verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Професија – експерт

on 10 - 01 - 2015       
Овој напис го има и на: Албански
Уште едно „експертско“ мислење. Фото: Daniel F. Benavides, 2008
Уште едно „експертско“ мислење. Фото: Daniel F. Benavides, 2008

 

Експертските мислења се важен дел од медиумското известување. Манипулацијата со овие мислења го дезавуира кредибилитетот на вистинските експерти и ја намалува довербата на граѓаните во медиумското известување.

 

Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевскаексперт за човекови права

 

Во процесот на информирање и во своите анализи, медиумите презентираат факти (бројки, места, имиња, документи, материјални податоци, …) и се повикуваат на мислења и на ставови на експерти, аналитичари, стручњаци од конкретна област.

Експертското, стручното мислење дадено во медиумот треба да понуди објаснување, релевантно толкување на одредени податоци, аргументиран став за конкретното прашање.

Нудењето стручно мислење и повикувањето на стручно мислење во медиумот би требало да ја зајакне информацијата, затоа што се претпоставува дека оној кој е стручен за одредена област, има специфични и продлабочени знаења за конкретното прашање, има податоци и може да сумира различни ставови и разновидна аргументација. Искажаното мислење на стручњакот има поголема тежина и им дава сигурност на граѓаните дека искажаното мислење е формулирано врз основа на претходна специфицирана анализа од страна на човек кој има квалификации и способност да врши ваква анализа.

На пример, кога ќе прочитаме дека

според доктор Роб Даноф, лекар и член на Американското здружение на остеопорозата (АОА), седењето сериозно му штети на здравјето“

сериозно ќе се замислиме и можеби и активно ќе смениме дел од своето однесување. Затоа што станува збор за специјалист за кој претпоставуваме дека го проучувал прашањето на остеопорозата и ставот го изградил врз основа на поголем број сознанија, кои му се достапни како на стручњак. Притоа, не проверуваме кој e Роб Даноф, туку му веруваме на медиумот дека го проверил изворот и дал соодветна информација. И навистина, доколку провериме за кого станува збор, ќе се појават повеќе референци за доктор Роб Даноф, кои ја потврдуваат неговата специфична стручност.

Граѓаните не можат, не знаат како или, едноставно, немаат време да ја проверат секоја стручна анализа која ја нудат медиумите, односно да ги побараат референците на секој стручњак на кој се повикуваат медиумите. Заради ова, од исклучително значење е кого медиумот ќе понуди, односно, претстави како стручњак за одредена област. Доколку медиумот претстави како стручњак од одредена област човек кој тоа не е, станува збор за груба манипулација на граѓаните, односно, за измама.

Кога станува збор за егзактните науки и области, вообичаено, медиумите се трудат да понудат релевантни експертски мислења (на пример, кога станува збор за здравјето, животната средина, природните науки). Неретко и во овие области има неоправдано (намерно или ненамерно) стручно квалификување (кое во одреден момент станува доволно опасно за официјално да реагираат дури и професионални/струкови здруженија како што е Лекарската комора на Македонија), меѓутоа во никој случај не е така раширено и медиумски така лесно прифатено, како кога станува збор за правните, политичките и пошироко, општествените прашања.

Имено, кога станува збор за политиката и за општеството, експертизата се припишува со огромна леснотија. Најчесто употребувани термини се: аналитичар, експерт, политички аналитичар, експертска јавност, а најпрепознатливите ситуации може да ги сумираме во пет појавни форми:

1. Kога медиумот се обидува да го направи кредибилно известувањето или да даде поголема важност на некој став со тоа што не се повикува на конкретни имиња, туку со  генерално повикување на „некои“ политички аналитичари или експерти, „сите експерти“, „сите аналитичари“.

На пример:

Експертите се зачудени од однесувањето Пендаровски особено ако се има предвид дека тој повеќе од 10 дена бараше ТВ соочување со Иванов

Отсуството на конкретна личност која би била носител на експертското мислење оневозможува да се провери податокот. Варијација на оваа ситуација е кога медиумот ја употребува генералната определба „политичките аналитичари“, а наведува едно име, со што се создава привид дека постојат и многу други кои го делат истото мислење.

2. Кога медиумот како политички аналитичари или експерт нуди луѓе кои немаат соодветно теориско или практично искуство во конкретната област. На пример, за некој да биде наречен политички аналитичар е потребно соодветно знаење, исто како што е потребно специфично знаење за некој да се нарече патолог или инженер или математичар, или … Најчесто тоа е многу лесно проверливо доколку медиумот даде податоци за понудениот политички аналитичар и основите врз кои му го доделува тој статус.

3. Кога медиумот создава конфузија со тоа што одредени партиски функционери во еден момент ги нуди како независни аналитичари, а во друг момент ги цитира како претставници на политичките тела.

На пример:

Изјава на Илија Димовски по потпишувањето на Извештајот на Ад Хок Комисијата за случувањата на 24 декември 2012, каде и тој самиот учествуваше како член-експерт.

4. Кога членувањето во здружение на граѓани (невладина организација) се поистоветува со експертиза за областа која претставува посебен интерес на таа организација. Здруженијата на граѓани можат да бидат наречени истражувачки центри, аналитички форуми, институти и сл., меѓутоа без соодветна акредитација името не ги прави повеќе експертски од кое било друго здружение на граѓани. Овде, се разбира, не спаѓаат струковите и професионални здруженија, кога даваат мислења од областа за која се формирани.

5. Кога функцијата пратеник, министер, премиер, во медиумот се поистоветува со политичка експертиза. Со оглед на тоа дека за овие функции не се бараат посебни професионални квалификации (напротив, се бара да бидат лаици за таа конкретна област), претставувањето на ставовите на овие луѓе како експертски ставови е несоодветно (освен ако лицето има соодветни квалификации надвор од функцијата која што во моментот ја врши).

На пример, изјавата на министерот за здравство

„Министерот Тодоров изјави дека Република Македонија се вбројува во една од ретките земји во поширокиот регион каде се изведуваат ваков вид интервенции. Појасни дека за тој тип интервенции досега пациентите од Македонија биле упатувани во Русија и во други европски земји.

Едната интервенција која е направена е сложена, извршена е кај млад пациент кој имал тешка повреда на окото. Доколку ваква интервенција не се изведувала во Македонија она што требало да се преземе е отстранување на окото и ставање протеза, што значи комплетно слепило на едното око, рече Тодоров“

не е дел од неговата лична експертиза, а како министер тој ги нема знаењата поврзани со конкретната медицинска област.

Експертските мислења се важен дел од медиумското известување. Манипулацијата со овие мислења го дезавуира кредибилитетот на вистинските експерти и ја намалува довербата на граѓаните во медиумското известување. Експертите можат да бидат добри или лоши, можат да имаат различни мислења, можат да бидат поспремни или помалку спремни да одговорат на поставените прашања, меѓутоа нивната експертиза не се докажува со титулата експерт, туку со нивната биографија, односно со валоризираните теориски знаења и со соодветното искуство во конкретната област на експертиза.

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести