охридскиот лебед: Расипан телефон и филувани информации

on 15 - 03 - 2016       
Овој напис го има и на: Англиски
Една фотографија , многу шпекулации. Погрешната приказнa за охридскиот лебед ја пренесоа и светските медиуми . Фото: Скриншот
Една фотографија, многу шпекулации. Погрешната приказнa за охридскиот лебед ја пренесоа и светските медиуми . Фото: Наќе Батев, преземена со дозвола на авторот.

 

Целиот случај со лебедот од Охрид и начинот на кој се пренесе информацијата укажува колкаво е значењето на јазикот во новинарските текстови – тој мора да биде јасен, прецизен и разбирлив

 

Пишува: Димитар Тануров

 

„Светот не се состои од работи, туку од факти, а зборовите служат да ги означат фактите“, оваа мисла на филозофот Лудвиг Витгенштајн како да е посветена  токму на новинарите.

Една фотографија вреди 1.000 зборови, но еден погрешен опис или испуштена интерпункција може да доведе до сосема погрешна приказна. Токму тоа се случи со фотовеста за лебедот во Охрид. Информацијата прв ја објави дневниот весник „Вечер“ со наслов: „Редок туристички простотилак во Охрид: Го уби лебедот за да се слика со него“. Оттаму произлезе целиот хаос.

Во текстот, кој претставува опис и коментар на фотовеста за малтретирање на лебедот, никаде не се споменува дека птицата е убиена, но во насловот е употребена жаргонската фраза „го уби“ во смисла „го повреди“, ама без наводници. Оттука почнува „расипаниот телефон“, кој не само што пренесе дека лебедот е мртов, туку ја прошири приказната дека станува збор за обид за правење „селфи“, кое, наводно, и се појавило на социјалните медиуми, па до тоа дека станува збор за туристка од Бугарија. Испуштањето на наводниците дава сосема поинаква приказна.

 

ПРЕТПОСТАВКА КОЈА ПРЕРАСНА ВО ТВРДЕЊЕ

Во оригиналниот текст, објавен на 4 март (15:48) се наведува дека во градот има група посетители од соседството и се наведува дека жената, која е фотографирана како го малтретира лебедот, сакала да се фотографира и веројатно сликата да ја објави на социјалните мрежи. Станува збор за претпоставка, имајќи ги предвид последните тенденции за фотографирање и за објавување фотографии на социјалните мрежи.

Информацијата, еден час подоцна, во оригинал и со истата грешка, ја пренесува и интернет-изданието на телевизијата „Сител“. Веста ја пренесува и порталот „Република“, кој ја воочил проблематичноста на насловот и разликата во текстот, па иако во целост ја пренесува информацијата, сепак, интервенирал во насловот и ги додал наводниците: (ФОТО) Турист во Охрид „уби“ лебед за да се слика со него.

Истиот ден, веста на „Вечер“, ја пренесува и порталот „Телеграф“, кој слободно ја интерпретира и ја проширува веста со непроверени информации. Во нивната верзија, иако се наведува дека изворот е „Вечер“, првпат се појавува информацијата дека туристката се обидувала да направи „селфи“ (самослик), иако од фотографиите се забележува дека таа во раката ниту држи телефон, ниту апарат за самата да се фотографира. Во овој случај е употребен погрешен термин, кој се провлекува и во другите текстови кои се појавија, не само во домашните, туку и во светските медиуми. Во оваа проширена верзија, првпат се појавува и информацијата дека туристката ги објавила фотографиите со лебедот на социјалните мрежи, но за ваквите изнесени тврдења нема поткрепа со линкови од објавите ниту, пак, има принтскрин со кој ќе се потврди дека фотографиите се објавени на социјалните мрежи.

 

ЛОШ ПРЕВОД И ИНТЕРПРЕТАЦИЈА

Новинската агенција „Македонска интернационална новинска агенција“ (МИНА), чие седиште е во Канада, два дена подоцна, на англиски ја пренесува приказната за случајот со охридскиот лебед и прва јавува дека станува збор за туристка од соседна Бугарија, која стои зад смртта на лебедот. Веста е објавена со наслов: Bulgarian tourist drags Swan from Ohrid lake for a Selfie  (Бугарски турист извлечка лебед од Охридското Езеро за „селфи“).

Сепак, никаде во текстот не се наведува извор од каде е преземена информацијата ниту, пак, се наведува од каде се добиени податоци за националноста на туристката.

Еден ден подоцна, светските медиуми ја преземаат информацијата, повикувајќи се на МИНА. Веста, најпрво ја објавува британскиот весник „Мирор“, а потоа и британскиот весник „Дејли меил“ и американскиот весник „Хафингтон пост“. Тие ја пренесуваат информацијата на МИНА и потсетуваат на уште еден сличен случај со делфин. Американскиот весник пренесува и реакција на меѓународната организација ПЕТА, кои остро го осудија „убивањето“ на лебедот.

„Прво делфин, па ајкула, па паун, а сега лебед. Уште колку примери на страдање на животни ни требаат пред игнорантите посетители да сфатат дека животните не се играчки кои можат да ги користат и злоупотребуваат. Ако сакаат да ги ризикуваат своите банални животи за „селфи“ е едно, но да грабнат и да исплашат животно до смрт е нешто сосема друго. Оваа жена покажа груб и фатален и нечувствителен однос кон животот на исплашената птицата, која ја извлекла од езерото држејќи ја за нежните крила. Животните не се тука за наша забава и ПЕТА ги повикува сите туристи да го остават дивот свет на мира, а македонските власти да ја пронајдат и да ја санкционираат жената, изјави за „Хафингтон пост“, директорката на ПЕТА, Мими Бекхечи.“

Веста за лебедот ја презедоа и регионалните медиуми, како, на пример, „Б92“, кои се повикаа на информациите на „Дејли меил“. Истата англиска верзија, во која веќе се наоѓаат лошо преведените и интерпретирани податоци, повторно ја реактуализираше веста во македонските медиуми, кои сега во уште поголем број пренесоа дека бугарска туристка убила лебед во Охрид.

Со тоа се затвори кругот на расипаниот телефон, сè додека не се појави информацијата дека лебедот воопшто не е убиен, туку повреден.

По објавувањето на оваа информација, британскиот весник „Телеграф“, кој, исто така, ја објави приказната од МИНА, го повлече текстот од своето интернет-издание.

 

(НЕ)ПОЧИТУВАЊЕ НА ПРАВОПИСОТ И НА НОВИНАРСКИТЕ СТАНДАРДИ

Целиот случај со лебедот и начинот на кој се пренесе информацијата укажува колкаво е значењето на јазикот и на правописот во новинарските текстови. Јазикот во новинарските текстови мора да биде јасен, прецизен и разбирлив.

Приказната со охридскиот лебед, исто така, покажа дека се прекршени неколку членови од Кодексот на новинарите  –  член 1, 4 и 12. Овие одредби, меѓу другото, предвидуваат да се објавуваат точни и проверени информации, а доколку станува збор за претпоставка или шпекулација, тоа да се наведе во текстот, независно дали станува збор за оригинален напис или преземена информација.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести