verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Објективноста и медиумите: Цела недела молк за „противничката“ партија

on 18 - 12 - 2015       

kolaz-cel-cropfinal

 

Колку е длабока политизацијата на медиумите во Македонија покажува и оваа наша мала анализа. Има медиуми кои се подготвени и по цела недела да не објават ни збор за активностите или да не пренесат ниедно сооопштение или изјава на претставници од партијата што не ја „мирисаат“.

 

Пишува: Симона Атанасова

 

Медиумите треба да известуваат точно, јасно и непристрасно, да ги опфатат сите засегнати страни и да не бидат продолжена рака на некои политички партии. Но, на некои медиуми во Македонија не им се јасни и не ги применуваат основните принципи на новинарството.

Телевизиии, интернет-портали и новински агенции упорно и секојдневно објавуваат содржини, настани, изјави и соопштенија само од една политичка партија. Истовремено, тие забораваат дека дел од соопштенијата на една политичка партија што тие ги објавуваат, се реакција на претходно објавено соопштение на друга партија. Така, читателот добива реакција на необјавено соопштение, што во најмала рака изгледа несериозно и збунувачки.

Анализиравме текстови на шест медиуми во период од една недела. Се работи за две телевизии, два интернет-портали и за две новински агенции за ист временски период (од 7 до 13 декември).

Во нивните текстови се забележуваат значителни разлики во однос на тоа како на јавноста ѝ презентираат што се случувало на политички план таа недела.

Новинската агенција „Нетпрес“, на чија веб-страница стои атрибутот независна, во периодот од 7 декември до 13 декември објавила 39 вести со соопштенија од ВМРО-ДПМНЕ или изјави од нивни претставници. За истиот период, тие објавиле само еден текст со изјава од преставник од СДСМ, односно од министерката за труд и социјална политика, Фросина Ременски.

Иако најголемата опозициска партија, СДСМ, во неделата имаше програмски конгрес на кој се обрати нивниот лидер Зоран Заев, „Нетпрес“ нема ниту една информација, изјава или соопштение што се говорело на тој конгрес.

Затоа, пак, од говорот на премиерот Никола Груевски по повод празникот Свети Климент Охридски, овој медиум објавил 10 вести со цитати.

Новинската агенција „Макфакс“ во истиот анализиран период од една недела објави 14 текстови што имаат врска со СДСМ и пет текстови што се однесуваат на ВМРО-ДПМНЕ и на нејзини претставници. Оваа новинска агенција, за разлика од „Нетпрес“, има информација за програмскиот конгрес на СДСМ и еден текст за говорот на Груевски по повод 8 декември.

Веб-порталот „Курир“, пак, од 7 до 13 декември објавил 41 текст со изјави и со соопштенија поврзани со ВМРО-ДПМНЕ, а ниту еден единствен текст поврзан со опозицискиот СДСМ. Во анализираниот период, на „Курир“ објавени се дури 23 изјави на Груевски, што е речиси половина од нивните текстови објавени во рубриката „Македонија“. И овој медиум решил „да замижи“ пред програмскиот конгрес на СДСМ и да не објави ниту една вест или информација, а уште помалку изјава од лидерот Зоран Заев.

Веб-порталот „Плусинфо“ за време на анализираниот период објавил 10 текста поврзани со ВМРО-ДПМНЕ и со нејзините преставници, а 37 текста поврзани со СДСМ. Тие од говорот на Груевски по повод Свети Климент Охридски објавиле еден текст, преземен од новинската агенција „Мета“ и еден текст (извештај со слики и со видеозапис) од програмскиот конгрес на СДСМ.

Слично како порталот „Курир“, и телевизијата „Сител“ во период од една недела не објавила ниту една информација поврзана со опозицијата, за сметка на тоа објавиле дури 35 информации, односно прилози поврзани со владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и со нивните претставници. И овој медиум одлучил да „го преспие“ програмскиот конгрес на СДСМ одржан во неделата вечерта.

Телевизија „Телма“, за време на анализираниот период од 7 до 13 декември, објавила четири прилози поврзани со ВМРО-ДПМНЕ и три со СДСМ. Овој медиум има објавено по еден извештај и од говорот на Груевски по повод Свети Климент Охридски и од програмскиот конгрес на СДСМ.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести