Семејната прошетка на мечињата не е на Водно, туку во САД
Објавено во Рецензии
on 21 - 05 - 2020 Автор: АдминФото: Илустрација
[Рецензија:ФОТО: Семејна прошетка на Водно ]
Фотографија од мајка мечка и четири малечки слатки мечиња се појави на социјалните мрежи и на некои веб портали и предизвика голема заинтересираност. Во описот на фотографиите стои дека мечката и малите мечиња се сликани на Водно односно во непосредна близина на Свети Пантелејмон, што е невистина.
Линк до оригиналниот напис: ФОТО: Семејна прошетка на Водно
Датум и време на објавување: 20.5.2020
Датум на рецензија: 20.5.2020
Рецензент: Симона Атанасова
Во текстот на еден од веб порталите напишано е дека фотографиите се снимени денеска (20.05.2020) напладне.
За нив не важат мерките, па можат колективно да шетаат на Водно, во непосредна близина на Свети Пантелејмон. Фотографиите се снимени денеска напладне.
А на една од објавите на социјалните мрежи пишува дека фотографиите се направени од шумар.
Ни едното ни другото не е точно. Оваа фамилија на мечки не е фотографирана на Водно, ниту некаде приближно до Македонија.
Со лесно пребарување на фотографијата на Гугл се забележува дека таа е објавена во април минатата година. Малите мечиња и нивната мајка се фотографирани во национален парк на границата помеѓу државите Тенеси и Северна Каролина во САД.
Прошетката на мечињата е објавена и во видео, кое кога ќе се погледне целото, јасно е дека не се работи за скопската планина Водно.
Не сè што се објавува на социјалните мрежи е вистина, колку и да изгледа така на прв поглед. Затоа медиумите, пред да објават каква било информација – фотографија, треба сеопфатно да проверуваат колку што е можно повеќе. Во спротивно, свесно или несвесно ја манипулираат и дезинформираат јавноста, како што е случајот со оваа лажна вест.
Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења