verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Наслов за земјотрес кој го вади читателот од памет

on 15 - 09 - 2016       
Овој напис го има и на: Албански

 sitel-das-es-salam

[Рецензија: Земјотрес од 5,7 степени: 13 загинати и 203 повредени]

 

 

Школски пример за текст кој со насловот „го вади од памет“ читателот, бидејќи првата помисла од неделата за Македонците, кога ќе се спомене земјотрес, е за Македонија, а написов е објавен утрото, кратко време по првиот земјотрес од низата релативно силни, кои до вчера се случуваа во земјава.

Првиот земјотрес кој се случи во 7 часот изутрина во неделата беше со интензитет од 4,4 степени според Рихтеровата скала, но таа информација можеби тогаш некој ја прочитал, а некој не. Затоа објавување текст со ваков наслов, објавен во ваков тајминг, (9.43 часот) – односно, во време кога многу граѓани претпладнето на 11 септември се обидуваа да се информираат за силината на земјотресот, дали има повредени и каква е материјалната штета – е за секоја осуда! Текстот со ваков наслов не е ништо друго освен еден евтин манипулаторски обид за поголем број кликови, на сметка на сеењето страв и создавање паника меѓу граѓаните.

 

 

zemjotresЛинк до оригиналниот напис: Земјотрес од 5,7 степени: 13 загинати и 203 повредени

Датум и време на објавување: 11.09.2016  9:43

Датум на рецензирање: 15.09.2016

Рецензент: Силвана Жежова

 

ЧЕСТОПАТИ СЕ ГЛЕДААТ САМО НАСЛОВИТЕ

Почетокот на текстот, рака на срце, ја донесува информацијата за тоа каде се случил земјотресот, но на социјалните мрежи и на агрегаторите се гледа само насловот, што на прв поглед може да создаде асоцијација за Македонија. Читателот ќе ја открие информацијата дека земјотресот се случил во Танзанија доколку го отвори текстот.

„Најмалку 13 лица загинаа и 203 се повредени во силен земјотрес што ја погоди Танзанија. Најголем дел од жртвите и повредените се во северозападниот дел на земјата, во округот Букоба“.

Но, ако некој се информира само од насловите, што не е редок случај, бидејќи има читатели што читаат само наслови, тогаш тој ќе биде нецелосно информиран.

Под текстот што го рецензираме има и реакции на читатели кои сметаат дека со насловот се изманипулирани. Коментарот на еден од читателите е дека „текстот ја злоупотребува актуелна ситуација во Скопје“.

 

„ПАНИЧАРСКИОТ“ ТЕКСТ ИМА И ГРЕШКИ

Текстот, освен што шири паника меѓу граѓаните, дава и погрешни информации. Како главен град на Танзанија е наведен Дас ес Салам (погрешно напишано, треба да стои Дар ес Салам), но тој е само најголем град, а не и главен град. Имено, главен град на Танзанија уште од 1996 година е Додома. Оваа забелешка е дадена од читател кој живее во Танзанија.

„Потресот беше со интензитет од 5,7 степени по Рихтер. Штети во главниот град на Танзанија Дас ес Салам не се регистрирани“.

Освен тоа, информацијата за земјотресот во Танзанија никаде не е потврдена, ниту има официјални изјави, што значи дека од приложеното не може да се утврди нејзината вистинитост.

Текстот со насловот шири паника и страв меѓу граѓаните, што се коси со сите професионални, етички и морални норми на новинарите. Во кризни ситуации, како со земјотресот, задача на новинарите е правилно да информираат и притоа колку можат да придонесат во спречувањето на ширење паника, а не истата да ја разгоруваат!


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

не може да се утврди точноста на наводите

не може да се утврди веродостојноста на наводите

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

нема евидентирани извори

анонимни

не може да се утврди

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

можеби се прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

не може да се утврди

извртување на вистина (спин)

не може да се утврди

Не може да се утврди

друга пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

нема коментаторски елементи

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

не може да се одреди

ненаведен автор, ненаведен извор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

несоодветен

нејасен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

не апликативно

нема контекстуални линкови

стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести