verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Професорот Росоклија бил во право дека причината за смртта на Тамара не е сколиоза

on 5 - 03 - 2015       

FireShot-Screen-Capture-082-tamara-crop-resize

 

Медицински случај, кој поради сплет на околности заврши трагично за деветгодишната Тамара Димовска од Велес, ги разбранува не само духовите во Република Македонија, туку и политичката сцена, предизвика граѓански протести, како и оставки на двајца високи функционери во здравството, а тоа се одрази и на начинот на кој беше третиран во медиумите. Еден од написите кој генерираше најмногу коментари беше и информацијата која е предмет на оваа рецензија. Иако тоа што е објавен на веб-страница чијашто потесна профилираност (вести од областа на медицината, здравството и социјални теми) би требало да подразбира известување неоптоварено со дневна политика, овој напис покажува дека, во случајов, политиката имала влијание врз објективноста и професионалниот третман на материјата.

Веста што е објавена е ексклузивна, а по нејзиното објавување на неа се повикуваат голем број медиуми. Oдбран е начин на неофицијално и нецелосно објавување на резултатите од обдукцијата на девојчето (времето на објавувањето се совпаѓа со одржувањето на протестот на кој се бараа оставки од министерот за здравство, Никола Тодоров, и уште од неколкумина високи функционери од ресорот здравство), според кои причина за смртта на девојчето била бронхопневмонија, а не сериозната форма на сколиоза од која боледуваше малата велешанка. Преку отстапување на простор на мислењето на д-р Горазд Росоклија, професор по невропатологијата и невроимунологија, поддржувач на владините политики, чијашто специјалност не се ниту болестите на ’рбетот, ниту пулмоналните заболувања, од каде е изваден и провокативниот наслов, во написот се имплицира дека за смртта на Тамара се виновни родителите на детето и нивната одлука таа да се лекува во домашни услови. Дури во написот експлицитно стои дека „за случајот не е виновна Владата“, иако никаде и не можеше да се сретне дека некој ја обвинува македонската Влада за смртта на Тамара Димовска, туку во јавноста се бараше политичка одговорност од раководните луѓе од секторот здравство.

Рецензија:Професорот Росоклија бил во право дека причината за смртта на Тамара не е сколиозаЛинк до оригиналниот напис: Професорот Росоклија бил во право дека причината за смртта на Тамара не е сколиоза

Датум и време на објавување: 24.02.2015, 9:05

Датум на рецензирање: 2.03.2015

Рецензент: Југослава Дуковска

Написот користи информации добиени од официјални извори, односно од релевантен извор – Државниот санитарен здравствен инспекторат, на чие барање била направена обдукцијата на Тамара, но информацијата е пласирана како неофицијална, бидејќи во времето кога е објавен написот, извештајот од обдукцијата сè уште не е службено објавен. Поради тоа се користи формата „дознаваме“. Истовремено, текстот се потпира врз толкувањето на професорот Росоклија за причината за смртта на девојчето како врвен аргумент, кој ја потврдува точноста на тврдењето дека причината е нетретирана бронхопневмонија, не давајќи објаснување за каков стручњак се работи, зошто токму неговото мислење се издвојува како релевантно кога тој ниту учествувал во лекувањето на Тамара, ниту нејзиниот случај спаѓа во неговиот домен на работа, ниту, пак, се соопштува фактот дека тој воопшто не ја видел пациентката за која дава стручен коментар.

Несеопфатноста, односно прикривањето информации се недостатоците на овој напис. Потврда за ова пристигна само еден ден по објавувањето, директно од Институтот за судска медицина, кој ја спроведуваше обдукцијата на починатото дете:

„Ние ја дадовме непосредната причина за смрт, а тоа е бронхопнеумонија. Но, условот и поводот кои довеле до смрт ќе бидат предмет на понатамошна постапка“, изјави за „Нова ТВ“ професорката Биљана Јаневска, која го водеше тимот што ја изврши обдукцијата.

Притоа, професор Јаневска објаснува дека сколиозата, како основна болест, довела до намалување на градниот кош и до намалување на капацитетот на белите дробови, што предизвикало понатамошни компликации. Овие податоци, наведени во обдукциониот наод, се изоставени во написот што е предмет на оваа рецензија, односно тие се прикриени за читателите да добијат поинаква слика за фактичката состојба.

Извртувањето на вистината и пристрасноста се забележливи веќе на прв поглед. Нема дилема дека овој напис, и без индикативниот наслов, ставен во контекст на сите познати факти, одразува конкретен политички став, а тоа е- Владата не треба да сноси никаква одговорност за смртта на Тамара.

Насловот е првото што најавува дека овој напис има проблем со објективноста: тој прозвучува како морбидно радување дека, и покрај критиките, ете, мислењето на една личност за причините за смртта на малата пациентка Тамара, се совпаѓало со официјалните наоди на обдукцијата. Сепак, пукајќи во метата на критичарите на Тодоров и останатите засегнати функционери од „случајот Тамара“, насловот ја промашува веста: не е вест дека професорот Росоклија бил во право кога кажал дека причина за смртта на Тамара не е сколиоза, вест е дека обдукцијата тврди дека смртта била предизвикана од бронхопневмонија!

Политика наместо вистина – тоа го нуди овој напис за случајот на Тамара Димовска, девојчето заболено од тежок облик на искривување на ’рбетот, кое почина додека чекаше одобрување средства од Фондот за здравство за операција во странство, наспроти ветувањата на ресорниот министер дека за нејзиното лекување ќе се погрижи државата. И, наместо да се искористи ексклузивно добиениот увид во обдукцискиот наод за на јавноста што побрзо да ѝ се соопштат фактите што стојат во извештајот од Институтот за судска медицина, написот се користи за да се оправдува Владата и вината за смртта на Тамара да се префрли врз плеќите на родителите. Затоа и не зачудуваат гневните реакции по објавувањето на текстот што го рецензираме, ниту, пак, стивнуваат негативните коментари на социјалните мрежи за несоодветно инволвирање на професорот Росоклија во овој случај, кој нема никаква врска со неговата медицинска специјалност.

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

неточни наводи

неверодостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

официјални

релевантни, нерелевантни

2 извори

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

не може да се одреди

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

не информира

некреативен

сензационален

соодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

стилски уреден

поврзан со тагови

Претплатете се за најнови вести