verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Празникот не е само на власта и само на владејачката партија

on 9 - 09 - 2015       
Груевски, Груевски, насекаде Груевски... поточно 18 минути Груевски. Фото: скриншот, колаж: СПФМ
Груевски, Груевски, насекаде Груевски… поточно 18 минути Груевски. Фото: скриншот, колаж: СПФМ

 

[Критички осврт врз ТВ-дневникот на „Сител“ во 16 часот на 08.09.2015]

 

Во овој празничен ТВ-дневник, на премиерот Никола Груевски му беа доделени 18 од вкупно 29 минути. Целата информативна емисија беше посветена на власта. Другите чинители, како невладините организации и опозицијата, ги немаше никаде.

 

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Од еден ТВ-дневник, особено во неговото прво издание, се очекува да информира, пред сè, кратко и јасно, за сите настани што се случиле дотогаш, како од земјата, така и од светот. Затоа што, по некоја логика, првите информативни изданија траат пократко, во такви услови, потребно е секоја вест да биде одмерена според времето што го има уредникот на располагање за реализација на вестите. Потоа, пак, во идните изданија, вестите можат да бидат проширени и надградени, секако според новинарските правила.

 

Во овој ТВ-дневник, на телевизија „Сител“ од 16 часот ништо од потребното за едно вакво издание не беше на место. Дневникот речиси почна и заврши со премиерот Никола Груевски, кој беше застапен во дури шест прилози. Сите делови беа извадоци (не баш кратки) од говорот на премиерот Никола Груевски, кој по повод 8 Септември, Денот на независноста, говореше во Македонскиот народен театар во Скопје.

Вака се редеа прилозите, кои беа најавувани преку линк во живо:

– Основен говор на Груевски за празникот

– Специјален обвинител

– Екстерно тестирање

– Мигранти

– Владата на терен

– Странски инвестиции

Ова беа прилозите од говорот на Груевски и темите кои овој ТВ-дневник ги обработуваше во 18 минути од дневникот, кој траеше 29 минути.

Во продолжение следуваа прилози кои повеќе наликуваа на ЕПП, директно раководена од партискиот штаб на владејачката партија, отколку што личеа на нормално измерени прилози, необременети од никаква политика.

Така, и покрај силниот „удар“ со прилозите за Груевски, ова издание беше дополнето со уште четири прилози од „успесите“ на власта за Македонија:

– Собраниски награди

– Пуштање во употреба на катна гаража

– Пуштање на плоштад во Охрид

– Реновирање на охридската болница „Свети Еразмо“

Кога вака ќе се погледне еден ТВ-дневник, се враќате во некои минати времиња, далеку од демократијата и од реалноста.

Но, иако ова информативно издание не сака да го признае тоа, факт е дека празникот 8 Септември не е ниту само на власта, ниту на министрите и уште помалку на премиерот. Точно е дека на празник приоритет ќе има веста за говорот на актуелни функционери, без политика, без додатни коментари во прилозите, без навивачки најави… Ама, целиот ТВ-дневник да биде со навивање и со преџвакување на секое зборче од говорот е недозволиво за новинарски професионално сработена информативна емисија. И, ако можеби помислите дека нешто се променило во вториот ТВ-дневник од 19 часот, се лажете. Тој беше ист како и првиот ТВ-дневник, само надграден со уште една вест за времето.

Со вакви вести, нормално, и гледачите остануваат неинформирани за повеќе настани, кои, исто така, се случија вчера. Кога ќе се погледне реалноста, се сфаќа дека во оваа држава има и други партии, кои, исто така, имаа активности вчера.

На пример, активистот Дамир Незири, Денот на независноста на своите сограѓани им го честита со видеозапис во кој се гледа дека во Тетово едвај протекуваат неколку капки вода од чешмите.
На „Фејсбук“ може да се прочита и дека „За 25 години независност нашите политички партии избркаа повеќе народ отколку Османлиите во 5 века ропство“.

Левичарското движење „Солидарност“, исто така, имаше реакција во која се вели:

„За 25 години назадување, 8 Септември е добар датум да согледаме каде бевме некогаш, а каде сме сега. Споредено со 1990, последната година за која имаме податоци за СРМ, бележиме назадување во речиси сите важни сегменти на живеењето – животниот стандард, невработеноста, нееднаквоста, здравството, образованието. Наместо независност, добивме назадување. Време е работите да се сменат! Нам не ни недостига минатото, ни недостига можноста за подобра иднина.“

Дека празникот не е само на ВМРО-ДПМНЕ и на власта покажаа и активностите што вчера ги имаше опозицискиот СДСМ. Така, гледачите останаа покуси за информациите дека во чест на 8 Септември, Денот на независноста на Македонија, делегација од раководството на СДСМ положи цвеќе на гробот на првиот претседател на Македонија, Киро Глигоров, и оддаде почит за неговиот придонес за независна и суверена Република Македонија.

Зоран Заев, исто така, имаше обраќање во месноста Три Круши, но ни тоа не беше доволно значајно за да го има во овој ТВ-дневник. Инаку, гледачите имаа право да дознаат што Заев изјавил. Меѓу другото, тој подвлече и некои поенти:

„Повторно да си ја вратиме, почитувани пријатели, и демократијата и слободата во нашата земја! Имаме режим, хибриден режим, којшто е наметнат во нашата земја и тој мора да заврши. Па идната година на 8-ми септември во вистинска слобода да го дочекаме празникот на независноста на нашата земја. До јануари Груевски треба да си даде оставка, но претходно треба да се формира преодната влада чија цел е да се вратат демократските институции. Покрај преодната Влада ќе го дочекаме и денот околу Нова Година, Груевски да даде оставка, да замине и никогаш повеќе да не се врати. Но, дотогаш почитувани сограѓани, треба да ја видиме независна Македонската радио-телевизија, треба Агенцијата за аудиовизуелни услуги да биде навистина коректив на медиумите со национални концесии и приватна сопственост“, рече Заев.

Честитки за празникот имаа и помалите партии, за кои, исто така, немаше место во овој ТВ-дневник.

Кон крајот од вестите имаше само уште два прилога од Македонија:

– Почеток на фестивалот Ристо Шишков во Струмица

– ИФА саемот во Берлин

Овие прилози беа коректно направени со сите „нишани“ како што треба да изгледа еден професионален производ.

А, на самиот крај, имаше и два куси прилози од светот:

– Бегалци

– Среќавање на роднини од двете Кореи

Како и повеќето претходни, и овој ТВ-дневник беше една пропагандна емисија како во предизборен период. Ништо не е променето. Поради тоа што се повторува како негативна појава, пак, не значи и дека е исправно. Една информативна емисија треба да иформира за сите случувања од земјата и од светот. Не само за една партија и не само за власта. Затоа се вика и ТВ-дневник.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести