verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Некритичко подлегнување на владиниот маркетинг

on 29 - 07 - 2015       

МИА-EIB-09876-09870909-crop-resize

 

[Рецензија: Евтините кредити за фирмите од ЕИБ отворија над 6.300 работни места]

 

Оваа вест има проблеми заради некритичко подлегнување на владиниот маркетинг. Прво прашање, кое веднаш се наметнува, е како е измерена врската меѓу кредитите и отворените работни места, односно како е утврдено дека некое вработување во една фирма е поврзано со кредитот од Европската инвестициска банка (ЕИБ) или не? Ова особено зашто голем дел од срeдствата од овие кредити не се наменети за инвестиции, туку како обртен капитал.

Исто така, треба да се постави прашањето и дали овде воопшто имаме вест – вреден напис, ако се знае дека станува збор за помалку или повеќе редовна кредитна линија во изминатите пет години, која е и четврта по ред, а која во моментов искористена 61 отсто, што не претставува некаков успех или нешто што е надвор од нормалниот и вообичаен тек на работите – сите претходни вакви кредити на ЕИБ се целосно искористени и доделени на компаниите. Што, всушност, е и целта – парите да им се доделат на компаниите, инаку ваквите кредитни линии не би имале смисла. Во такви услови, пак, се поставува прашањето зошто тоа не би било случај и овојпат.

МИА-EIB-09876-09870909Линк до оригиналниот напис: Евтините кредити за фирмите од ЕИБ отворија над 6.300 работни места

Датум и време на објавување: 28.07.2015, 09:43

Датум на рецензирање: 28.07.2015

Рецензент: Владимир Петрески

Откако зафати светската рецесија, ЕИБ и има доделено четири вакви слични кредити за Македонија преку Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР), како што тоа се прави и во другите европски земји. Кредитите за Македонија се во вкупен износ од 350 милиони евра:

 

 

tabela-003

Кога станува збор за известувањето за овие кредити, пред 2013 година воопшто не се известуваше колку луѓе се вработиле како последица од нивното распределување. Еве, во оваа вест од лани, на пример, во која заменик-премиерот Владимир Пешевски известува за потпишувањето на договорот за оваа сегашнава кредитна линија, нема ништо за евентуални вработувања. Таа е објавена исто од државната агенција МИА, како и рецензираната вест, но Пешевски никаде не говори за евентуални очекувани вработувања како резултат на кредитот на ЕИБ. Така беше и кога стануваше збор за претходните кредити, барем пред 2013 година (овде, овде и овде, на пример). Да нема забуна, ваквите кредити, покрај за засилување на ликвидноста и на тековни средства, можат да се искористат и за проширување на производните капацитети и навистина да донесат нови вработувања, но нивното припишување на ваков кредит е невообичаено, зашто фирмите можат да земат и комерцијални кредити со неколку проценти повисока камата од комерцијалните банки. Дали тогаш комерцијалните банки ќе можеа да се фалат како заслужни за новите вработувања кај нивните коминтенти? Или, пак, покрај кредитирање на МБПР, ЕИБ вакви кредити им доделува и на комерцијалните банки во земјава, но во помали износи од 10 милиони евра:

tabela-002

Дали по дистрибуирањето на овие средства до малите и средните претпријатија (МСП) „Шпаркасе банка“ и „Прокредит банка“ треба да објават колку вработувања се случиле како резултат на нивните кредити? Такво нешто нема во нивните годишни извештаи. И, конечно, нивото на нови вработувања не е дел од договорот за добивање на кредитот, а уште помалку некаков услов и такво нешто не се спомнува во самиот опис на кредитната линија.

Во првите години од добивањето на овие кредити, кога се сакаше да се извести нешто поконкретно за нив, се известуваше колку од средствата се употребени за инвестирање, а колку како обртен капитал. Но, од 2013 година работите се сменија и почна да се говори за бројот на вработувања кои овие кредити, наводно, ги обезбедиле. И, со тоа се појавија редица проблеми. Како, на пример, проблемот на конзистентност (да не употребиме некој потежок збор). Во оваа вест се вели дека овие кредити досега обезбедиле 6.344 вработувања. Но, пред нешто повеќе од една година, поточно на 10 јуни 2014, премиерот Никола Груевски спомна една сосема друга, повеќе од двапати поголема бројка:

„Македонија досега повлече три вакви кредитни линии за време на светската глобална криза и европската должничка криза во вредност од 250 милиони евра и со нив се отворија огромен број работни места, околу 15 илјади.“

На што да веруваме сега? На бројката од 6.344 сега од оваа вест или на онаа од 15.000 нови вработувања пред една година.

Исто така, не е јасно што во текстот  е „вест – вредно“ ако бројката со вработувањата е проблематична од повеќе аспекти, ако за постоењето и карактеристиките на оваа кредитна линија е веќе известено, ако таа редовно целосно се распределува и ако во веста нема ништо што излегува надвор од вообичаените и од очекуваните активности.

Но, овде критериумот за објавување не е дали има или нема вест, туку целта е да се узурпира информативниот простор со вакви „вести“ од пропагандни причини. Вакви кредити ЕИБ дава низ целиот европски континент и тоа под слични или исти услови. Тие се така димензионирани да бидат атрактивни и да ги „подмачкуваат“ тркалата на производството и на трговијата во Европа.

Овде е важен привидот на успех за сметка на фактичкиот успех. И при поранешните кредитни линии, редовно се објавуваа слични вакви вести дека се распределени 15,5%, или 50 милиони евра, а се очекува распределба на уште 12% од 100-те милиони евра што се на располагање,  дека остануваат уште 56 милиони евра за распределување и така до бесконечност, за постојано да се затрупува јавноста со привид дека станува збор за нешто ново, иако ова се типични активности од делокругот на редовното работење на секој банкар.

Конечно, никогаш не читаме вести дека банкарите на „Комерцијална банка“, на пример, издале кредити во вредност од 61 отсто од планираните или во износ од 20 милиони евра. Во светот на бизнисот тоа така не оди зашто се знае кога и каде се објавуваат таквите финансиски показатели. Тоа се кварталните и годишните финансиски извештаи, што единствено има логика зашто така можеме да ги споредуваме нивоата на кредитирање за истите тие периоди на сите банки и да видиме која каде стои, која е поуспешна, која е помалку успешна и во однос на конкуренцијата и во однос на претходниот период. Овие податоци, пак, на МБПР, не можат да се споредуваат со ниедни други. Станува збор за уникатни кредити со каматни стапки под пазарните, а како дополнителен агрумент за пропагандната, наместо информативната вредност на оваа вест говори и фактот што никогаш не се информира колкав процент од распределените средства отпаѓаат на лошите кредити, односно оние кои не се вратени во предвидениот рок.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

не може да се утврди точноста на наводите

не може да се утврди веродостојноста на наводите

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

официјални

релевантни

1 извор

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

сеопфатнo

нема прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

не може да се утврди

не може да се утврди

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

нема коментаторски елементи

издвоено од фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

наведен автор и извор без линк

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

информира

некреативен

несензационален

соодветен

јасен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести