verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Тешко сварлив пропаганден памфлет

on 30 - 06 - 2015       

FireShot-Capture-soros-povtorno-crop-resize

 

[Рецензија: Сорос повторно ја фалсификува вистината]

 

Тешко е да се каже што попрво не е во ред со овој текст: тргнувајќи од насловот кој дезинформира, преку изнесените невистини во него, манипулирањето со оние факти кои се општо познати, навредите и квалификациите упатени на погрешна адреса, погрешната илустрација. Грешките се аматерски, текстот е неструктуриран, стилот неновинарски, а патем и нелекториран, па она што останува на крајот e тешко сварлив пропаганден памфлет со провладина политичка конотација, на кој не би требало да му се најде место помеѓу новинарски творби.

Рецензија: Тешко сварлив пропаганден памфлетЛинк до оригиналниот напис: Сорос повторно ја фалсификува вистината

Датум и време на објавување: 24.06.2015, 14:55

Датум на рецензирање: 27.06.2015

Рецензент: Југослава Дуковска

Главата на написот веднаш го соочува читателот со вистинските намери што стојат зад него – тој не информира, тој квалификува, навредува и врши пропаганда. Понатаму секоја анализа од новинарски аспект се сведува на набројување на слабостите. Во доменот на фактите, написот стои најслабо: почнувајќи од аматерската грешка, која не би смеел да си ја дозволи ниту студент во прва година студии по новинарство – мешање на два различни субјекта, филантропот Џорџ Сорос со „Хјуман рајтс воч“ – ХРВ (Human Rights Watch), а озгора на тоа текстот се илустрира со слајд од веб-страницата на „Фридом хаус“ (Freedom House). Прозивајќи ја конкретната личност со директна навреда („Сорос повторно во акција на фалсификување на вистината, манипулации и лаги“), написот, всушност, реферира на најновиот извештај на „Хјуман рајтс воч“ за Македонија од 22 јуни 2015 година, во кој се зборува за настаните од 5 мај, протестите и за полициската репресија која следеше. Во овој извештај, меѓу другото, стои препораката до македонските власти итно да ги истражат сериозните индиции за прекумерна и неавторизирана употреба на полициска сила и да ги повика конкретните полициски припадници на одговорност. Особено е нагласена препораката дека властите во Македонија требаат да преземат мерки кои ќе им овозможат на новинарите слободно и безбедно да известуваат за протестите. Но, во написот токму таквиот приод на известувачот на „Хјуман рајтс воч“ е фалсификување на вистината, односно дрска и безобразна лага на „Соросовата организација Хјуман Рајтс Воч“.

Речиси до крајот на текстот, наративот е отприлика истиот – штелуван извештај, граѓаните го прават при очи слепи, полицијата тепана од демонстрантите на СДСМ, манипулации и лаги на Сорос. Крајот на написот е особено проблематичен: за да покаже дека „Хјуман рајтс воч“ е навистина соросоидна (односно Соросова) организација (небаре тоа е некаков воен злостор, дури и да е така), се повикува на текст од веб-страницата на самата организација, од 2010 година, во кој стои дека Џорџ Сорос најавува 100 милиони долари тежок таканаречен челенџ-грант за ХРВ и со тој податок се обидува да ги оправда квалификациите и обвинувањата дадени погоре во текстот. Она што написот не го кажува е дека таа сума Сорос ја доделува на ХРВ за период од наредни 10 години, а, што е уште поважно, написот не објаснува што е челинџ-грант и под какви услови се доделува. Челинџ-грант се доделува на непрофитна организација за финансирање одредени добротворни цели, но парите се добиваат дури откако тие цели ќе се реализираат, што значи дека, во овој случај фондацијата на Џорџ Сорос најавила десетгодишен грант за „Хјуман рајтс воч“ откако ХРВ ќе ги прошири своите активности на глобален план.

Како што е вообичаено за написи со пропагандна содржина, во нивното создавање не се од пресудна важност изворите на информации, туку пораката која треба да биде пренесена. Така е и во овој случај: единствен релевантен извор на информација е текст од веб-страницата на „Хјуман рајтс воч“ за челинџ-грантот од Сорос, кој не кажува ништо во прилог на обвинувањата дека Сорос и „Хјуман рајтс воч“ вршат

„брутално извртување на вистината“

и дека

„при очи сакаат јавноста да ја прогласат за слепа и при уши глува, со што уште еднаш се покажува на дело манипулациите и лагите со кој се користи Сорос.“

Од аспект на пристрасност, нема што повеќе да се каже за написот кој го рецензираме од тоа дека тој не крие конкретна политичка наклонетост и за таа цел не се воздржува ниту од извртувањето на вистината, ниту од пласирањето лажни информации.

Целиот текст, всушност, е коментар поткрепен со „докази“ – од „доказот“ за „соросоидноста“ на „Хјуман рајтс воч“, до снимките од протестите на 5 мај, кои би требало да глумат доказ дека тогаш полицијата навистина била „брутално нападната од демонстрантите на СДСМ пред владата“.

Насловот, сам по себе, доволно зборува за самиот текст: „Сорос повторно ја фалсификува вистината“ е лош на повеќе нивоа – освен што дезинформира, некреативен е и тенденциозен, склопен така да звучи сензационалистички, но истовремено е невистинит и неновинарски (содржи тврдење кое не само што не се оправдува со самиот текст, туку изгледа како навреда за интелигенцијата и за информираноста на читателите на кои им се обраќа).

И, на крајот, мора да се каже дека навистина смешно звучи обидот на ваков аматерски начин да се дискредитираат и „Хјуман рајтс воч“ и Џорџ Сорос.

Ваквите текстови-памфлети, кои изгледаат како да излегле од сектор за пропаганда на нечиј политички штаб, всушност, му нанесуваат штета на тој што ги објавува, а не на тој што е мета на вакви напади. Препораката би била, доколку се сака тврдењата во еден напис да бидат сфатени сериозно и да „држат вода“ во новинарска смисла, тие да бидат добро поткрепени со релевантни докази, кредибилни извори и со непристрасен приод. И, да не заборавиме, писмено срочени, а не како во случајов, полни со правописни грешки кои бодат очи.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

неточни наводи

неверодостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

официјални

релевантни

не може да се утврди

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

нема прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

не може да се утврди

извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

не може да се одреди

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

соодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

манипулира

селективно наведен автор (извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

неквалитетни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

стилски неуреден

поврзан со тагови

Претплатете се за најнови вести