verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Новинарите на удар: Затворски казни за објавување и на прислушувани материјали од јавен интерес

on 21 - 05 - 2016       
Фото: Слободна Македонија
Фото: Слободна Македонија

 

Собранието не ги испочитува „Заклучоците и препораките“ на Венецијанската комисија во однос на новодонесениот Закон за заштита на приватноста, кој треба да се применува од 1 јули 2017 година. Пратениците повторно донесоа закон со кој се предвидува затворска казна за објавување „прислушувани или тонски снимани разговори или делови од нив или нивни транскрипти, со кои се врши повреда на приватноста на личниот и семејниот живот“, без разлика дали тие разговори се или не се од јавен интерес.

clen2

Освен бришењето на спорниот чл. 2. од претходниот закон, и одложувањето на примената, остануваат сите други спорни одредби за кои имаа сериозни забелешки експертите од Венецијанската комисија, особено членот кој предвидува затворски казни.

Чл. 3 од Законот за заштита на приватноста

(1) Тој што ќе му овозможи на неповикано лице да се запознае со разговор или изјава која е прислушувана или тонски снимана ќе се казни со казна затвор до една година, доколку содржината на разговорот ја нарушува приватноста на личниот и семејниот живот. Оваа одредба не се однесува на разговор или изјава која претставува јавен интерес.

(2) Тој што ќе објави прислушувани или тонски снимани разговори или делови од нив или нивни транскрипти, со кои се врши повреда на приватноста на личниот и семејниот живот ќе се казни со казна затвор од еден месец до една година.

(3) Доколку делото од ставот (2) го стори правно лице, ќе се казни со парична казна. Одговорното лице во правното лице ќе се казни со казна затвор од најмалку еден месец до една година.

Експертскиот заклучок беше дека „кривичните санкции за повреди на приватност од страна на новинари треба да се избегнуваат во најголема можна мерка“. За експертите беше особено загрижувачко тоа што истата кривична санкција – затворската казна, која е оценета како непропорционална – може да се примени за „приватно обелоденување“ односно, во ситуации каде штетата по приватноста е минимална. Според експертите од Венецијанската комисија, кривичните санкции, а особено казната затвор, треба да се применуваат само во екстремни случаи.

Исто така, експертите укажаа дека во ставот 2 од спорниот член не се исклучени прислушувани или тонски снимани разговори кои претставуваат јавен интерес, и дека се воведува апсолутна забрана:

Следствено, законот содржи апсолутна забрана на кое и да е објавување на информации содржани во пресретнатите материјали кои се однесуваат на „личниот и семеен живот“, без оглед на тоа каков може да биде јавниот интерес за да се дознаат тие информации.

Во истата експертска анализа беше укажано и дека Кривичниот законик (чл. 151 ст. 1) го казнува незаконското прислушување, а дека во чл. 151 ст. 2 се казнува и обелоденувањето на материјалите добиени со таквото незаконско прислушување.

Неовластено прислушување и тонско снимање

Член 151

(1) Тој што со употреба на посебни уреди неовластено прислушува или тонски снима разговор или изјава што не му е наменета, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година. [ „со парична казна или со затвор до една година“ се заменуваат со зборовите: „со казна затвор од една до пет години“ – на 10 ноември 2015]

(2) Со казната од став 1 ќе се казни тој што ќе му овозможи на неповикано лице да се запознае со разговор или изјава која е прислушувана или тонски снимана.

Експертите од Венецијанската комисија укажаа дека чл. 151 се однесува и на новинарите кои имаат добиено незаконски прислушувани информации и кои ги имаат објавено, и дека и оваа забрана не ги исклучува материјалите од јавниот интерес, што не е во согласност со стандардите на Советот на Европа.

Токму затоа, Венецијанската комисија препорача Законот за заштита на приватноста да овозможи „публикување на материјали кои засегаат прашања од јавен интерес со извесни тесно дефинирани исклучоци, кои се однесуваат на јавното обелоденување на информации за интимните аспекти на приватниот и семејниот живот.“

Овие препораки беа сосем игнорирани од пратениците кои повторно донесоа закон со кој се предвидува затворска казна за објавување „прислушувани или тонски снимани разговори или делови од нив или нивни транскрипти, со кои се врши повреда на приватноста на личниот и семејниот живот“, без разлика дали тие разговори се или не се од јавен интерес.

 

(Преземено со дозвола. Извор: Слободна Македонија)

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести