verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

(Не)етичко известување за лустрацијата: Проверка на проверувачите

on 7 - 06 - 2013       

Пишува: Жарко Трајаноски, м-р по човекови права

(Не)етичко известување за лустрацијата: Проверка на проверувачите

Фотографија: Jeremy Keith

„Новинарот треба: Да ги пронајде учесниците во настаните за кои се пишува за да им даде можност да одговорат на евентуални напади за наводно незаконско однесување“. (Новинарски кодекс)


Етичка должност на новинар(к)ите е да ја проверуваат точноста на информациите од секој извор.  Оттаму, новинар(к)ите треба да ја проверуваат точноста и на информациите кои доаѓаат од лустраторите (од „Комисијата за верификација на факти“).

Минатата седмица „Комисијата за верификација на факти“ лустрираше неколку лица, а новинар(к)ите известија за лустрираните лица без да ја проверат точноста на информациите и без да им дадат можност на лустрираните лица да одговорат на обвинувањата пред објавувањето на прилогот. Секогаш кога се лустрира некое лице се изнесуваат одредени обвинувања, па токму затоа новинар(к)ите треба да ја обезбедат „втората страна“ и да им дадат можност на лустрираните лица да одговорат на обвинувањата, уште пред објавувањето на прилогот.

Проверката на проверувачите е морален императив

Новинар(к)ите мора да ги проверуваат информациите дури и тогаш кога доаѓаат од државни тела задолжени за проверка на информации и „верификација на факти“. Прилозите за лустрацијата кои се засновуваат само на еден извор (лустраторите) се очевиден пример на неетичко известување. Етичкото известување подразбира најмалку два меѓусебно неповрзани извора, критичност кон изворите, проверка на доставените информации, почитување на принципот на пресумпција на невиност и известување за сите инволвирани страни.

На пример, под реден број 59 во Регистар на лица за кои Комисијата утврди дека го исполнуваат условот со кој се ограничува вршењето на јавна функција на 30.05.2013 беше објавено име и презиме и матичен број на:

„Бивш носител на јавна ф-ја: секретар и претседател на градскиот комитет на СКМ-Скопје, член на ЦК на СКМ, претседател на општествено-политичкиот собор на Собранието на СРМ.“

Во решението за лустрација објавена е информација дека лицето е родено во 1936 година, и дека во постапката Комисијата утврдила дека за лустрираното лице во Државниот архив на Република Македонија „во две досиеја постојат документи“ од кои „неспорно се утврди“ дека:

„свесно, тајно, организирано и континуирано соработувал со органите на државната безбедност во својство на таен соработник.“

Денот кога беа објавени решението и документите, дел од медиумите ја објавија информацијата за лустрацијата на поранешниот функционер потпирајќи се само на еден извор – Комисијата за лустрација. Новинар(к)ите не покажаа критичност кон изворот, не ги проверија доставените информации, не ги споредија со објавените документи, и не ја испочитуваа пресумпцијата на невиност.

Поконкретно, новинар(к)ите не направија проверка, преку споредба со објавените документи, на верификуваните „факти“ од страна на Комисијата дека „…пред неговото заминување во Шведска бил ангажиран, а за кое што постоеше одобрен предлог“ и дека давал информации за неговиот брат во Шведска и неговата сопруга како и за други лица-емигранти. Имено, ако ги споредеа документите со „фактите“ во решението, ќе можеа да забележат дека во објавениот извештај на некој оперативен службеник (името е зацрнето) стои дека лицето кое престојувало во приватна посета на Шведска е родено во 1937, а не во 1936 година (како што тврдат лустраторите)! Исто така, ќе можеа да забележат дека верификуваниот „факт“ од страна на лустраторите (постоење „одобрен предлог“ за ангажирање на таен соработник) не е воопшто поткрепен со никаков документ. Никој од новинар(к)ите не го постави прашањето: Зошто Комисијата нема објавено документ „предлог за ангажирање за соработник“ (одобрен од овластено лице), „предлог за дерегистрација од активна соработничка мрежа на соработникот“, и псевдоним на соработникот, како што објави во други случаи?

Исто така, ако новинар(к)ите го исполнеа својот етички императив, и пред да го објават прилогот, ќе му дадеа можност на лустрираниот поранешен функционер да одговори на обвинувањата дека бил таен соработник кој давал информации за својот брат во Шведска. Дотолку повеќе, што продолжува лустрација на поранешни функционери, наспроти одлуката на Уставниот суд (кој ги укина одредбите кои предвидуваа ваква лустрација).

Новинарите и правата на лустрираните

Новинарите треба да бидат информирани дека не смеат да се лустрираат лица без да им се обезбеди фер процес, кој подразбира: право на правна помош, право да ги ги конфронтираат и предизвикуваат доказите кои се користат против нив, право на пристап до сите докази, можност да презентираат сопствени докази, да имаат отворено сослушување на нивно барање, право на жалба на независен судски трибунал, итн.

Кога лустрираниот поранешен функционер се обиде јавно да им се спротивстави на доказите кои јавно беа изнесени против него, повеќе медиуми ги пренесоа неговите аргументи, а дел од нив ги споменаа и презентираните докази кои одеа во прилог на неговите тврдења (извод од матична книга на родените, војничка книшка). Сепак, најголем дел од новинар(к)ите само ги пренесоа информациите од изворот, а не се обидоа да ги проверат, согласно новинарскиот императив „Трагај по вистината и известувај за неа“.

Новинар(к)ите лесно можеа да проверат дел од изнесените тврдења на лустрираното лице со увид во изводот и војничката книшка, и самите да се уверат дали лустрираното лице е родено во 1936 и дали во периодот за кој лустраторите тврдат дека бил во Шведска, бил на отслужување на воен рок во Требиње. Со малку поголем истражувачки труд, преку  други извори и документи, можеа да проверат дали лустрираното лице има брат во Шведска (како што тврдат лустраторите) и дали бил „апсолвент на филолошка група – англиски јазик“ (како што пишува во приложениот документ од лустраторите, кој е оспоруван од лустрираното лице).

Новинарот треба да биде чесен, фер и храбар кога собира информации, кога ги толкува и кога ги пишува своите текстови“ и не треба да се задоволува само со пренесување на изјавата на портпаролот на „Комисијата за верификација на фактите“, дека доколку лустрираното лице „смета дека е направена грешка или има некакви пропусти, има второстепена постапка пред надлежниот Управен суд“.

Новинар(к)ите имаат етичка должност храбро да поставуваат прашања до лустраторите, особено во случаи на непоткрепени обвинувања од страна на државни институции. Новинар(к)ите треба да знаат дека и Венецијанската комисија укажа дека:

„Неприсуството на засегнатото лице во постапката пред Комисијата за верификување на фактите е спротивно на неговите права на одбрана, особено правото на еднаквост на оружјето.“

Токму затоа, новинарите имаат етичка должност да бараат одговор на следниве прашања, без да чекаат одлука на „надлежниот Управен суд“ (кој сѐ уште молчи за минатогодишните жалби на повеќе лустрирани лица): Дали се вистинити тврдењата  на лустрираното лице дека нема брат и дека никогаш не бил во Шведска, и ако се вистинити, кој е одговорен за погрешните обвинувања и документи? Зошто лустрираните лица немаат право на одбрана пред лустраторите? Зошто лустрацијата продолжува со медиумска хајка и откако експертите на Венецијанската комисија јасно укажаа дека:

„Името на лице кое се смета за соработник треба да се објави само откако судот ќе ја донесе конечната одлука, бидејќи негативното влијание врз угледот на тоа лице како последица на објавувањето ќе може да се смета за сразмерна мерка неопходна во едно демократско општество само во случај кога соработката е конечно докажана?“

(Продолжува…)


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести