verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Медиуми ≠ партиски гласила
(за новата анкета на ИРИ)

on 30 - 11 - 2015       
Овој напис го има и на: Албански
Инфографик од официјалната страница на ИРИ

Инфографик од официјалната страница на ИРИ со клучни сознанија од анкетата „Граѓаните не се сигурни во спроведувањето на Договорот од Пржино, загрижени се за кревката стабилност на Македонија“.

 

Ништо не се промени во медиумското покривање ниту на најновата анкета на ИРИ. Медиумите не само што не ја искористија дадената можност да добијат првично обработени податоци, кои понатаму можат да ги анализираат, да ги вкрстуваат, да ги ставаат во контекст на други сознанија или, пак, да ги понудат на експерти за добивање стручно мислење, туку прифатија улога на партиски гласноговорници.

 

Пишува: Проф. Мирјана Најчевска, експерт за човекови права

 

Во анализата на медиумското покривање на резултатите добиени во рамките на истражувањето на ИРИ, направено во јули 2015 година, истакнав дека:

Анкетите можат да бидат корисна алатка на истражувачкото новинарство. Професионално направена анкета може да понуди обемен материјал кој новинарите понатаму ќе го обработат, ќе го стават во контекст на своите сопствени анализи или ќе го искорстат за отворање на некои неотворени прашања. Особено корисни се анкетите што се повторуваат периодично со истоветни прашања. Овие податоци може да бидат искористени од медиумите да прикажат динамика на одредени процеси/случувања, да го следат развојот на настаните, но и да се обидат да ја идентификуваат причинско-последичната поврзаност на одредени случувања.

Ништо не се промени во медиумското покривање ниту на најновата анкета на ИРИ (направена во октомври 2015 година). Медиумите не само што не ја искористија дадената можност да добијат првично обработени податоци, кои понатаму можат да ги анализираат, да ги вкрстуваат, да ги ставаат во контекст на други сознанија или, пак, да ги понудат на експерти за добивање стручно мислење, туку прифатија улога на партиски гласноговорници.

Од целото истражување, сите поставени прашања и добиени многу интригантни резултати, медиумите ги издвоија, пред сè, тие што се непосредно поврзани со политичките партии, односно, со рејтингот на политичките лидери. Дури и тогаш кога во самиот текст се спомнуваат и поширок дел од резултатите, насловите, пред сè, се однесуваат на рејтингот на политичките партии.

„Оваа анкета најавува и потврдување на убедливата разлика во рејтинзите и поддршката меѓу граѓаните што беше измерена при последната анкета на ИРИ во јуни кога ВМРО-ДПМНЕ е со убедливо водство од 23 отсто доверба меѓу граѓаните, наспроти политичкиот опонент СДСМ во кого веруваа само 11 отсто од анкетираните.“

Некои медиуми пренесуваат поширок избор од истражувањето и покрај тоа што насловот на текстовите сугерира повторно интерес единствено за рејтингот на премиерот:

Само во неколку случаи медиумите издвојуваат едно или неколку поврзани прашања и се обидуваат да дадат видување за една потесна проблематика (Истражување на ИРИ: Граѓаните веруваат дека Катица Јанева ќе спроведе независна истрага за прислушуваните материјали, Македонија и натаму оди во погрешна насока, Бомбите и јавното мислење). И само еден медиум ги користи податоците за сопствена анализа (Медиуми и ИРИ-анкета: Се најавуваат тектонски поместувања во ТВ бизнисот!).

Поголем број прашања кои може да бидат директно поврзани со актуелната политичко-институционална криза, но и со континуирано присутните проблеми со владеењето на правото и со функционирањето на демократските институции, останаа надвор од поголем интерес на медиумите. На пример, прашањето за тоа колку одредени институции придонесуваат за решавање на проблемите во државата? Според одговорите на ова прашање, многу мал број граѓани мислат дека судовите, медиумите, политичките партии, граѓанските организации…, имаат позитивна и соодветна улога во решавањето на актуелните проблеми.

Медиумите не видоа интересен материјал за анализа ни во многу интересниот одговор на прашањето за тоа со кои два најсериозни проблеми се соочува денес Македонија, според кој меѓуетничките односи и конфликти се на дното на интересот на граѓаните на Република Македонија. Овој податок може да стане особено интересен доколку во текот на наредните избори, повторно избијат овие односи на високо или значајно ниво.

„Според Вашето мислење, кои се најсериозните проблеми со кои се соочува Македонија денес?“

„Според Вашето мислење, кои се најсериозните проблеми со кои се соочува Македонија денес?“

Користејќи ги податоците добиени од истражувањето на ИРИ, може да бидат поставени конкретни прашања до актуелната владејачка структрура, но и до сите политички партии:

  • Зошто за сите овие години власта не изградила ефективен план со кој ќе се адресираат економските проблеми со кои се соочува Македонија, ако се има предвид дека ова е проблем кој граѓаните во многу голем број го перцепираат во континуитет, а во 2015 година повеќе од половина искажуваат ваква загрижа;
  • Зошто за сите овие години, не само што не е направено позитивно поместување во однос на корупцијата, туку, според многу голем број граѓани, властите воопшто не ни бараат решение за овој проблем;
  • Зошто од 2001 година па наваму сè помал број луѓе мислат дека судовите не се под влијание на политичките партии, односно, сè помал број луѓе веруваат дека судовите се независни.

Многу интересна област која остана надвор од медиумските анализи е цивилниот сектор и активното дејствување на граѓаните.

Според податоците добиени во истражувањето, граѓаните на Македонија имаат многу негативна перцепција за цивилниот сектор, што понатаму резултира во неверојатното ниско ниво на мотивираност за ангажирање во дејностите на здруженијата на граѓани. Овие податоци можат да се стават во корелација со негативниот однос на политичките партии на власт кон невладиното организирање и особено со агресивната кампања на актуелната владејачка структура против здружувањата на граѓаните.

„Дали сте се вклучиле во активности за решавање општествени проблеми или проблеми во заедницата во последните 12 месеци?“

„Дали сте се вклучиле во активности за решавање општествени проблеми или проблеми во заедницата во последните 12 месеци?“

Ниту едно од прашањата поврзани со активното граѓанство, не го привлече вниманието на медиумите. Дури ни исклучително поразувачкиот податок дека само 11 отсто од граѓаните се ангажираат во активности кои се однесуваат на адресирање социјални и комунални проблеми, не ги поттикна медиумите на анализа и на поставување на неколку клучни прашања:

  • Како се случи граѓаните да не се заинтересирани активно да учествуваат во поставувањето и во решавањето на проблемите во сопствената околина;
  • Како може воопшто да се гради демократско општетство со граѓани кои се целосно пасивни;
  • Кои се причините за огромната пасивност на граѓаните, дури и за прашања што очигледно ги засегаат и нив самите.

Интересот на медиумите, пред сè, за прашања што се поврзани со односите меѓу политичките партии, нивното, често, многу отворено партиско лобирање и поддршка за конкретна партиска опција, го ограничуваат просторот за медиумска анализа, ги детерминираат анализите и ги претвораат медиумите во алатки на партиската пропаганда. Сето ова ја намалува можноста медиумите да се профилираат како активни чинители на промената, како промотори на човековите права и, пред сè, како контролори на власта (независно од моменталната партиска структура која се наоѓа на власт).


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести