verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Кога од петни жили се навива за едната страна

on 21 - 05 - 2020       

Фото: Илустрација

[Рецензија: Безобѕирно насилната нервоза на Заев формулирано самоубиство за брзи избори]

Целосно коментаторски напис кој притоа е едностран, полн со шпекулации, многу конфузно напишан и полн со печатни грешки. Во текстот тенденциозно се критикува само едната страна, а од петни жили се навива за другата страна во приказната.

Од самиот старт, уште во насловот коментаторски се носи заклучок за лидерот на СДСМ Зоран Заев кој притоа и не e докрај јасен. Што, всушност, значи „безобѕирно насилна нервоза“?!

Линк до оригиналниот напис: Безобѕирно насилната нервоза на Заев формулирано самоубиство за брзи избори

Датум и време на објавување: 19.5.2020

Датум на рецензија: 21.5.2020

Рецензент: Симона Атанасова

Лидерската средба кај претседателот на државата, односно неуспешниот обид на лидерите на политичките партии да договорат датум за избори предизвика различни реакции во јавноста. Партиите ја тераат водата секој на својата воденица, а на социјалните мрежи се засилуваат преписките помеѓу партиските поддржувачи.

Иако медиумите треба да стојат настрана од ваквите партиски препукувања и да известуваат само непристрасно, точно и проверено, сепак не сите го прават тоа.

Текстот што е предмет на оваа анализа целосно заборава на професионалните новинарски правила, па во објава која треба да е информативна изнесува низа коментаторски забелешки. Тенденциозно ги наведува читателите да имаат негативно мислење за ставот на владејачката партија СДСМ – изборите да се одржат во јуни, а со сета сила го брани ставот на ВМРО-ДПМНЕ – изборите да бидат на крајот на летото.

Се тврди дека Заев бил нервозен дури и насилнички, но нема објаснување на што се темели овој заклучок.

Навидум, кажано како да ги убеди луѓето дека сега е подобро, во меѓуредови не излегувајте – „нашите“ ќа заврашат работа и за вас, меѓународната заедница ќе замижи уште еднаш, бидејќи си го даде газот под наем, па сега не турка во рашамонијадата на обезличување и самопонижување пред ониЕ за кои бевме „Американци“.

Ова освен што ова е коментаторски, личен став без понудени докази за изнесеното тврдење, исто така, е и неприфатлив и недоличен начин на комуникација со јавноста. Истовремено, напишаното е конфузно и не е јасно на што конкретно се мисли.

Стручните лица велеа „тестирјате, тесирајте и само тестирајте“, но власта се правеше неуредна и не шишаше никого.

Кога некој ќе ја прочита оваа констатација може да помисли дека државата не врши тестирање за коронавирусот, што е сосема неточно. Секојдневно се тестираат неколку стотици граѓани, во зависност од потребата и проценката на епидемиолозите.

Неточно е и тврдењето дека ја криеле директорката на Кожна клиника која беше заразена со Ковид-19. Веднаш откако беше тестирана и беше откриено дека е позитивна, лицата коишто биле во контакт со неа беа изолирани, клиниката беше затворена, а таа доби кривична пријава. Точно е дека 200 доктори беа во самоизолација одреден период, но сепак во текстот е изоставена важна информација дека станува збор за дерматолози, а не епидемиолози или инфектолози кои се во првите борбени редови против вирусот.

Во неколку наврати се потенцира кои се, наводно, намерите на Заев, дека тие биле јасни, дека имало партиско разидување… Но, она што недостасува во текстот е другата страна на приказната, односно ставот на Заев или партиски став од СДСМ. Целиот напис е конципиран на база на претпоставки, а личноста која цело време се спомнува од текстот, воопшто не е прашана да ги потврди или демантира овие произволно нафрлени констатации.

Според некои ПР препораки, актуелната власт во медиумите каде што има влијание, турка теми од минатото и коронакризата, како и мерките што се преземаат за неа, за да се избега од директни соочувања и разговор за егзенстицијалните проблеми.

Кои ПР препораки? Кој ги дал? Во кои медиуми актуелната власт има влијание? Зошто не се наведени? Кој од власта избегал од директни соочувања? За јавноста да поверува во напишаното потребни се одговори на сите овие прашања, затоа што само вака нафрлени заклучоци личат на чиста измислица.

Сè на сè, текстот е конфузен, нејасен, без извори, едностран и служи за манипулирање на јавноста. Крши низа правила од Кодексот на новинарите и нема допирна точка со професионалното и одговорно новинарство.

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

Претплатете се за најнови вести