verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Сервис за проверка на факти од медиумите

Проект на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија
USAID Logo

Никој не погледна што се крие зад „Стројтрансгас“ и Тимченко

on 4 - 08 - 2016       
Овој напис го има и на: Англиски
Уште еден потпис за зделка со руска компанија на газда под западни санкции. Фото: Министерство за финансии
Уште еден потпис за зделка со руска компанија на газда под западни санкции. Фото: Министерство за финансии

 

Недостигот од основна анализа во македонските медиуми (со мали исклучоци) за изградбата на гасоводната делница Клечовце – Неготино, во која главен актер е руска компанија, чиј мнозински сопственик е под санкции на Западот, доведува до тоа да се објавуваат само суперлативи без воопшто да се загребе под површината и да се направи барем обид да се открие дали зад оваа зделка се крие нешто што не ѝ е познато на македонската јавност, а што таа има право да го знае

 

Пишува: Борис Камчев од Санкт Петeрсбург

 

Ефективните менаџери на „Газпром“, кои веќе две децении ја подигнуваат руската економија од коленичење, се нафатиле да ја подигнат и македонската, со изградба на гасовод во Македонија. Откако минатата недела по дел од медиумите помпезно беше најавено завршувањето на изградбата на првата делница од гасоводот (Клечовце – Неготино), има неколку важни моменти што треба да се напоменат за генералниот изведувач, „Стројтрансгас“, и за Генадиј Тимченко, сопственик на контролниот пакет на акции на компанијата.

Со почетокот на изградбата на оваа секција од гасоводот во март лани и со завршувањето на работите минатата недела, македонските медиуми, со ретки исклучоци, објавуваа неутрални и чисто информативни текстови, без трошка критичка анализа за тоа што, всушност, претставува оваа руска компанија. „Стројтрансгас“ се наоѓа на црната листа на американското министерство за финансии поради руската анексија на Крим и акциите на Москва во Украина, а финскиот државјанин Тимченко, пак, е на списокот на санкционирани лица на неколку западни земји како САД, Австралија и Канада.

И покрај тоа, некои македонски медиум пишуваат дури и во суперлативи: „Нова историја во македонската инфраструктурна енергетска карта: Руската компанија „Стројтрансгас“ работи под полна пареа на овој дел од гасоводната мрежа“.

Како прво, проектантските и градежните работи се дадени на поранешна  фирма на „Газпром“, мошне активен изведувач на рускиот монопол, во сопственост на Тимченко, еден од првите кои во 2014 година се најдоа на списоците санкционирани лица поради неговата блискост со Владимир Путин. Тимченко уште е познат и како лице задолжено да го полни паричникот на претседателот.

Нормално, по урнек на работата на овој и на другите привилигирани изведувачи на државни инфраструктурни проекти во Русија, изградбата на гасоводот нашата власт му ја подари на Тимченко без тендер, додека парите се трошат нетраспарентно и без отчет пред јавноста. „Очењ круто“, би рекле Русите.

И за овој факт ниту еден од македонските медиуми, освен информативниот портал „Нова ТВ“, не објави продлабочена анализа. Барем бегло да се спомнеше дека не смее државен капитален проект, како овој, да се дава на сомнителен изведувач, без да се помине процедурата тендер. И трето, што е мошне збунувачки, во некои медиуми гасоводната делница е најавена како Клечовце – Неготино и се вели дека за неа ќе бидат потрошени 75,7 милиони долари, додека во истите текстови истата делница се означува како „Клечовце – Блок станица 5“. Воопшто, никој од медиумите не спомена дека има дискрепанца во именувањето на делницата со фактичкото простирање на гасоводот, кое е пократко за триесетина километри. Или оваа делница од гасоводот требаше веднаш  да биде именувана „Клечовце – Штип“. Очигледно е дека зад ова се кријат пропагандни мотиви на власта.

 

КОИ СЕ ТИМЧЕНКО И РОТЕНБЕРГОВИ?

Во 2014 година, приходите на тогаш најголемиот изведувач на „Газпром“, „Стројгасмонтаж“, компанија во сопственост на Аркадиј Ротенберг, спаринг-партнерот на Путин во џудо, бил 3,5 милијарди долари, а чистиот профит 227 милиони долари. Познати и како „кралеви на државни порачки“, браќата Борис и Аркадиј Ротенберг се блиски соработници на Путин и по Тимченко бр. 2 полначи на паричникот на претседателот. Во 2014 година, приходите на „Стројтрансгас“ бил помал, 1,4 милјарди долари, а чистиот профит 60 милиони долари.

Оваа и годината што измина, двете компании добија ексклузивно право да учествуваат во изградба на најзначајните инфраструктурни проекти во Русија во периодот што следува. Во 2015 година, „Стројтрансгас“ се посреќи со учество во изградбата на „Сила на Сибир“, гасоводен мегапроект финансиран од Кина, што чини 70 милијарди долари. Од друга страна, Ротенберг доби амин од Кремљ за изградба на 20-километарски мост над Керченскиот Теснец за копнено поврзување на Крим со Русија. Проектот чини 3 милијарди долари.

Во 2014 година, двата привилигирани изведувачи ја презедоа палката од „Стројгасконсалтинг“, чиј бивш сопственик, Зијад Манасир, падна во немилост на „Газпром“ (Путин). Епопејата со Крим и со војната во Источна Украина ја консолидираше руската елита, а приходите од државните тендери и нарачки одеа директно во компании и во бизнис-кругови блиски на Кремљ. Едни од најблиските до шефот се браќата Ротенберг и Тимченко.

Инаку, тој со трговската компанија „Гунвор“ (Gunvor) во текот на првата декада од новиот милениум во некои моменти покриваше можеби 50 отсто од морскиот извоз на сурова нафта од Русија. Во 2012 „Економист“ го обвини Тимченко за инсајдерски операции и за манипулаци со намалување на цената на сибирската нафта „јуралс“ за правење незаконски профити. Пред да бидат воведени санкциите во 2014 година, исплашен од замрзнување на неговите сметки, на кои дотогаш се имаа натрупано милијарди долари, Тимченко го продаде свој удел во „Гунвор“ кој изнесуваше 44 отсто.

Факт е дека овие компании неправедно добиваат тендери и ексклузивни понуди за учество во значајни инфраструктурни проекти во Русија вредни десетици милијарди долари. Тие се, всушност, базата на руската општа корупција, тешка 300 милијарди долари. И кога западните влади, меѓународните пазари и финансиски институции им подигнаа ембарго, нашата власт, дали од незнаење или планирано (би сакал да верувам во првото), без трошка морална одговорност им посака срдечно добредојде и ги покани да оперираат кај нас.

Инаку, со изградбата на гасоводот, Русија го отплаќа клириншкиот долг кон Македонија во износ од 60 милиони долари. Македонија наследи дел од 806-те милиони долари долг што Советскиот Сојуз (Русија) го враќаше на бившата заедничка држава Југославија и е последна од поранешните сојузни републики што сѐ уште го регулира. Но, зачудува фактот зошто е одбрано рускиот борч да биде покриен со изградба на гасовод од страна на изведувач што се наоѓа под санкции наметнати од редица западни земји поради руската анексија на Крим и воениот ангажман на Москва во Украина.

 

ХРВАТСКИОТ ПРИМЕР

Не можеше ли да се издејствува договор по примерот на Хрватска? Во 2006 година, Загреб од Москва прими нафта, воени хеликоптери и изградба на електроцентрала во севкупен износ од 108 милиони долари. Добро, со оглед на тековната геополитичка ситуација и на напрегнатитите односи помеѓу Запад и Русија, нашата власт можеше да одбере неутрална варијанта. Трите македонски термо-централи, ТЕЦ – Неготино, РЕК – Битола и РЕК – Осломеј се градени во текот на 1970-те со руска машинерија и опрема, како и под надзор и со напори на руски техничари, специјалисти и инжинери, од кои многумина останаа да живеат во Македонија. Зошто нашата влада не издејствува договор, на пример, за долгорочно одржување и ремонт на оперативните блокови на трите централи на сметка на Русите, сѐ додека не се потроши кредитот?

А вака, за некои 60 милиони долари (иако само за „Скопје 2014“ власта потроши десетпати повеќе) се ставаме на тапет на меѓународната јавност како соработници на „Газпром“. Компанија што Бугарите буквално ја изметоа од својот двор со прекинување на реализацијата на гасоводот „Јужен тек“, проект што Брисел го забрани поради флагрантното непочитување на антимонополските закони на Европската Унија (Третиот енергетски пакет). Блескаме по страниците и на екраните на путинската пропаганда како важен полигон за практикување руската хибридна надворешна политика, комплекс од воени ангажмани, отровна ТВ-пропаганда, сајбер-напади со хакирање, „тролинг“ и загадување на просторот по социјалните мрежи. Накратко, Македонија стана балканска монета за поткусурување во паричникот на Кремљ.

 

ИНДИЦИИ ЗА КОРУПЦИЈА

Кога сме кај парите, руските медиуми објавија (за ова мудро молчат нашите), дека за потегот Клечовце – Штип, „Стројтрансгас“ потрошил 1,24 милиони долари за километар гасовод. „Нефтегас“ пишува:

„’Стројтрансгас’ евтино заврши секција на магистралниот гасовод Клечовце – Неготино. Изградбата на секцијата во должина од 61 километар и дијаметар од 508 милиметри чинеше 1,24 милиони долари (за километар)“,

и саркастично прашува:

Можеби затоа што почвата во Европа е помека или, пак, е поедноставно да се гради, но тоа е помалку од просечните 1,5 милион долариза еден километар“.

„Стројтрансгас“ за „Сервис за проверка на факти во медиумите“ потврди дека (за сума од 75,7 милиони долари) извршени се следните работи:

  • проектно-геодезиски работи;
  • инсталација на техничка опрема и материјали;
  • изградба на главниот цевковод од 0 до 61 км секција „Клечовце – кранов јазол VS 5, со вклучен линијски дел, 7 кранови јазли, јазли за вклучување на прочистителни уреди;
  • изградба на систем за катодна заштита (3 станици);
  • вметнување на HDPE-цевки за оптички кабел;
  • монтажа на 22 премини преку автопати и водни препреки.

Лани беше најавено дека за таа сума ќе се гради до Неготино, за поврзување на ТЕЦ- Неготино со гасоводна мрежа (производствениот блок на централата е двоен, покрај на мазут може да работи и на гас). Одовде произлегува прашањето: зошто за сума од 76 милиони долари не е завршена целата делница до Неготино, како што беше најавено лани во март?

Ова прашање е сосема легитимно кога се прави бизнис со компании и со лица кои се под покровителство на Кремљ. Во Русија границите помеѓу високиот бизнис и политиката се замаглени. Според  рускиот Национален рејтинг за транспарентност на државните снабдувања, само во 2015 година државата изгубила речиси 4 милијарди долари поради снабдување и комерција со напумпани цени. Според Националниот антикорупциски комитет, целокупниот обем на корупција во Русија годишно изнесува неверојатни 300 милијарди долари и е за 30 пати поголем од пазарот со наркотички материи во земјата.

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *