verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Репетитивно објавување исти информации за поголем број „работни победи“

on 11 - 10 - 2015       
Повторувањето е мајка на знаењето, ама и на пропагандата. Фото: скриншот. Колаж: СПФМ
Повторувањето е мајка на знаењето, ама и на пропагандата. Фото: скриншот. Колаж: СПФМ

 

Медиумите во никој случај немаат потреба да ги избегнуваат најавите за отворање нови работни места, но, исто така, мора да внимаваат на фактот дека за исти вработувања секој месец ја информираат својата публика, без притоа да ѝ соопштат дека, всушност, станува збор за информација која веќе била пласирана на нивниот медиум.

 

Пишува: Светлана Вељановска, доц. д-р по меѓународно право

 

Причината поради која постојат масовните медиуми е да се надминат просторните и временските граници и на луѓето кои во медиумите се дефинираат како публика, да им се овозможи процесот на комуницирање. Една од најважните улоги на мас-медиумите е информативната (во учебниците за новинарство наједноставно дефинирана како собирање и ширење на информации) без која, како што вели Хабермас: „поединецот во општеството би бил изгубен во општествената непрегледност“. Меѓутоа, многу поважно од давањето (дистрибуирањето) на информацијата е нејзиниот квалитет. При тоа, квалитетот на информацијата задолжително се поврзува со количеството на информацијата. Ако се претера во едното или во другото, добиваме информација која не е квалитетна за публиката.

Зошто е важно ова да се знае за денешната анализа?

Деновиве голем дел од медиумите ни презентираа информација дека почнала градбата на погонот на „ОДВ Електрик“ во зоната во Струга.

Нема ништо спорно кај оваа информација, освен ако се занемари фактот дека сличен ваков наслов можевме да прочитаме пред два месеци, кога сопствениците на фирмата со претставници од Владата на РМ најавија почеток на градба за две недели:

или да се вратиме уште поназад во април годинава, кога беа најавувани:

Медиумите во никој случај немаат потреба да ги избегнуваат најавите за отворање нови работни места, но, исто така, мора да внимаваат на фактот дека за исти вработувања секој месец ја информираат својата публика, без притоа да ѝ соопштат дека, всушност, станува збор за информација која веќе била пласирана на нивниот медиум.

Вака се добива впечаток дека постојано станува збор за нови и нови погони, со нови и нови вработувања, што секако не е во ред од аспект на почитување на објективноста во информативниот простор во земјава. На линковите што следат можете да прочитате уште неколку примери за информирање без да се почитуваат правилата на објективноста во информирањето од новинар(к)ите во медиумите:

Наспроти овие примери, се појавува еден друг аспект, кој, исто така, е податен за анализа. Имено, дел од медиумите како да се претплатени на соопштенијата кои им ги праќаат портпаролите на министерствата, задолжени за промовирање на новите капацитети, па забораваат да ја потсетат својата публика дека нешто што пред извесен период било најавено дека ,,почнува да се гради“ или дека вработува определен (најчесто голем) број вработени, е ставено во заборав.

Ја забораваат својата улога на коректив на општеството и, пред сѐ, на владејачката структура.

На пример, многу малку последнава година имаме можност да прочитаме за индустриската зона во Ранковци, каде беше најавувана турската инвестиција на „Веибо груп“, која требаше да вработи повеќе од 2.500 лица од овој крај и за која на интернет-пребарувачите можат да се најдат само два-три текста по 2014 година:

Или за индиската автомобилска компанија, „Самвардана Мадерсон груп“ (СМР), која требаше да гради фабрика за ретровизори на Бунаџик и за која камен-темелникот беше поставен на 30 август 2011 година.

Уште ништо од индиската фабрика за ретровизори во Бунарџик, пишуваа медиумите во 2013 година, а речиси две години подоцна состојбата не е променета, но никој не прашува што станува денес со овој инвеститор.

Во дејноста што ја извршуваат масовните медиуми се вклучени голем број субјекти. Свое влијание врз нивната работа имаат бизнис-групациите, Владата, правниот систем, публиката, сопствениците и медиумските професионалци.

Секој медиум што ќе успее барем во определена мера да го надмине влијанието на овие фактори врз неговото работење, ќе може да рече дека ја постигнал целта, а тоа е информирање на јавноста без преголемо влијание на која било од споменатите групи. Односно, ќе може да се нарече медиум кој успева на својата публика да ѝ понуди информација што ги содржи основните елементи:

  1. Информација која е цел сама за себе без да се дозира ѝ да се упатува за да се креира мислење позитивно или негативно во зависност од провиниенцијата на сопственикот (уредникот) на медиумот;
  2. Содржина која има за цел на публиката на медиумот да ѝ даде објективна слика на реалноста во земјата без притоа да се обидува да создаде публика која некритички ќе ги следи содржините на одбраниот медиум;
  3. Информации со кои јавноста нема да биде ставена во т.н. рамнодушност или (не)активна (не)спокојност со која се постигнува спротивен ефект, ефект на рамнодушна публика која е предозирана со информации и повеќе не реагира на ништо што нема да биде радикално различно.

Информативната улога на медиумите е можеби најважна во целиот процес кој овозможува поврзување на анонимни поединци, просторно оддалечени еден со друг, и од медиумот и меѓу себе, меѓутоа тоа не значи дека каналот преку кој се пренесува информацијата треба и смее да ја злоупотребува довербата што му е дадена.

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести