verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Сообраќајната несреќа кај Демир Капија, информативна несреќа во известувањето

on 4 - 08 - 2016       
Овој напис го има и на: Албански
Сообраќајна несреќа на пат, информативна несреќа во известувањето . Фото: Pixabay/screenshot
Судар на пат, избегнат професионализам во медиумите. Фото: Pixabay/screenshot

 

Еден медиум презема од друг, додава нешто непроверено и сосема ја менува првичната информација. Дел од порталите се оградуваат со вметнување на фразите „од полицијата велат“, „од МВР за нашиот медиум“, „полицијата соопшти“, но во ниедна вест нема изјава од претставник на МВР кој ги потврдува пласираните информации. Всушност, голем дел од медиумите само го користат принципот на копирање на веста, без притоа да ја проверат

 

Пишува: Симона Атанасова

 

Почината скопјанка, починат маж, дете без повреди, дете во критична состојба, повредени три лица, сообраќајка помеѓу возило и автобус, сообраќајка меѓу две возила и автобус…

Ова се варијациите на ист настан, за кој речиси сите медиуми, а особено портали, во трката за ексклузивна и првообјавена информација, потфрлија да известат точно, јасно, прецизно и, што е најважно, проверено од релевантни институции.

Од почината скопјанка во судир помеѓу автобус и автомобил, до две починати и три повредени лица при судир на два автомобила и на еден автобус има голема разлика!

Иницијалната вест за сообраќајката на магистралниот пат Демир Капија – Удово ја објави порталот „Плусинфо“, кој се повика на информација од Автомото-сојузот на Македонија. Во веста која е објавена десетина минути пред 9 часот има само информација каде и во колку часот се случила несреќата.

 

ВРИЕЖ ОД ШПЕКУЛАЦИИ

По објавувањето на оваа вест, почнува објавувањето шпекулации и непотврдени информации. Еден медиум презема од друг, додава нешто непроверено и сосема ја менува првичната информација.

Дел од порталите се оградуваат со вметнување на фразите „од полицијата велат“, „од МВР за нашиот медиум“, „полицијата соопшти“, но во ниедна вест нема изјава од претставник на МВР кој ги потврдува пласираните информации. Всушност, голем дел од медиумите само го користат принципот на копирање на веста, без притоа да ја проверат. Од сето тоа настанува еден општ хаос со измешани непроверени информации, во кој многу лесно може да се изгуби вистинската и точната информација.

 

СЕНЗАЦИОНАЛИЗАМ НАДВОР ОД СЕКОЈ СТАНДАРД

Во борбата за кликнувања, ништо помалку сензационализам не недостига и во насловите на вестите. „Кобно утро“, „Трагедија“, „Родителите му починаа“, „Бабата и дедото бдеат над внукот“, „Остана сираче“ –  тоа се само дел од непотребните „зачини“ на веќе непроверените вести, кои само служат за да ги привлечат читателите да кликнат на тој текст, кој повеќе нуди сеирџиство отколку точна информација.

Редоследот на објавените написи создаде вистински информативен хаос, кој на читателите не им овозможува вистински да се информираат.

Ретко кој од медиумите навистина побарал потврда и дополнителни информации од институциите пред да стисне „објави“ на напишата вест, која е речиси целосно препишана од друг медиум.

Точна вест можеше да се прочита во медиумите откако официјално соопштение во врска со несреќата испрати Основното јавно обвинителство – Гевгелија, речиси шест часа по несреќата. Шест часа полни со дезинформации, шпекулации и со сензационализам.

„Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Гевгелија врши увид на лице место на тешката сообраќајна несреќа кај Удово, во која животот го загубија две лица.
Сообраќајната несреќа се случи утрово, на магистралниот пат Демир Капија – Удово, кај месноста Света Петка, кога се судриле автомобил марка Ауди А4 со германски регистарски таблички, управуван од српскиот државјанин Д.С. (1970), автобус на „Струмица експрес“, управуван од Ѓ.В. (1956) и автомобил марка Фиат сеиченто со скопски регистарски таблички, управуван од Н.П. (1975 г.). Во несреќата загинаа возачот на автомобилот и неговата сопруга, Б.П. (1984 г.), додека нивниот седумгодишен син е повреден и во критична состојба е префрлен на скопските клиники. Повредена е и сопатничката во аудито, германска државјанка, која со потешки повреди е задржана во Општата болница во Велес“.

 

ЗАБОРАВИЈА НА ДОЛЖНОСТА ДА ОБЈАВАТ ИСПРАВКИ НА ГРЕШКИТЕ

Но, и откако официјална институција се огласи со вистинската верзија на настанот, ниту еден медиум не објави исправка и демант на објавените неточни информации, туку од соопштението направија нови вести, заборавајќи на старите и погрешни текстови со кои ја дезинформираа јавноста.

Новинарскиот кодекс, кој речиси сите медиуми изумија да го испочитуваат пред да напишат погрешни вести, категорично вели дека информациите кои се објавуваат мора да бидат точни и проверени, а информирањето во случај на несреќи мора да биде ослободено од сензационализам.

1.Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи.
Доколку информацијата не може да се потврди или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави.
Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.

 

3. Новинарот ќе настојува да биде обезбедено објавување на исправка, деманти и одговор во случај кога ќе биде утврдена неточност на информацијата.

 

8.Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести