verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Ристо Лазаров: Крајно време е нашето новинарство да се исчисти од сите Мефистофели

on 27 - 07 - 2015       
Ристо Лазаров. Фото: лична колекција
„Новинарството не беше служба, тоа беше и е страст, целосна предаденост на професијата“, Ристо Лазаров. Фото: лична колекција

 

Не го идеализирам минатото, ниту мислам дека и другаде во светот нема вакви примери, ама ова нашево новинарско дереџе тешко се наоѓа на мапата на новинарството – ни во турско, ни во каурско, вели долгогодишниот новинар и уредник, Ристо Лазаров, откако пред една година ја предаде уредничката палка во телевизија „Телма“, пред да замине во пензија, во интервјуто за „Сервисот за проверка на факти во медиумите“ (СПФМ).

 

Пишува: Веле Митаноски

 

По еден навистина импресивен творечки опус, во литературата и во професионалното новинарство, незаобиколното прашање до Лазаров: Како е да се носат двете тешки лубеници под една мишка?

Лазаров: Ми личи на напор да се дооди зададениот пат на надежта, без да ти падне една  лубеница од под мишки што, некогаш е речиси невозможно. А, ми личи и на воз кој врви кон целта по пругата која има две шини. Или е тоа живот помеѓу еден и друг немир. Разни мислења има за тоа – демек новинарството ја убивало литературата и сл. Јас и сега, кога одвај спорадично сум во новинарството, велам дека сум новинар и дека без тоа не би можел да бидам поет. Заедничка точка? Па, длабоката увереност дека и новинарството и поезијата не успиваат, туку разбудуваат, поттикнуваат на борба, раѓаат восхит.

 

Зад Вас стои една професионална вертикала, од известувач почетник до главен и одговорен уредник на „Млад борец“, расадникот на македонското новинарство и на професионалните новинари до прв човек на ТАНЈУГ, во тоа време најзначајната новинска куќа. Да се изоди тој пат, беа потребни децении макотрпна работа, докажување и потврдување. Денес, тоа „се постигнува“ за 24 часа, со таканаречените „пижами“ новински агенции – портали?

Лазаров:  Ниту сум сакал мене да ми „солат памет“, ниту сакам јас тоа да му го правам некому. Зад мене се повеќе од педесет години во новинарството (е, летало времето!) и знам, сепак, дека имам и обврска да кажам за сето тоа време и баш ми е гајле што мисли тајфата на Аџи-Томе за тоа како се напредувало во службата. Новинарството не беше служба, тоа беше и е страст, целосна предаденост на професијата во која и тогаш и сега се знаат правилата. Убаво го посочувате патот од „Млад борец“ до ТАНЈУГ. Таа патека требаше да се изврви и беше долга повеќе од триесет години. Немаше ништо на прескок. Тогаш во Македонија и во Југославија имавме новинарство кое се стремеше кон западните професионални норми. Се почнуваше во младинските или студентските весници, или во локалните рубрики на весниците и на радиотo, подоцна и на телевизијата. Тука, во Македонија, „Нова Македонија“ и (тогаш) Радио-телевизија „Скопје“ (РТС) беа висококвалитетни школи за новинарство. Какви „пижами“, какви бакрачи! Таквото сфаќање е далеку од новинарството и најкус пат за компромитација на новинарската професија. За новинарите, своевремено, се беше рекло дека се универзални незнајковци. Сега доминираат сезнајковци и сезнајни дознајковци. Отпосле ќе дознаат дека, всушност, имале улога на копче, петлица. Притисни – излегува ексклузива, не готвачка. Притискувачот цело време сучи мустаци, чеша меше.

 

Од новинарот што го минал овој професионален пат, бил сведок и создавач на историјата на македонското новинарство, реално е да се очекува релевантна оцена за новинарството „тогаш“ и денес?

Лазаров: Знам дека некому нема да му се допадне, ама „тогаш“ навистина имаше новинари и медиуми кои се раководеа од фактите. Широкото платно на македонското новинарство го цртаа високи професионалци. Во „Нова Македонија“, на пример, работеа еден Лазар Мојсов, Димче Беловски, Трпе Јаковлевски, Драгољуб Будимовски, па Анте Поповски, Бранко Заревски, Бане Ковач, Бранко Варошлија, Свето Серафимов, Душко Малевски, па сè до генерацијата на Џоџа Ајановски, Димитар Башевски, Владимир Тулевски, Бранко Тричковски… Бардови работеа во РТС. Споредете го само тоа што го имавме тогаш, со ова што сега е наше новинарско катадневие. Срам да ти е да кажеш дека си новинар. Не дека денеска немаме извонредно надарени млади колеги, кои знаат повеќе од нас, ги знаат и правилата на професијата, ама се потиснати во некакви невидливи глувчешки дупки, оневозможени се да го покажат и потврдат својот висок професионализам. Среде демократијата што ја живееме и слободата на изразувањето, се отстрануваат новинари, се менуваат уредници и одговорни уредници, како да се сезонска стока која служи само додека е во интерес на нечии партиски или бизнис-интереси. Не го идеализирам минатото, ниту мислам дека и другаде во светот нема вакви примери, ама ова нашево новинарско дереџе тешко се наоѓа на мапата на новинарството – ни во турско, ни во каурско! Новинарот мора да е автономен и во однос на својата околина и во своето време. А, новинарството не е прост и едноставен занает што може да се работи без мајстори. И тоа врвни мајстори, калени низ вековната традиција на новинарството, во која, за радост на античките занесеници, се вбројуваат и Василиките на Александар Македонски. Го пикал ли тој носот во внатрешното устројство на Василиките или имал поважни државни работи?

 

Беше незамисливо, беше ерес да се напаѓаат меѓусебно редакции, за новинари да не зборуваме. Ова што денеска се случува, ние од постарата генерација не сме го очекувале ниту на сон: тепачка на новинари, на настан од кој известуваат, во момент кога се одлучува за судбината на земјата? Од каде дојде, кој го произведе ова лудило?

Лазаров: Грозотилак, гнасотилак. Точно: туѓи гајлиња никогаш не се береле, а имало полемики. Имало почит на еснафот, не одбранаштво. Гледам деновиве, се бербати името на одговорниот уредник на агенцијата „Мета“, Зоран Андоновски, кој е типичен пример за беспрекорна новинарска кариера: од почетник до дописник од странство на „Нова Македонија“, до главен и одговорен уредник на новата „Нова Македонија“ и главен и одговорен уредник на „Дневник“, кој си замина оттаму без таламбаси, но во знак на протест – сите знаеме зошто: во печатницата еден текст од весникот бил изваден и заменет со друг, без тој да знае за тоа. Неговата оставка беше потег на вистински професионалец и поука за новите генерации. Сега се измислуваат други прикаски, продолжува натпреварот во меѓусебно плукање.

 

Кога новинарите се тепаат, физички се пресметуваат меѓу себе, тогаш и не треба да зачудува што новинарите се крвнички претепувани од други, во очигледно нарачани инциденти. Веќе и не е битно прашањето кој тепа, туку кој ја создаде атмосферата да бидеме тепани?

Лазаров: Тепањата на новинарите, ви се молам, најилустративно ја покажуваат ненормалноста и исчашеноста на атмосферата во која работиме. Тоа е едно приземно чепатење на примитивизмот и на простаклукот, кој нешто чул за ќотекот и за рајот, ама заборавил дека стапот има два краја. Стапот сега е во врзаните раце на некои заспани обвинители и судии, ама ниеден сон не трае вечно. Битно е и кој е тепан, ако тепаниот си е тепан само ако е опозиционер… Но, ниту едно тепање не може да ги понижи нашите соништа и никој кој го игнорира овој факт нема да си помине лесно, свиркајќи. Животот трае долго.

 

Ситуацијата во медиумите, меѓу новинарите е само рефлексија на едно крајно поларизирано, по сите линии поделено општество. Како понатаму, како да излеземе од овој ѓаволски круг? Мудрецот на Истокот, Халил Џубран вели: „Никој не може да ја дочека зората, а да не помине низ ноќта!“ Очигледно ние сме во длабока, темна  ноќ!?

Лазаров: Да, Данило Киш беше рекол дека на Балканот многу бргу се стемнува. А и оној чад од балканската крчма на Крлежа. Новинарите (и не само тие) мора да се изборат против денешниот ден, со целосна свест дека се борат за едно сосема поинакво новинарство на иднината. Знам дека е лесно да се каже тоа, ама друго нема: некаква припомош може и да има, ама главната сила се самите новинари. Не би го ни рекол тоа ако не верувам во таа сила. Грда работа е да бидеш продавач на лажна надеж, ама уште погрдо е рамнодушно да се поминува покрај новинските тезги на бучните продавачи на безнадеж.

 

Гете во „Фауст“ пишува: „Човекот има две души, една која го воздигнува во небото, друга која го влече, го валка по земјата.“ И меѓу нас има „новинари“ и новинари. Колку можеме да очекуваме и дали не е заблуда дека од калта ќе нè извлечат „херојствата“ на поединци, видено во последните случувања? 

Лазаров: Кога веќе го спомнувате Гете: крајно време е нашето новинарство да се исчисти од сите Мефистофели, особено од оние што бргу (понекогаш и вешто) се преправаат. И од оние кои наместо новинари, станаа врвни манипулатори. И од оние на кои око не им трепнува дека и врапците знаат оти се слепи извршители – сеедно чии, на политиката или на бизнисот. Зрели сме за генерално чистење, како единствен начин да се обнови и да се поткрене угледот на професијата. Звучи малку необично: зрели сме и за департизација на новинарството. Факти, факти, факти – вели една латинска. Некогаш, на младини, сум запишал еден цитат: „За историчарот се вели дека пишува документирано за настаните што не ги видел, а за новинарот дека пишува недокументирано за настаните што ги видел“. Не звучи како евтина досетка и не е баш за лефтерно заборавање.

 

Последнава деценија, Македонија, во политиката и во културата (Скопје 2014), преживува една состојба на кичеста грандиозност и на псевдорелигиозна естетика. Ханс Магнус Енцесбергер, во есејот „Индустријализација на свеста“, напишал дека човечката свест се фабрикува на подвижна лента како потрошувачка стока.

Лазаров: Уште и се гордеат оти се ревносни извршители, а се прават слепи пред фактот дека им се ничкосуват тиражите, дека гледаноста ја градат на турски и не знам какви други серии, дека ретко кој им верува. При големи горештини, се прави ревија на пижами, спомнати уште во првото прашање.

 

 

 

Risto Lazarov 2-cropРисто Лазаров (1949, Штип) е, пред сè, поет, преведувач, критичар, есеист, но и цел живот - новинар. Еден од малкумината кои ја пишувале историјата на македонското новинарство. Од почетник, известувач, преку главен и одговорен уредник на „Млад Борец“, до генерален директор на Новинската агенција на поранешната југословенска заедница – ТАНЈУГ. Бил и главен уредник на меѓународното списание „Балкан форум“, при „Нова Македонија“, додека пред да се пензионира, богатата новинарска кариера ја заврши како директор и главен уредник на националната телевизија „Телма“. Член е на ДПМ од 1972 година. Беше претседател е на Македонскиот ПЕН-центар. Член е на Чешкиот ПЕН-центар.
Автор на триесетина збирки поезија на македонски јазик. Десет неговикниги се преведени на странски јазици, а циклуси од поезијата на Ристо Лазаров се објавени на германски, француски, шведски, турски, романски, унгарски и на други јазици. Застапуван е во сите релевантни антологии на современата македонска поезија. Автор е на шест книги огледи и публицистика, десетина преводи на врвни автори од Балканот, вклучително Оскар Давичо, Филип Давид, Абдулах Сидран. Во новинарството - авор е на повеќе новински и телевизиски патописи и репортажи.
Како литературен деец, Лазаров е добитник е на повеќе книжевни награди и признанија: „Млад борец“ (1972), „13 Ноември“ на градот Скопје (1980), наградата на МРТВ за најдобра книга за деца меѓу две изданија на Струшки вечери на поезијата (1987), наградата „Ацо Шопов“ на ДПМ за најдобра поетска книга (2006), наградата „Браќа Миладиновци“ на СВП (2008). Во 2000 година беше лауреат на „Празникот на липите“ во Скопје, а во 2010 година е награден со „Книжевно жезло“ и со наградата „Велја кутија“ на „Македонски духовни конаци“.Вo 2012 година ја доби наградата „Дијалог“ за најдобра книга поезија (Ситночекорка).

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести