verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Исени: На многу портали цел им се плагијати, сензации, манипулации

on 3 - 09 - 2015       
Овој напис го има и на: Албански
Башким Исени, сопственик на Albinfo.ch.
Башким Исени, сопственик на „Албинфо“

 

Во пресрет на една средба, која ќе се одржи на средината на септемврии на која во фокус ќе биде напредокот и состојбата на албанските медиуми во Македонија, се реализира еден циклус интервјуа, како желба да се отвори дебата и да се поттикне или да се забележат предизвиците и успесите на албанските медиуми.

Ви го донесуваме интервјуто со директорот на платформата „Албинфо“ (albinfo.ch), Башким Исени, доктор на политички науки и научен истражувач во Универзитетот во Нојшател, Швајцарија.

Во наредните денови ќе следат и други интервјуа со медиумски експерти и со раководители. 

 

Пишува: Фатлуме Дервиши

 

Башким Исени, директор на „Албинфо“, правејќи еден пресек на медиумските реалности во Швајцарија, каде што работи, и тука, земјата од каде што доаѓа, нуди поглед врз развојот на медиумите на албански јазик.

Тој вели дека сè поголемиот број портали не значи дека тие носат повеќе информации, зборува за опасноста од „владеењето“ на медиумите од политиката, но го цени и влијанието на албанските медиуми. Сепак, вели дека треба повеќе да се внимава на новинарската професија, бидејќи „е деградирана како професија на Балканот, поради тоа што токму медиумите не ја играат целосно својата улога како критичари на општеството или на разните политичко-општествени појави и дека новинарите не ја уживаат заштитата што ја заслужуваат како важен општествен сегмент“.

 

Кажете ни малку за работата на платформата „Албинфо“. Со колку новинари функционира таа? Како ги добивате информациите од родниот крај? Како се финансира овој медиум?

Исени: Уште од октомври 2010 година, професионалната медиумска платфрома „Албинфо“ (albinfo.ch) е главниот информативен интернет-прозорец на албанската дијаспора во Швајцарија и пошироко. „Албинфо“ секојдневно објавува десетици вести за настани и за актуелности од Балканот и од Швајцарија.

По пет години редовно функционирање, таа денес се смета за еден од најсериозните албански медиуми во дијаспората, според квалитетот, оригиналноста и непристрасноста на информациите. „Албинфо“ има широк делокруг и влијание, што значи дека е платформa во буквална смисла на зборот, каде што се опфатени:

  • Дневни вести на три јазици (албански, германски и француски), со детални написи, досиеја и сериозни вести за актуелности во Швајцарија, Балканот и пошироко, дневна агенда, интернет-услуги за дијаспората и нејзиниот општествен живот. „Албинфо“ има повеќе од 1 милион посети месечно;
  • Бесплатни 10.000 тријазични месечни списанија „Албинфо“ со висок квалитет и систем на дистрибуција во разните центри кои се посетени од албанската дијаспора;
  • Телевизиската емисија „Diversité“ на француски јазик, која се емитува на „La Télé Vaud-Fribourg“;
  • Телевизиската емисија „In & Out“ на албански јазик, која се емитува на Косовската радио-телевизија (РТК);
  • Продукција на документарни емисии за разни релевантни јавни институции во Швајцарија;
  • 3-4 годишни тркалезни маси со познати учесници Албанци-Швајцарци;
  • Традиционална годишна конференција;
  • Активно присуство во медиумите и на разните трибини во Швајцарија.

„Албинфо“ е партнер на многу важни швајцарски и албански медиуми. Таа е финансирана од релевантната федерална швајцарска институција, како и од други јавни и приватни чинители. Платформата „Албинфо“, исто така, раководи со разни проекти за интеграција и за развој врз база на јавните или приватни мандати.

Моментално се ангажирани осум новинари (со скратено работно време) како и десетина дописници, четири преведувачи, двајца лектори, еден community manager, двајца веб-мастери, двајца камермани (со скратено работно време и со мандати). „Албинфо“, исто така, има и неколку раководители на проекти со мандатите што ги добила. Еден дел од работата на „Албинфо“, исто така, се врши на волонтерска база.

 

Колку е тешко да се менаџира еден портал со седиште во дијаспората, но со теми кои се обидуваат да го привлечат интересот на сите албански читатели?

Исени: Не е толку тешка работа менаџирањето, колку што е тешко содржината на вестите на нашата платформа да биде интересна за албанската јавност во дијаспората, Косово, Македонија, Албанија, како и за Швајцарците или Германците, итн. За нас, важно е да ја артикулираме, што е можно поблиску, реалноста на дијаспората во земјите на Балканот, но и во западните земји, бидеќи тие не се запознати колку што треба со неа, освен некои стереотипи или реципрочни клишеа. Од друга страна, се обидуваме да не трпи имиџот на Балканот во швајцарската јавност, бидејќи тој се асоцира само со негативни појави (насилство, војна, масивна миграција, итн…). Целиот овој ангажман за сериозно информирање потоа треба да се спакува во примамлива амбалажа, што не е толку лесно. Освен ова, како структура која излегува од рамките на класичен медиум, има потреба и од човечки, финансиски и од технички ресурси за да се реализираат разните проекти во текот на годината. Ова е најтешкиот дел од менаџирањето со кое се соочуваме, бидејќи бара поливалентност на тимот и како медиум и како невладина структура. Среќен сум што тимот на „Албинфо“ се идентификува со голема гордост со оваа структура на корпоративно управување.

 

Според вас, дали сè поголемиот број на портали донесуваат повеќе информации за јавноста?

Исени: Не сум сигурен дека хаотичниот пораст носи дополнителни информации за јавноста, барем не што се однесува до квалитетот. Проблемот е во тоа што покрај водечките интернет-медиуми, кои функционираат според минималните етички начела, се појавуваат многу портали за кои цел се плагијати и сензации, манипулирајќи со наслови и правејќи интриги, само за да добијат реклами ad sensе. Многупати се случило на порталите да се објават вести без да се проверат информациите, што го девалвира медиумот и неговата важност како релевантен чинител во општеството. Се поставува прашањето кој ќе сноси одговорност доколку работите се комплицираат. За крај, интернетот има многу предности, но истовремено треба да се почитуваат некои минимални правила на игра.

 

Какви се вашите односи (како „Албинфо“) со другите портали, но и со другите медиуми што дејствуваат на албанските простори? Дали соработувате за размена на информации?

Исени: Имаме добри и коректни односи со повеќето главни швајцарски и албански медиуми. На балканските простори соработуваме особено со тие од Косово. Секако, заинтересирани сме да развиеме сериозна соработка со медиумите во Македонија, поаѓајќи од фактот дека дијаспората на оваa земја претставува финансиски ресурс и сакаат да придонесат за развојот на таа земја. Понекогаш се чувствуваме фрустрирани кога некоја репортажа или прилог од теренот, на која сме работеле неколку дена, пет минути по објавувањето се презема со „копи-пејст“, без авторизација и се објавува низ другите портали, било преку делумно цитирање или без цитирање на изворот. Сметаме дека „Албинфо“ претставува дневен извор на информации за албанските медиуми на Балканот за албанската дијаспора, актуелноста во Швајцарија и пошироко.

 

Дали сметате дека е потребно да се зголеми бројот на медиуми што дејствуваат во дијаспората и дали на конкуренцијата гледате како на нешто позитивно?

Исени: Конкуренцијата е многу позитивна за секој медиум или претпријатије, но oд моментот кога вашиот конкурент ќе направи некоја иновација, ќе донесе некоја новина, ќе биде побрз, попрофесионален. За жал, ова не се случува во дијаспората, кога некои „медиуми“ се појавуваат спорадично, се обидуваат чекор по чекор да ја вршат истата работа како и ние (без никаква промена и исчезнуваат). Има, исто така, портали кои преземаат вести од други места и одвреме-навреме ги дополнуваат со нивни настани. Освен тоа, честопати се случува овие портали да излегуваат од резервата на неутралните инстанци на информирање. Сакам да повторам дека ние сме многу повеќе отколку само медиум, т.е. сме и една инстанца за лобирање во благородна смисла на зборот.

 

Бидејќи сте доктор на политички науки, какви се односите политика-медиуми на Балканот? Како гледате на нив?

Исени: Сметам дека во недостиг од една солидна мрежа на економско производство, на која ѝ се потребни медиумите за да ги истакнат или да ги промовираат своите производи на пазарот, медиумите зависат од државните финансиски ресурси, т.е. од политичката волја, што создава еден вид автоцензура, бидејќи не можете да функционирате како професионален медиум без одржлива финансиска поддршка. Како професија, таа е деградирана на Балканот поради тоа што токму медиумите на ја играат целосно својата улога како критичари на општеството или на разните политичко-општествени појави и дека новинарите не ја уживаат заштитата што ја заслужуваат како важен општествен сегмент. Се сеќавам на еден разговор со еден швајцарски пријател, инаку познато новинарско име. Ми рече дека критикувале еден концесионер на автомобили. Се вратил во редакцијата откако му рекле дека можа да заборави на реклами во неговите медиуми. Пријателот новинар им одговорил: „Може да ги прекинете рекламите, но и автомобили нема да продадете!“

 

Како медиум кој што дејствува надвор од државата, целосно независен од дневната политика, дали сметате дека сте помалку подложни на политички притисоци, во споредба со другите медиуми во Македонија?

Исени: Да. Имаме голема среќа што на ниеден начин не сме подложни на некаков политички притисок, каде и да е. Имаме слобода на изразување, но во согласност со повелбата на „Албинфо“, која може да ја прочитате на: http://www.albinfo.ch/karta/.

 

Бидејќи и самите сте од Македонија и ги следите медиумите што дејствуваат тука, на кое ниво мислите дека се тие и што треба да се промени за нивен позитивен развој?

Исени: За жал, медиумите во Македонија направија бавни чекори во нивниот развој во споредба со другите земји од регионот. Не се за фалење ниту медиумите од соседните земји, но во Македонија состојбата е таква и поради огромното влијание на власта врз медиумите, но и поради тешката економска состојба, која за последица има испреплетување на интересите на разните групации, што доведува до цензура и до автоцензура. Од друга страна, некои раководители на медиуми во Македонија се жалат дека владата им доделува финансиски средства само на еден дел од медиумите. Што значи дека има многу фактори што ја рангираат Македонија на дното на листата на земјите според „Фридом хаус“. За позитивен развој треба да има медиумска независност во Македонија, но и трансформација на самите медиуми, кои многу бавно ги носат промените што ѝ се потребни на земјата. Тоа значи дека властите во Скопје имаат обврска да создадат сигурен амбиент за новинарите, каде тие ќе можат слободно да известуваат без мешање од власта. Како и да е, иако многу работи се сменети, атмосферата за медиумите во многу земји од Балканот сè уште е повеќе одбележана од опасноста и од непријателството, отколку од подобрувањето како дел од демократскиот развој на регионот.

 

Има една оцена дека медиумите на албански јазик добиваат сè поголемо значење надвор од границите каде што живеат македонските Албанци. Дали се согласувате со ова констатација?

Исени: Факт е дека медиумите на албански јазик стануваат сè позначајни и тоа благодарение на вклучувањето на албанските простори во западните структури. Ова последното е резултат на значајното меѓународно присуство во Косово повеќе од 15 години, и благодарение на присуството надвор од земјата (во западните земји) на еден дел од албанската популација, односно дијаспората, која го поврзуваат Балканот со светот. Ако го земеме нашиот пример, можам да заклучам дека сме успеале да пласираме значаен број написи и репортажи кои не се за занемарување, за Балканот и за Балканците во швајцарските медиуми.

 

Последните извештаи за слободата на медиумите покажуваат дека од година во година медиумите во Македонија и во регионот сè повеќе се под притисок на властите. Како гледате на ова, од перспектива на една земја која нема такви грижи?

Исени: Ако медиумите во Швајцарија и во другите западни земји немаат отворен и брутален притисок од властите или од групите од интерес како што тоа е случајот на Балканот, тоа не значи дека тие не подлегнуваат на пософистицирани форми на притисок. Секако дека и тука има лобирање за некоја формална или неформална група, што е насочено кон медиумите, и тие може да подлегнат или не, зависно од силата што ја имаат и од ставот на издавачите. Но, како и да е, новинарите не подлежат на опасноста од насилство и од директен притисок. Последните години има многу случаи на намалување на бројот на новинари и од големите и традиционални редакции, главно како последица на финансиските тешкотии и на намалувањето на приходите од маркетинг. Ова е особено изразено кај весниците, кои, со зголемувањето на електронските медиуми секаде низ светот, се во криза.

 

Едно од дневно-политички прашања е и улогата на МРТВ. Кое е Вашето мислење за улогата на јавните медиуми, ако се направи споредба со тие во Европа?

Исени: Јавните радио-дифузни медиумски организации на Запад ѝ служат на јавноста, така како што е и по дефиниција. Секако, нема мешање на властите во овие медиуми, како што тоа е случајот со балканските земји. Во Швајцарија, како што е познато, владеат најголемите парламентарни партии по пат на договор, што значи дека речиси нема опозиција во класична смисла. Но, сепак, и тука има, одвреме-навреме, жалби од одредени политички партии, според кои, јавната радио-телевизија повеќе е во служба на една партија и дека занемарува некоја друга партија.

 

(Преземено од Сервисот за проверка на факти во медиумите на албански јазик)

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести