verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Пристрасностa и манипулациите на МРТ се „заштитени“ со закон!

on 18 - 05 - 2015       
Од неодамнешни протести пред МРТ
Од неодамнешните протести пред МРТ. Фото: Теофил Блажевски

 

Директорите и одговорните уредници во МРТ не можат законски да одговараат за манипулативното новинарство што често се случува во известувањето во информативната програма, особено на МТВ. Мини-анализата на законите што ја покриваат оваа материја покажува дека обврските кон програмата се јасни и прецизни за тоа како треба да се известува. Но, санкции за неизвршување не постојат!? Сепак, судот на јавноста и на колегите е јасен. Моралните санкции се тука и се неизбежни

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Во длабоката политичка криза во Македонија, која резултира со уназадување на демократските процеси, голем удел има и контролата на медиумите од власта и особено закоченоста на јавниот медиумски сервис – Македонската радио-телевизија (МРТ), да дејствува како сервис во служба на јавен интерес. Оттука, не зачудува фактот што МРТ се најде во пакетот институции за кои се преговара или ќе се преговара меѓу власта и опозицијата.

Пред неколку месеци се заострија дебатите за улогата на МРТ и за тоа како да се стигне до вистински јавен сервис. За последната дебата, како и за начините како до вистински јавен медиумски сервис, пишувавме неодамна. Насловот кој тогаш беше употребен во анализата – „За МРТ во која ќе биде гордост, а не срам да се работи“ – за жал, многу бргу се потврди во практиката и во известувањето на МРТ за последните настани од политичката криза – протестите пред Владата, последиците од полициската акција во Куманово и односите на Македонија со меѓународната заедница.

Вака, дефинитивно, не може да се продолжи и сè додека трае извитоперувањето на улогата на МРТ во информирањето на јавноста за настани што се однесуваат и се значајни за секој граѓанин од земјава, сè дотогаш нема да биде исполнето едно од основните начела во демократијата – слободни медиуми. Слободата на медиумите во една земја се цени според тоа како известува, пред сè, јавниот сервис, а дури потоа како известуваат и во каков политички амбиент, креиран од властите, работат приватните медиуми.

 

ПРИМЕРИ ЗА МАНИПУЛАЦИЈА И ЗА ПРИСТРАСНОСТ

 

Тука ќе ви предочиме примери од последните неколку денови за да покажеме до кој степен е манипулирана јавноста при известувањето на МРТ.

Ќе почнеме од последните извештаи што се однесуваа на односите на Македонија со меѓународната заедница. Еклатантен пример е известувањето на 11 и на 12 мај во врска со дипломатските напори на шест амбасадори во Македонија, кои извршија серија разговори со претседателот Иванов, со премиерот Груевски, со лидерите на ДУИ и на СДСМ, Ахмети и Заев.

И на средбите со Иванов и со Никола Груевски станало збор за две теми. Едната е настаните во Куманово, последиците и можните зголемувања на безбедносните ризици за Македонија од терористички групи, како и понудената помош при тие разговори до македонските власти.

Вториот дел од разговорите, пак, се однесувал на политичката криза предизвикана со објавувањето на прислушуваните разговори од лидерот на опозицијата, Зоран Заев, и со протестите низ Македонија, на кои демонстрантите бараат оставки и политички смени од власта.

За овие две нешта е разговарано, што може да се утврди од извештаите на други медиуми и на двата состанока со високите претставници на власта. А, да потсетиме, јавниот медиумски сервис има обврска целосно да известува за настаните.

За жал, МТВ не најде неопходно да извести за „непријатниот“ дел – критиките кон власта, туку само за првиот дел, за настаните во Куманово, сочувствата од земјите кои амбасадорите ги претставуваат и понудената помош во справувањето со овој и со други безбедносни предизвици од овој тип.

Во централниот дневник, емитуван на 11 мај 2015 година, овој настан, односно извештајот за овој настан, најде место, според уредничката процена, дури во 10. минута од вестите. Гледач кој гледа само МТВ можеше да заклучи дека имало некаква критика врз Владата од само две реченици на уредникот и на водителот на дневникот: „Освен за терористичкиот напад од викендот, амбасадорите разговарале и за прислушувањето и актуелната политичка ситуација. Побараа владата да преземе соодветни политички и законски мерки против одговорните и уште еднаш повторија дека е потребно да се работи на независност на судството како и на медиумите.“

Немаше ниту збор за деталите од заедничкото соопштение што го прочита американскиот амбасадор Бејли по средбите, во кое се изразува „загриженост“, „сомневање“ и слични зборови упатени кон Владата на Груевски, како и за „целосната поддршка“ на демократското право на граѓаните да се собираат и да протестираат. За разлика од ова, следниот ден, на 12 мај, по разговорите на амбасадорите со Заев, МТВ детално и прецизно извести за пораката до опозицијата да се врати во Собранието, пренесена преку заедничката изјава што ја прочита германската амбасадорка.

 

Ќе го прескокнеме известувањето на МТВ за настаните во Куманово на денот на случувањата, но ќе се задржиме на директната прес-конференција на премиерот Груевски следниот ден, на 10 мај, која наместо во 16 часот, почна со половина час задоцнување. МТВ, како јавен медиумски сервис, сметаше дека е од јавен интерес да се пренесува изјавата на премиерот на таа прес-конференција, но кога почнаа прашањата од новинарите, јавниот интерес „исчезна“ и МТВ го прекина преносот.

Во овој пакет известувања за настаните во Куманово и за последиците, можеме да наредиме уште неколку примери на пристрасно известување, кога огромен простор им е даван на експерти и на „експерти“, универзитетски професори и други лица и кои цело време застапува теза дека полициската акција била извршена успешно. За разлика од другите медиуми, МТВ, како јавен сервис, не најде дека е неопходно да посочи спротиставени мислења за полициската акција, кои во јавноста ги изнесоа, исто така, професори и безбедносни експерти, од кои некои биле на исклучително високи и одговорни позиции во полицијата и во МВР.

 

ПРИСТРАСНО И СЕЛЕКТИВНО ИЗВЕСТУВАЊЕ И ОД ПРОТЕСТИТЕ

Примери за пристрасно, небалансирано и манипулативно известување може да се најдат и во централните дневници на МТВ за настаните од 5 мај 2015 година и од деновите потоа, кога почнаа демонстрациите пред Владата на РМ и кога во доцните вечерни часови тие прераснаа во насилни и беа разбиени со употреба на сила од полицијата.

Во централните вести на 5 мај, дневникот не почна со најновата, најважна вест, туку со прес-конференцијата на веќе поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, која жестоко го нападна лидерот на опозицијата за објавувањето на прислушуваните разговори во врска со смртта на Мартин Нешковски. Иако во времето на емитувањето на дневникот (19.30 ч.) протестите пред Владата траеја веќе еден час, тоа за јавниот сервис не беше интересно, па само со две реченици беше известено дека има протести и дека демонстрантите го пробиле кордонот и заштитните огради и се наоѓаат на платото пред Владата.

Затоа, пак, во вестите следниот ден, 6 мај, уредничкиот тим се подготвил и на настаните од претходниот ден посвети околу 20 минути од централниот дневник. Но, како? Прва вест во најавата беше дека има 38 повредени полициски службеници, а немаше ни збор дали има повредени демонстранти при изведувањето на акцијата на полицијата.

Кога почнаа вестите, имаше тонско јавување за нови протести кои се пренасочиле кон Собранието, по што следуваа: кривични пријави од полицијата за приведените и осомничените лица, биланс на повредените службеници и на приведувањата, со акцент дека полициската интервенција била мека и со потиснување, изјава на полицискиот синдикат дека полицијата била грубо нападната, изјава со оправдувачки тон за упадот на полицијата во библиотеката и читалната „Браќа Миладиновци“, извештај од болници за повредените полицајци со изјава на лекари, прилог за загрозеното право на вршење професија и насилства врз новинарите (со акцент на ставовите на МАН и на „Радио Слободна Македонија“), па изјава на Груевски со пофалба за дејствувањето на полицијата, па контраизјава од СДСМ со обвинување за уредник на МРТ, па контраизјава на уредничкиот колегиум на МТВ… Сето ова заврши по 20 минути, со четириминутен разговор со Сотир Костов, најавен како експерт, за кого нема сомневање дека станувало збор за напад на институциите на државата, т.е. за напад врз државата.

Слични пристрасни известувања и анализи можеа да се видат и наредниот ден и тој по него. МТВ со ниту еден збор не се заинтересира за природата на претворањето мирен во насилен протест, за бројните тврдења на демонстрантите дека се уфрлиле лица кои провоцирале реакција на полицијата, за тоа дали таа употреби мека интервенција или прекумерна сила, како ни за тоа каква е состојбата со приведените и притворените лица, зошто биле приведени и слично. Целото информирање во централните дневници се сведуваше на еднострани погледи и ставови од официјални лица за настаните, зачинето со експертски толкувања на кои им се отстапуваат повеќе минути и кои анализираат, исто така, во насока само на владините и ставовите на владејачката партија.

 

ЗАКОНСКИТЕ ОБВРСКИ НА МРТ

Примери има бројни. Тука како илустрација плус на читателите може да им ги посочиме рецензиите на дневниците на МРТ што се правени од колеги на веб-страницата на „Сервис за проверка на факти“, но и десетиците рецензии што неодамна, како своја активност, ги направија колегите од „Новинарски пленум“ за да ја истакнат манипулативноста и неизбалансираноста во голем број случаи при известувањето во информативната програма на МТВ.

Со тоа, одговорните во МРТ кршат и законски прописи со кои имаат јасни и прецизни обврски, но, за жал, најсигурна им е моралната осуда поради прекршување на етичкиот кодекс и професионалните стандарди, осудата од јавноста која е видлива и огромна и граѓанска одговорност за навреда и за клевета доколку некој од засегнатите реши да поведе граѓански спор. На прв поглед е невозможно некој од одговорните во јавниот медиумски сервис да одговора и кривично за кршењето на законските обврски во однос на програмата, иако еден правен експерт што го консултиравме изјави дека „законот е растеглив“ и дека „може да се толкува и вака и онака“, но се посомнева дека е можна примена на КЗ, додека друг беше сосема сигурен дека е невозможно да се примени кривичното право во ваков случај.

 

Но, да одиме по ред. МРТ е јавно претпријатие, формирано од државата Република Македонија со Закон, кој сега не е на сила и кој последна измена претрпел во 2004 година. По низа законски перипетии, сегашното јавно претпријатие МРТ е регулирано со Закон за аудио и аудиовизуелни медиуми и медиумски услуги.  Во десетици членови се наведуваат обврските на МРТ, а во првите три ставки од членот 104 на законот, се објаснува дека МРТ е јавно претпријатие формирано од државата, дека врши дејност од јавен интерес и дека е независна од кој било државен орган, друго јавно правно лице или трговско друштво и треба во уредувачката и деловната политика да биде непристрасна кон нив, како и тоа дека „новинарите и уредниците во МРТ, како и лицата кои директно се инволвирани во производството и во продукцијата на програмите во МРТ немаат статус на јавни службеници.

Понатаму, во член 110 се дефинираат и обврските на МРТ во однос на програмите, од кои ќе ги издвоиме:

  • (да) создава и емитува програми достапни за целокупната јавност во државата за активно да придонесува за создавање и за развој на слободното мислење и информирање на јавноста и да биде двигател на демократските процеси во државата;
  • (да) развива и планира програмска шема во интерес на целокупната јавност, а програмите да бидат наменети за сите сегменти на општеството без дискриминација, притоа водејќи сметка за специфичните општествени групи;
  • (да) обезбеди постојано, вистинито, целосно, непристрасно, праведно и навремено информирање, создавајќи и емитувајќи висококвалитетни програми за сите важни политички, економски, социјални, здравствени, културни, образовни, научни, религиски, еколошки, спортски и други настани и случувања во Република Македонија, земјите од Европа и од светот;
  • (да) ја промовира и унапредува културата на јавен дијалог и да овозможи арена за широка јавна дебата по прашања од јавен интерес;
  • (да) не застапува и да не заштитува ставови или интереси на одредена политичка партија, политички, религиски или други групи, а програмите што ги создава и ги емитува да бидат заштитени од влијание на власта, политички организации или други центри на економска и на политичка моќ;
  • (да) придонесува за почитување и за промоција на основните човекови права и слободи, приватноста, достоинството, угледот и честа на индивидуата, толеранцијата, разбирањето и почитувањето на различностите, чувството за мир, правда, демократските вредности и институциите, заштита на малолетници, еднаквоста меѓу половите, сузбивање на дискриминацијата и на придобивките од граѓанското општество…

Ако внимателно се прочитаат обврските во однос на програмите, сосема е јасно дека МРТ во информативниот дел не исполнува во голема мера дел од обврските што тука ги цитиравме. Но, за жал, за тоа нема санкција. Следејќи ги внимателно казнените одредби од овој закон, се доаѓа до заклучок дека нема ниту една одредба со која МРТ би се казнила доколку не ги исполнува цитираните обврски, освен, можеби, глоба од 10.000 до 20.000 евра поради неисполнување на програмскиот концепт врз основа на кој е издадена дозволата за работа доколку во рок од една недела не се исполнува најмалку 80 отсто од тој концепт.

Теоретски, МРТ потпаѓа и под Законот за јавни претпријатија и ппод Законот за вработени во јавен сектор. Но, ниту во овие закони има нешто употребливо како казна за манипулација со јавноста, меѓу другото и поради тоа што оние што ја создаваат програмата и се изземени од статусот на јавни службеници.

Внимателна анализа на Кривичниот законик и одредбата 353 за злоупотреба на службена положба и овластување, покажува дека само со ептен растегливо толкување и со многу добра волја, некој одговорен во МРТ би можел да биде повикан на кривична одговорност. Еве го ставот 1 од тој член:

(1) Службено лице кое со искористување на својата службена положба или овластување, со пречекорување на границите на своето службено овластување или со неизвршување на својата службена должност ќе прибави за себе или за друг некаква корист или на друг ќе му нанесе штета, ќе се казни со затвор од шест месеци до три години.

Помал проблем, според овој  член, е да се докаже прибавување за себе или некој друг некаква корист, особено нанесување штета, но многу потешко е да ги дефинирате одговорните во МРТ како „службено лице“…

И така, доаѓаме до заклучок дека поради замешателство на повеќе закони со кои се регулира работењето на МРТ, како и (намерно?) отсуство на законски санкции за неисполнување на законските обврски, одговорните за креирање програма во јавниот радиодифузен сервис се заштитени законски во однос на непрофесионалноста и на пристрасноста во програмскиот дел.

Сепак, судот на јавноста и судот на колегите не можат да го избегнат.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести