verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

И кога Заев е повод, Груевски мора да биде главен

on 3 - 09 - 2015       
Што мисли ВМРО-ДПМНЕ за враќањето на СДСМ во Парламентот? Фото: скриншот
Што мисли ВМРО-ДПМНЕ за враќањето на СДСМ во Собранието? Фото: скриншот

 

[Критички осврт врз централниот ТВ Дневник на МТВ од 1. септември 2015, во 19.30 часот]

 

По речиси комплетниот говор на Илија Димовски, во салата за прес-конференции на Собранието, следува, во продолжение, коментарот на премиерот („мора да си ја заработат платата“), без да се каже ниту збор за тоа како дојде до враќањето на пратениците на опозицијата во Собранието, небаре тие, властодршците, како што ги исфрлуваа пратеници на 24 декември 2012 година од законодавниот дом, сега исто така „ги уфрлуваат“, како да се куфери, во пратеничките клупи.

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

 

Ако замислиме утрински колегиум во која било домашна телевизија, сигурно на 1 септември тој би се завршил со заклучок дека треба централно место да се остави за влезот на опозицијата во Собранието. Тука би било целисходно да се објасни како доаѓа до тој чин по 15-месечен бојкот од опозицијата, да се добијат мислења на двете политички страни, да се обезбеди став и на меѓународниот фактор битен за овој чин, секако…

Најавите во централниот дневник на МТВ за тој ден почнаа со почетокот на школска година, настан кој е неизбежен и рутински, ама каде централна точка е ставена на појавата на премиерот во два школски двора. Се одлучувало според личностите, а не според значењето на настаните, манир кој е доста жилаво присутен во оваа ТВ-куќа.

 

НОВ СТАРТЕН БРОЈ КАЈ ИЗЈАВИТЕ

Мала исправка имавме по втората најава, односно кога вестите почнаа да течат – настанот број еден, сепак, го доби новиот стартен број, врзан за политиката, со кој почна низата на прилози. Но, очигледно имало толку многу еквилибристика, што истиот, на крајот, може да се прекрсти, па место „Враќање на СДСМ во Парламентот“ да имаме прилог насловен „Што мисли ДПМНЕ за враќањето на СДСМ во Парламентот“.

Темата толку внимателно се отвора така што ВМРО-ДПМНЕ мора да биде во уште во првата реченица „едните се вратија, што кажаа за тоа другите, кои инаку цело време работеа“! Приоритет во прилогот навистина имаше излагањето на Заев, дадено бегло и кусо, додека веќе прес-конфенцијата на ВМРО-ДПМНЕ траеше подолго од потребното, што се гледа и од предолгите кадри, непрофесионално монтирани за една емисија од овој тип, каде е правило да се има рестриктивен приод кон небитните кадри. На пример, гледаме повеќе од половина минута како пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери влегуваат во салата за состаноци, па влегуваат, влегуваат и се тегават, чиниш се работи за навистина немонтиран материјал, а не за прилог во централен ТВ-дневник. Некој некаде ја вклучил стоперката!

По речиси комплетниот говор на Илија Димовски, во салата за прес-конференции на Собранието, следува, во продолжение, коментарот на премиерот („мора да си ја заработат платата“), без да се каже ниту збор за тоа како дојде до враќањето на пратениците на опозицијата во Собранието, небаре тие, властодршците, како што ги исфрлуваа пратеници на 24 декември 2012 година од законодавниот дом, сега исто така „ги уфрлуваат“, како да се куфери, во пратеничките клупи.
Инаку, одново имаме невообичаен пристап. Новинарот најпрвин го раскажува слушнатото од Груевски, а потоа истото тоа го слушаме во директен говор, што е тавтологично и комплетно нерационално трошење на скапото ТВ-време. Но, одново ли треба да забележиме дека некој користи стоперка кога ги гледа ТВ-прилозите на оваа куќа. Во рамките на истиот прилог имаше и сегмент од протестот на професорката Ачковска и на компанија (ГДОМ) кои го повторуваа истиот „рефрен“ на шлагерот „нека си ја заработуваат платата, доста беше“, мислејќи на пратениците на СДСМ. И додека го гледате прилогот, веќе заборавате која беше смислата на веста, а, секако, ниту трага од фактот дека се работи за условен влез и згора за обврска на партиите, која, пак, е поврзана со многу други обврски што се дел од Договорот во Пржино. Тој акт, далеку било, одамна нема право на граѓанство во провладините медиуми. Да сумираме – прилогот за овој настан траеше 3 минути и 15 секунди, да искористиме стоперка и ние, Заев доби 40 секунди, додека другото време беше искористено за нешто што може да се нарече напади против него!

 

ШКОЛОТО ПАДНАЛО, А НЕ – БИЛО СТАРО

Следниот прилог, за почетокот на училишната година, имаше гравитациона точка на двете посети на премиерот на школски дворови. Едното од нив е ОУ „Невена Георгиевска Дуња“, каде е ставен камен-темелник, без да се спомене дека тоа училиште претходно пропадна поради негрижа и на оваа просветна власт. Се користи терминот „дотраено училиште“, а не самоурнато – пред две години таму падна покривот, ама за среќа не загина ниту еден ученик. А, тој факт, секако, фрла поинаква слика и на настанот и на Општината Кисела Вода (предолго одложување на изградбата и ставање на учениците во опасност!). Некомплетните вести ги имаме и кај училиштето „Живко Брајковски“, кое е пуштено „во промет“, ама не се кажува дека изградбата беше почната пред повеќе од две и пол години, што е голем период до пуштањето како „кај Скадар на Бојана“, ако се има предвид дека се работи за објект кој е во приземје и има само уште еден кат.

Да споменеме дека другите телевизии дадоа и поинакви слики за состојбите во образованието, секако и за состојбата со зградите, која главно е катастрофална. И министерот за образование самиот посети едно такво училиште, ама камерите на МТВ не го следеа.

И потоа се редат позитивни слики за нашата економија – најпрвин кус прилог за земјоделски кредити, без некаква позначајно сознание за гледачите. Овој прилог, ни се чини, е користен како „џокер“ и во неколку утрински емисии и други слични повеќепати, сега како мотив за влезот во „фасцинантното вработување“ без никакви релевантни параметри. На пример, зошто 5.000 нови вработувања за десет месеци е голем успех? Колку била таа бројка лани или претходно? Како тоа 3.500 фирми вработиле толку малку – по еден и пол вработен по фирма? Има, секако, и други неодговорени прашања кои произлегуваат од оваа вест. Особено ако се најавува дека за следните 200 вработувања ќе се одвојат од буџетот 18,5 милиони евра (пресметавме – 19.200 евра по вработен). Тоа е многу! Дали се работи за вработувањата во слободните зони каде на странците им се плаќаат и платите за вработените по неколку години? Немаме одговор, бидејќи, немаме професионален прилог по клучните бројки.

И тука завршуваат домашните вести, по помалку од 14 минути! Беше ли тоа здодевен ден, судејќи по присуството на економските, споровозни прилози?

 

БУРЕН ДЕН СО МАЛКУ ВЕСТИ!

Секако, ако не се земе предвид, да речеме, протестот на новинарите од МПМ, каде дојде до скусување на платите од 10 до 30 отсто по новинар. Скусување за кое управата има објаснување дека тоа се прави поради економската криза во земјата, која, нели, претходно во дневникот на МТВ не сме ја виделе со години! Немаше вести за сè почестите рестрикции со струја и особено вода во главниот град, каде цели квартови се исклучени неколку денови по ред. Ја немаше ниту бегалската криза и најавата за изградба на бегалски камп на Кале, што не е така багателна вест, како и сè полошата ситуација со безбедноста на сообраќајот и со големиот број убиства. Немаше ништо за другите точки од спроведувањето на Договорот од Пржино, во ниту еден сегмент, иако имаше бројни дебати тој ден по тоа прашање, што, секако, е клучно за иднината на земјата, но очигледно е дека директивата гласи – ништо за Договорот од Пржино, ништо за Прибе и за неговите забелешки, ништо за специјалниот обвинител…

Кај меѓународните вести, кои го зафатија речиси целиот втор дел на дневникот (!), може да се стави забелешка дека освртот за Бледскиот стратегиски форум е правен практично само врз основа на изјавата на нашиот министер за надворешни работи Никола Попоски. Имало ли други учесници и што кажале тие? Па, секако, ако не дале изјава за МТВ, белким дале за другите ТВ-куќи – не е срамота да се позајми таков прилог од оние кои имаат посилни конекции со овој настан.

Дневникот, без спортските вести и оние за времето, траеше малку повеќе од 21 минута.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести