verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Медиумските манипулации со анкетата на ИРИ

on 16 - 07 - 2015       
Овој напис го има и на: Англиски

iri-censored

Culpa lata dolus est
(Големата небрежност е умисла)

Пишува: Проф. Мирјана Најчевска, експерт за човекови права

Анкетите можат да бидат корисна алатка на истражувачкото новинарство. Професионално направена анкета може да понуди обемен материјал кој новинарите понатаму ќе го обработат, ќе го стават во контекст на своите сопствени анализи или ќе го искорстат за отворање на некои неотворени прашања. Особено корисни се анкетите што се повторуваат периодично со истоветни прашања. Овие податоци може да бидат искористени од медиумите да прикажат динамика на одредени процеси/случувања, да го следат развојот на настаните, но и да се обидат да ја идентификуваат причинско-последичната поврзаност на одредени случувања.

Анкетите може да бидат и алатка за манипулација на граѓаните. Во анализата под наслов „Новинарите многу ги сакаат анкетите“, свртев внимание на резервите што новинарот треба да ги постави кога презентира резултати на направена анкета. Безрезервното пренесување на добиените резултати и, особено, отсуството на критички пристап кон употребената методологија и кон изведувачот на анкетата, може да доведат до несакано дезинформирање на јавноста.

Меѓутоа, многу пострашно е кога медиумот свесно ги употребува податоците добиени во конкретна анкета, на начин кој води кон дезинформирање или дури и кон лажење на граѓаните. Ова може да биде направено било со употреба на несоодветен начин на презентирање на податоците, селективно прикажување на одредени податоци, со нецелосно прикажување на табелите, со извртено „читање“ на податоците или, пак, со избегнување податоците од една табела да бидат вкрстени со податоците од друга, за добивање пореална слика за одреден став, мислење на анкетираните.

Како пример за несоодветно искористување на една анкета, може да послужи медиумското известување за последното истражување на јавното мислење направено од ИРИ (Меѓународниот републикански институт).

Прво што паѓа в очи е фактот дека ниту еден медиум не постави линк (врска) до официјалната страна на ИРИ, многу мал број (Радио МОФ, Фокус, Мета) дава линк до истражувачкиот извештај, а во ниту еден не е дадено какво било објаснување за самата организација, нивото на кредибилност, видот на истражувања што ги прави и досегашните истражувања спроведени во Република Македонија.

Второ, многу мал број медиуми обрнаа внимание на деловите од анкетата кои се таму издвоени. Имено, насловот под кој е претставена анкетата е: „Македонците се загрижени за економијата, политичката стабилност; поддршката за претставничката демократија и евроатлантските интеграции останува силна“.

Инфографик објавен на официјалната страница на ИРИ посветена на анкетата. Адресата на страницата е http://www.iri.org/resource/iri-poll-macedonians-concerned-about-economy-political-stability-support-representative

Инфографик од официјалната страница на ИРИ за анкетата под наслов „Македонците се загрижени за економијата, политичката стабилност; поддршката за претставничката демократија и евро-атлантските интеграции останува силна“. Издвоените резултати се: „48% од испитаниците велат дека Македонија се движи во погрешна насока. 64% од испитаниците велат дека животот бил подобар пред распадот на Југославија. 55% од испитаниците мислат дека слободниот говор и изразување не постојат во земјата, 80% поддржуваат придружување на НАТО и 83% на ЕУ. 58% велат дека Македонија е понестабилна во однос на минатата година – 27% пораст  од претходната анкета на ИРИ во декември 2014“.
Адресата на страницата е http://www.iri.org/resource/iri-poll-macedonians-concerned-about-economy-political-stability-support-representative

Ниту еден од медиумите не обрна внимание ниту на издвоените неколку резултати дадени на насловната страница на ИРИ и не се запраша зошто истражувачите свртуваат внимание на перцепцијата на граѓаните дека Македонија се движи во погрешна насока, дека над половина од анкетираните мислат дека слобода на говорот и на изразувањето „не постојат“ во државата и дека 58 отсто мислат дека Македонија е помалку стабилна од минатата година.

Трето, многу мал број медиуми (А1он, + Инфо, …), ја искористија временската димензија содржана во истражувачкиот извештај на ИРИ. И покрај тоа што одделни медиуми дури и ги пренесуваат графиконите дадени во врска со овој извештај, меѓутоа не им нудат на граѓаните објаснување за тоа што претставуваат овие графикони.

На пример, во поголем број медиуми е даден податокот за тоа како го перцепираат граѓаните извршувањето на премиерската функција од актуелниот премиер Никола Груевски, на пример:

На прашањето „Дали премиерот Никола Груевски добро си ја врши работата и заслужува нов реизбор?“, 55 отсто од испитаниците одговориле негативно, наспроти 32 проценти кои сметаат дека премиерот заслужува да биде реизбран.

меѓутоа, многу мал број обрнуваат внимание на податокот дека процентот на граѓани што мислат дека премиерот не си ја врши како што треба работата е повеќе од дупло поголем од оној во 2007 година (66 проценти).

Медиумите не ги презентираа податоците од кои се гледа дека граѓаните континуирано перцепираат дека немаат никакво влијание врз донесувањето на одлуките, дека се надвор од можноста да влијаат врз буџетите и немаат никакви контакти со избраните парламентарци.

Четврто, дел од медиумите манипулираат со податоците добиени во истражувањето и нескриено ги користат за политички цели. На пример, во известувањето на „Алфа ТВ“,

„Паѓаат во вода тезите на опозицијата дека изборите биле нерегуларни. Американскиот републикански институт ИРИ, излезе со резултати и од други прашања за повеќе актуелни теми, според кои 67 отсто од испитаниците одговориле дека ниту биле лично подложни на притисок за време на изборите како присила, закани, поткуп или друго нелегално средство за да гласа на одреден начин, ниту пак познаваат луѓе кои биле подложни на такво нешто.“

Во известувањето на „Сител ТВ“ и на МТВ, ова е уште подрастично видливо. Тие ги пренесуваат податоците за тоа кое е најважно надворешно-политичко прашање за граѓаните:

Снимка од екран на ТВ Сител, со приказ на одговори од прашањето „Кое прашање од понудените е најважно надворешно политичко прашање за Македонија?“

Снимка од екран на „ТВ Сител“, со приказ на одговори од прашањето „Кое прашање од понудените е најважно надворешно политичко прашање за Македонија?“

Добрите анкети овозможуваат да се поврзат прашањата и на тој начин да се разберат не ретко и заблудите кај интервјуираните, но, и да се издвои она што тие навистина го перцепираат како важно, а што е евентуално само декларативно. Меѓутоа, двата медиуми воопшто не спомнуваат дека на прашањето „Според Ваше мислење, кои се два најсериозни проблеми со кои се соочува Македонија денес?“, анкетираните се определуваат за невработеноста (53 проценти) и за сиромаштијата (31 процент). Само за 5 отсто од приоритетно значење се влезот во НАТО/ЕУ, односно името на државата. Или, со други зборови: вистинските проблеми се невработеноста и сиромаштијата (впрочем дури 78 отсто од населението е под или до нивото на семејни приходи што ја покриваат т.н. „потрошувачка кошничка“), а ако случајно ЕУ/НАТО можат да помогнат во тоа – дотолку подобро.

Петто, дел од медиумите го применуваат принципот non sequitur (изведување заклучок кој не се потпира на дадените премиси). Таков е примерот со известувањето на „Вечер“, кој под насловот „Граѓаните загрижени, СДСМ ја турка државата во пропаст“, сместуваат текст во кој ниту еден од дадените елементи не го потврдува ставот изнесен во насловот. Истите тие медиуми не наоѓаат за потребно да го прикажат, а камоли да го коментираат податокот дека според истражувањето, се зголемува бројот на граѓани кои мислат дека владата нема ефективен план со кој би ги адресирала економските проблеми со кои се соочува Македонија и дека оваа власт не бара начин да го реши проблемот на корупцијата. Или, да соберат бројки по принципот „преку едно“. Имено, решението за актуелната криза интервјуираните на ниво од дури 81 процент го гледаат во оставка на премиерот и актуелните министри и формирање техничка, привремена влада! Ако се погледнат бројките, заклучок кој следи би бил дека според перцепцијата на граѓаните, не СДСМ туку Владата ја турка државата во пропаст.

Вообичаено, истражувачите на јавното мислење, на јавноста ѝ презентираат сопствено читање на податоците и ги презентираат анализите кои ги изведуваат од направените анкети.

Во случајот на ИРИ, медиумите имаат можност да добијат првично обработени податоци, кои понатаму можат да ги анализираат, да ги вкрстуваат, да ги ставаат во контекст на други сознанија или, пак, да ги понудат на експерти за добивање стручно мислење.

За жал, медиумите, барем до овој момент, ја препознаа и ја искористија единствено најповршната, дневно-политичка презентација на добиените резултати и на тој начин, наместо да ја информираат, тие ја изманипулираа јавноста. Имајќи го предвид крајниот резултат (погрешно информирани граѓани), сосема е сеедно дали е тоа направено намерно (со умисла), ненамерно (без умисла) или едноставно од незнаење.


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести