verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Борис Кондарко, претседателот на ДИК најверојатно ќе си поднесе оставка

on 21 - 10 - 2013       

Борис-Кондарко-претседателот-на-ДИК-најверојатно-ќе-си-поднесе-оставка-crop-resize

Навестувањето на евентуалната одлука на претседателот на ДИК, Борис Кондарко, да си поднесе оставка, која доколу се реализира би имала сериозна рефлексија врз текот на одредени битни општествени случувања како што е (не)одржувањето на избори, е во фокусот на овој прилог. Текстот има тенденција да обработи една важна тема од политичкиот живот на земјава, но тоа го прави на безмалку ноншалантен и површен начин ако се земат предвид базичните стандарди на новинарското работење. Станува збор за вест во која не е контактиран ниту еден извор на информации, вклучувајќи ги и оние на кои најдиректно се однесува, а изјавите врз кои се базира веста се преземени од друг медиум, во конкретниов случај 24vesti.mk и тоа пренесени или искоментирани вон оригиналниот контекст во кои се дадени. Наместо да се обработи на начин кој задоволува минимум професионален стандард, преку неа всушност се шпекулира за заднинските мотиви на евентуалната одлука на претседателот на ДИК, за случувањата и за наводните „вистински“ одлучувачки фактори во опозиционата СДСМ. Прилогот изобилува со видливо присуство на коментаторски елементи, шпекулации и тенденциозност во контекст на пристапот и третманот на темата.

FireShot Screen Capture #007 - 'Борис Кондарко, претседателот на ДИК најверојатно ќе си поднесе оставкаЛинк до оригиналниот напис: Борис Кондарко, претседателот на ДИК најверојатно ќе си поднесе оставка

Датум и време на објавување: 16. октомври 2013 – 20:20

Датум на рецензирање: 18.10.2013

Рецензент: Лилјана Митевска

Вистинитост: Ако во текстот постојат факти, тие факти се извлечени од интервјуто на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за телевизијата 24 Вести. Но, кога станува збор за рецензираниов текст, не моеже да се забележи дека е вложен труд да се дојде до било какви факти и сознанија. Не се контактирани засегнатите личности за кои говори во текстот за да ја утврди вистината, туку целосно е прибегнато кон претпоставки, кои можат, но и не мора да имаат допирна точка со вистината. Всушност, може да се каже дека со самиот начин на кој одредени факти од интервјуто на 24 Вести се пренесени и контекстуално позиционирани во во овој прилогот, тие веќе стануваат спорни.

Извори на информации: Новинарот не го контактирал ниту едниот од двата клучни извори на информации. Првенствено личноста која е во фокусот на овој текст – претседателот на ДИК, Борис Кондарко, за кого се тврди дека најверојатно ќе поднесе оставка. Ниту, пак, оној кој ја најавува таквата можност, лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Поточно, текстот не се базира на ниту еден релевантен, официјален извор на информации или дури може да се каже дека нема, условно речено, сопствени извори на информациии. Тој само се повикува на информациите дадени во интервјуто за друга телевизија која служи како главен извор на информации. Единствениот дополнителен извор на информации е анонимен и е целосно ставен во функција на зацврстување на тезите на новинарот:

„Познавачите на состојбите велат дека повлекувањето на Кондарко е само уште една потврда дека Црвенковски се уште владее на Бихаќка“.

Содржајност: Веста е несеопфатна, бидејќи видливо ги застапува тезите на актуелната политичка гарнитура. Не постои избалансиран пристап во известувањето во контекст на застапеност на сите засегнати страни, во овој случај дури и на најзасегнатите. А, сепак, не може да се констатира недостапност на одредени извори на информации бидејќи во спротивно тоа би било наведено. Очигледно е отсуство на волја да се стори тоа. Оттука чувство на, благо речено, селективен пристап во однос на информациите.

Пристрасност: Текстот е пристрасен со самиот избор на новинарот да не ја обработи темата суштински, па дури и директно да не ги контактира најповиканите извори на информации, туку само да ги коментира нивните изјави дадени за друг медиум и да ги пренесе во нецелосна верзија, фрагментирани, што честопати знае да го смени контекстот на кажаното. Сето ова може да се протолкува како тенденциозен, па дури и пропагандистички акт.

Коментирање: Жанровски овој текст е хибрид – има тенденција да информира, но е преобилно зачинет со коментари и лични констатации. Сака и да „поучи“, да разоткрие што тоа се случува во заднината на опозициониот табор. Донесува заклучоци за однесувањето на оваа партија во контекст на минатите дејствија, па врз основа на тоа дури ги предвидува и идните. Авторот настапува и од позиција на своевиден „експерт“ кога станува збор за постапките на опозицијата:

„Опозицијата секогаш кога сака да спречи одржување на предвремени избори го принудува својот кадар во ДИК да си поднесе оставка.“

Квалитет на насловот: Насловот е строго информативен и е во служба на основната информација која треба да се пренесе. Тој е всушност најкоректниот дел од целиот прилог. Укажува на веројатноста, ама и на недефинираноста во контекст на можната оставка на преседателот на ДИК, за разлика од прилогот кој следи, кој, пак, во целост функционира на ниво на дефинитивни констатации:

„Борис Кондарко е пред оставка… Оставката на Кондарко е веќе виден потег на СДСМ…“

Фотографија/ Видео: Видеото целосно го поткрепува вербалниот дел со слика која има за цел да го потврди и да го засили емотивното чувство во контекст на она што се кажува.

Заклучок: Спорна е оправданоста на овој текст, бидејќи е недоследен на својот жанр. Наместо да информира, тој шпекулира, обилно користејќи коментаторски елементи со висока доза на тенденциозност. Во оваа форма тој е е во целосна служба на една политичка опција, наместо да биде во служба на објективно информирање на граѓанството.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

дел точни, за дел не може да се утврди

не може да се утврди веродостојноста на наводите

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

неофицијални, аноними

2 извори

повеќестрани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

можеби се прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

не може да се утврди

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

наведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

информира

некреативен

несензационален

соодветен

јасен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

нема

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести