verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Џумерко и ќерка му – од курназ, покурназ!

on 16 - 10 - 2013       

djumerko-i-cerka-mu-crop-resize

„Некои велат Прилеп е град на тутунот, за други градот под Марковите кули е град на пивото, заради фестивалот кој веќе стана препознатлив во целиот регион… Ама Прилеп е и град на мајмуните, оти нели така ги нарекуваат неговите жители…, иако во Прилеп мајмун не игра, оти нема кој да му го држи стапо!“

Весникот Вечер својот централен текст за празникот реши да го презентира низ една репортажа за градот-првоборец и тоа стартувајќи од домот на актерот Џумерко, продолжувајќи потоа низ неколку градски музеи. Ова е еден од ретките текстови кои нè потсетуваат на традицијата на нашето новинарство, во доба кога визуелните медиуми беa помала конкуренција. Доброто преплетување на локалниот јазик, мудростите пласирани на „вистинско место“ и низа други дребулии кои го даваат шармот на написот, покажуваат дека нема застарен жанр, туку сѐ зависи од енергијата која авторот ќе ја внесе во текстот, од она што обично се нарекува моментна инспирација. Таа тука очевидно постоела.

Џумерко и ќерка му - од курназ, покурназ!

Линк до оригиналниот напис: Џумерко и ќерка му – од курназ, покурназ!

Датум и време на објавување: 10.10.2013

Датум на рецензирање: 15.10.2013

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост: Вистински ли ти бил Итар Пејо? Којзнае, ама приказните со него си наоѓаат свое место во народното творештво и го отсликуваат неговиот дух. Оттаму, ова е еден од ретките текстови и жанр каде вистинитоста не треба да ја барате. Текстот поаѓа од домот на актерот Џумерко и неговата ќерка Мара која успешно го менува на театарските штици и кои заедно нудат магија, плетат еден тепих од многу градски стории кои се толку стари и одат наназад, така што никој и не сака да ја знае вистината, ниту допрва да ги распарува.

Извори на информации: Со новна помош ние минуваме низ градските музеи и дознаваме како се менувал градот и кои луѓе и приказни го крепеле. Го има тука и директорот на Меморијалниот музеј Белчески , па мајсторите Лауцовци и Тасламичевци,и градскиот хроничар Благоја Алексоски, па ликовите на Глигур Поснасарма и Суљо Дервишо… Извори колку сакаш, нема доволно време да се чујат, ама ни толку страници во весникот…

Содржајност: Значи, една репортажа успеала со многу ликови и посети да направи една релативно заокружена слика за градот (тутун, комедија, чаршија), да го претстави хуморот и јазикот на Прилеп и, се разбира, да не биде здодевна. Напротив, тоа е текст што во дневната соба можете да го читате гласно откако претходно ќе го стивнете телевизорот.

Пристрасност: Секако дека е тоа еден пристрасен текст – тој е постојано на страната на градскиот шмеќерлак. Но, онаму каде се допираме до совремието, постои големо чувство за реалност. На пример, кога се опишува статусот на Џумерко, кој има пензија од 200 евра и како тој и семејството ја делат сиромаштијата со просечниот човек, на пример. И кога тој зборува дека нема шанси да се добери до титулата национален уметник, нема лажење!

Оригиналност/Плагијат: Се работи за ретко оригинален текст во ова време на копи-пејст новинарството. Се покажува дека репортажата е жанр кој – веројатно единствен – не може да се копира. Тука сте или оригинални или не сте направиле репортажа.

Квалитет на насловот: Наднасловот и насловот се во една убава целина – наднасловот укажува на формалноста на поводот за посета на Прилеп (одбележувањето на 11 Октомври), ама насловот ја дава главната алка на содржината – „курназлакот“.

Фотографија: Фотографиите се, исто така, авторски и ги има повеќе, иако недостасува нешто што би се нарекло амбиенталност, односно немаме подеднаква инспирираност од градот под Маркокуле и кај новинарката и кај фотографот.

Заклучок:  Она што репортажата ја прави посебен жанр, освен непосредноста до изворот на сознанија е секако комплетното потпирање врз личноста на новинарот: тој е сензорот преку кого треба да го впиете местото и времето каде тој се наоѓа. Потоа репортажата, во денешните тајминзи на нашето новинарство, речиси е залудно трошење на еден новинар и тоа најмалку „цел ден“, што не е рационално, гледано од аспект на современите газди и глодури во пресот. Во овој случај новинарка со сенс добила цела дневница!?


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

точни наводи

делумно

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

официјални

релевантни

повеќе извори

повеќестрани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

сеопфатнo

нема прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

не може да се утврди

нема извртување на вистина (спин)

нема лажни информации

наклонетост

друга пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

нема коментаторски елементи

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

наведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

информира

креативен

несензационален

соодветен

јасен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

наведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести