verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

ТВ-дневник: Добар почеток, па тенденциозност

on 10 - 01 - 2015       
Известувањето за Законот за високо образование како да не може а да помине без неизбалансираност. Фото: Видео клип скриншот
Известувањето за Законот за високо образование како да не може да помине без неизбалансираност. Фото: Видеоклип скриншот

 

[Анализа на ТВ-дневникот на „Сител“ на 9 јануари 2015 година во 19 часот]

 

Веќе во 26. минута се нуди информацијата за комисиските расправи. Самиот прилог е едностран… Прозваниот „Професорски пленум“ не е консултиран во врска со обвинувањата дека го губи кредибилитетот, што, во основа, создава простор за сомнеж за новинарски спин со употреба на тенденциозен избор на соговорници. Впечатокот се зајакнува ако се има предвид дека имаме некомплетирана информација, поточно воопшто не се споменува барањето на ректорите за одложување на расправата за новите законски измени.

 

Пишува: Александар Пешев

 

 

Главниот форшпан, имено прегледот на настаните на денот, ветува разноликост на информации за актуелностите од светот и од земјава. Веднаш се забележува блага неизбалансираност во покривањето на реформите во високото образование. Форшпанот известува за поддршката на законските измени во собраниска процедура, но изоставена е информацијата за барањето на поранешните ректори да се повлече предлог-законот.

Дневникот се отвора со веста од Франција за заложничките драми кои настанаа по нападот на редакцијата на сатиричниот неделник „Шарли ебдо“. Имаме детален новински извештај, со добар след на информцијата. Непотврдените информации јасно се издвојуваат од шпекулациите. Следи разговор со портпаролот на МВР, кратко интервју со кое е направен добар премин од настан од светот кон домашните актуелности. Прашањата се соодветни на темата и нема потреба од втор соговорник за балансирање на видеообјавата.

Прилогот за проблемите на граѓаните со голомразицата е поддржан со број на повредени, изјавите се од релевантни соговорници, а демонстративниот стенд-ап, појавувањето на новинарот пред камера за да се илустрира поентата, ја задоволува својата функција.

Golorazica-0987-098-gore

ТВ-ПРИЛОГ: Стотина пациенти со скршеници дневно во болниците низ Македонија

Golorazica-0987-098-dolu

Информативното издание продолжува со линк (јавување во живо од терен) за најавеното ново снежно невреме. Најавени се нови мерки од кризниот штаб, а гостинот на линкот, поточно соговорникот на новинарот кој се јавува во живо во вестите, е синоптичар. Нелогично е што во кајронот, или насловот, се информира за нови мерки од кризниот штаб, а разговорот се фокусира на тоа какво ќе биде времето.

 

ВЕВЧАНСКИОТ КАРНЕВАЛ ВО СРЕДИШТЕТО НА НАСТАНИТЕ НА БАЛКАНОТ?

Во овој блок се создава простор за дополнителни информации кои на публиката им остануваат нејасни. Површното техничко информирање не дава одговор на неколку прашања, како, на пример: Зошто не се исчистени тротоарите ? Во чија надлежност е чистењето на мразот од овие површини? Дали граѓаните кои се повредиле, паѓајки на мразот, имаат право на тужба или отштета и каде може да се обратат за остварување на ова право? Како ќе се интервенира во кризните подрачја ако имаме ново снежно невреме?

Презентерот вешто го премостува текот на дневникот кон втор линк од Вевчани. Репортерот на терен информира за текот на подготовките за вевчанскиот карневал. Во кајронот повторно прашалник и извичник – зошто толку интерпункција? Репортерот вели дека Вевчани и вевчанци „со својот карневал ќе бидат во центарот, во средиштето на настаните на Балканот“. Не е јасно од каде со толкава сигурност се прави вакво предвидување и дали самото гостување на странски медиуми и гости од регионот ќе го освои вниманието на Балканот.

Текот на информативното издание досега може да се резимира на следниов начин: се отвора со актуелна тема која го потресе светот, преминот кон домашните теми ја задржува актуелноста до 12. минута со информации кои се од широк интерес на домашната публика. Оттука имаме премин на тема која може да се категоризира како забавна содржина, интересна за делот од аудиториумот кој е заинтересиран за традиционалната манифестација.

По вториот меѓуфоршпан за огласот за советници во кабинетот на премиерот, дневникот се префрла на информација за девојче претепано до смрт. Несреќниот настан дополнително го стеснува опсегот на корисност. Имаме информација за изолиран случај на домашно насилство која видно добива поголем приоритет од останатите актуелности на денот, најавени во главниот форшпан на почетокот на дневникот, меѓу кои и измените на законот за високо образование во собраниска процедура.

 

ПРОБЛЕМОТ СО АЛТЕРНАТИВНАТА МЕДИЦИНА БЕЗ ОДГОВОР

Темата за нови регулативи за алтернативна медицина е покриена со уште еден разговор со релевантен соговорник, заменик-министерот за здравство. Сеопфатноста не е задоволена бидејќи не е консултиран практичар на алтернативни медицински методи нити, пак, се напоменува дека е направен напор да се добие изјава од кое било лице кое би било погодено од новиот закон. Покрај тоа што разговорот наликува на промоција на ново законско решение, може да се аргументира дека станува збор за тема која засегнува поширока популација, па интервјуто е информативно. Сепак, и тука имаме неодговорени прашања, како, на пример: на чиј трошок ќе биде потребната доедукација на практичарите (меѓу кои и акупунктуристи, јога-инструктори и слично) што ја предвидува законот?

Веќе во 26. минута се нуди информацијата за комисиските расправи. Самиот прилог е едностран. Се отвора со информација за нови професори кои ги подржуваат владините реформи. Најавено е дека во Собранието се разгледуваат уставните амандмани и измените во Законот за високо образование, но прилогот кој следи е само за предлог-законот за високо образование. Кајронот ја содржи само информацијата за поддршка на реформите од неколкумина професори, покрај тоа што во најавата се кажува дека законските измени се во собраниска процедура. Добро е тоа што нема коментаторски елементи во офтонот (текстот кој го чита новинарот), но мора да се забележи за видната неизбалансираност. Прозваниот „Професорски пленум“ не е консултиран во врска со обвинувањата дека го губи кредибилитетот, што, во основа, создава простор за сомнеж за новинарски спин со употреба на тенденциозен избор на соговорници. Впечатокот се зајакнува ако се има предвид дека имаме некомплетирана информација, поточно воопшто не се споменува барањето на ректорите за одложување на расправата за новите законски измени.

Profesori-09876-098-gore

ТВ-ПРИЛОГ: Уште 8-мина професори му дадоа поддршка на државниот испит

Profesori-09876-098-dolu

Следи прилог за нови наслови од владиниот проект „1.000 стручни научни книги“. Следот на овие две информации една по друга во овој сегмент на дневникот наликуваат на пофалба за владините активности во образованието, посебно ако се земе предвид едностраноста на првиот прилог во овој сегмент.

 

НЕЛОГИЧЕН СКОК

Понатаму се забележува нелогичен скок од тема образование кон техничка вест за ручекот кој за државниот врв го организирал поглаварот на МПЦ. Секако, невозможно е да се обезбеди совршен логички тек на темите во информативно издание, но би било практично да се направи одвојување, барем со џингл. Блокот продолжува со информации за изградба на капела. Повторно имаме скок кон тема култура, со прилог за претставниците на венециското биенале, за оттука да се надоврзат теми за здравство. Логичкиот след на информациите моментално се губи.

Здравствениот блок, составен од два прилози, повеќе личи на промоција. Се најавува реконструкција на прилепската болница и се посветува прилог за донација од приватна фирма.

Следат информации од светот. Првата вест, за владин службеник кој 25 години не се појавил на работа, а земал плата, со право го покрева прашањето: Па што? Каква корист има ваквата информација за гледачите и зошто не е класифицирана како занимливост наместо вест? Следи техничка вест за уапсен татко осомничен за чедоморство за потоа да се даде веста за паднатиот авион на „Ер Азија“. Во блокот информации од светот, редењето веќе е спорно. Зошто занимливост и вест за видно изолиран случај на чедоморство добива приоритет пред пад на авион во кој загинаа многумина? Дневникот се затвора со спортските вести кои се детални и технички добро сработени.

Имаме информативно издание кое во голема мера има логички след и нуди разновидни информации. Покрај неколку неодговорени прашања кои би биле од интерес за гледачите, прилозите се изработени без коментаторски елементи и јасно и концизно ги презентираат информациите. Сепак, во одредени сегменти се забележува едностраност и нецелосно информирање. На одредени вести кои не би биле од широк интерес им се дава приоритет пред информации кои се однесуваат на пошироката популација.

 

Напомена: Најавната шпица на ТВ-дневикот е со постар датум – од 2008 година. Од достапните извори на интернет не можевме да најдеме понова.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести