verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Македонската криза создава опасен регионален и меѓународен преседан

on 8 - 07 - 2015       
Никола Груевски. Фото: EPP, 2013
Никола Груевски. Фото: EPP, 2013

 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и на Владата не се почвуствува одговорен за тоа што безбедносните служби со години прислушувале илјадници граѓани, па дури тоа да е направено и според верзијата на Груевски, накитена со „жолтите комбиња“ и со „странските служби“

 

Пишува: Сеад Ризвановиќ

 

Кога лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за косовската телевизија „21“, кажа дека објавувањето на „бомбите“ на СДСМ го загрозува угледот на државата, многумина во Македонија останаа со подзината уста.

Ахмети, дамнешен герилски и политички борец, успеа да наметне замена на тези. Така, прашањето за одговорноста за него, сопартијците и за коалициониот партнер, произлезено од објавувањето на компромитирачките материјали, го префрли врз оној кој ги објавува. Ахмети наметна став дека е подобро меѓународната заедница да не знае за нерегуларностите во Македонија, отколку објавувањето на сериозните сомнежи за криминал да предизвика негативен имиџ за државата.

Но, меѓународната заедница кон која Ахмети и премиерот Груевски ги праќаат тезите за „неодговорноста“ за Зоран Заев, има сосема поинакви принципи во поглед на моралната, етичката и на правната одговорност на избраните функционери, па нивните пораки дејствуваат како лакмус кој детектира канцерогено политичко ткиво.

 

КАКО СЕ ПОДНЕСУВААТ ОСТАВКИ ВО СВЕТОТ

Листата на избрани функционери во светот кои поднеле оставка поради некоја форма на одговорност е толку долга, што нејзиното набројување бара уште еден посебен текст. Сепак, само во последните неколку години има низа примери кога претседатели, премиери и министри се повлекувале од позициите притиснати од јавноста.

Во декември лани, министерката за внатрешни работи на Исланд, Хана Бирна Кирстјансдотир, поднесе оставка поради извештај на народниот правобранител дека се мешала во истрагите на нејзиното министерство поврзани со политички случај на нигериски барател на азил. Е, сега, доколку причината за оставката на исландската министерка ја споредиме со причините поради кои оставка требаше да поднесе Гордана Јанкулоска, добиваме шокантен диспаритет на чувство на одговорност и на почит кон сопствениот систем.

За разлика од исландската колешка, Јанкулоска не поднесе оставка поради морална и етичка одговорност, за тоа што цели етникуми нарекува со погрдни имиња, а не поднесе ниту поради правна одговорност за мешање и за нарушување на изборни процеси и на слободното право на избор. Јанкулоска не се повлече ниту по сериозните сомневања за прекршување на повеќе закони и за злоупотреба на службената положба, како во случајот со прикривањето на околностите на смртта на Мартин Нешковски.

Она што целата состојба ја прави уште побизарна е што јавноста во Македонија сѐ уште не знае зошто поднеле оставки министрите Јанкулоска и Јанакиески и шефот на УБК, Сашо Мијалков. Иако нивните оставки следуваа по кумановскиот безбедносен, професионален и хуманитарен дебакл, официјалните причини доставени до премиерот говорат само за давање нивен придонес кон решавање на политичката криза, со што индиректно се укажува дека тие функционери и не чувствуваат некаква одговорност за обвинувањата што произлегуваат од опозициските „бомби“ и од кумановските настани.

Во aприл минатата година, исто така, оставка поднесе премиерот на Јужна Кореја, Чунг Хонг, поради морална одговорност за лошата реакција по потонувањето на траект, при што загинаа повеќе од 200 луѓе. Една година претходно, оставка на премиер имаше и во нашето соседство, кога поради големите протести во државата се повлече бугарскиот премиер Бојко Борисов. За волја на вистината, Борисов го повика колегата Никола Груевски да го направи истото, што остана неодговорено од страна на македонскиот премиер.

Повикувајќи се на европски вредности и колнејќи се во законите и во системот, премиерот Груевски не пропушта во јавните настапи за предавство да го обвини лидерот на СДСМ, Зоран Заев, но фрапантен е фактот што материјалот кој произлезе од прислушуваните разговори, без разлика од кого е креиран, не успеа да предизвика повлекување на премиерот Груевски. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и на владата не се почувствува одговорен за тоа што безбедносните служби со години прислушувале илјадници граѓани, па дури тоа да е направено и според верзијата на Груевски, накитена со „жолтите комбиња“ и со „странските служби“.

Просто е неверојатно како премиерот не поднесе оставка по хистеричното смеење и ситење за уривањето на „Космос“ на Фиат Цаноски. Одговорност Груевски не почувствува ниту за слушнатото мешање во низа институции и за нивното користење за политичка и за лична пресметка со неистомислениците. Прекршувањето на изборните закони, сериозните обвинувања за провизии за патишта, купување и пренамена на државно земјиште, организирање насилни протести против градоначалникот на Центар, дрското поигрување со чувствата на бранителите, манипулациите околу прашањето со името се само дел од причините поради кои Груевски мораше да ја понуди својата оставка на државно и на партиско ниво, што не се случи, и создаде опасен преседан за кој Груевски веројатно е свесен.

 

ПРЕСЕДАНОТ НЕИЗБЕЖЕН, ПОСЛЕДИЦИТЕ НЕПРЕДВИДЛИВИ

Откако ВМРО-ДПМНЕ предводена од Груевски и поддржана од ДУИ на Али Ахмети се реши за т.н. „сечена, креирана, лепена и монтирана“ стратегија за одбрана од „бомбите“, се создадоа и услови за слично однесување и на идната власт.

Се разбира дека Груевски и Ахмети како искусни политичари се свесни за опасноста, но проблемот е во недостигот од друга опција, освен онаа во која мора да застанат пред истражно–правосудните органи и да одговорат за сериозните обвинувања. Така двоецот се реши за ставање на коцка на институциите и на остатокот на државноста која остана во Македонија.

Кога во одреден момент Македонија ќе добие нова власт, која нема да се базира врз ВМРО-ДПМНЕ, прашање е како актуелната власт мисли да ја игра улогата на опозиција, која во секое демократско општество е важна како и власта, а во Македонија е дефинирана и со Уставот. Со какво лице политичарите од ВМРО-ДПМНЕ и од ДУИ ќе можат идната власт да ја обвинат за неодговорност во која било ситуација, кога самите тие одбиваат да понесат одговорност во еден од најголемите скандали со прислушување во светската историја. Сега Груевски и Ахмети свесно создаваат опасен преседан, кој Македонија ќе ја втурне во системски проблем, кој нема да може да се реши можеби и во идната деценија, а опасноста од нефункционалноста на институциите сега и во иднина на коцка го става и самото постоење на државата.

Она што е тажно e што ВМРО–ДПМНЕ и ДУИ не се состојат само од нивните лидери и од врхушката што ги опкружува. Освен ретки изблици на моралност, членовите на двете партии останаа неми на сериозните обвинувања што ја прекројуваат македонската политичка историја. Па, доколку припадниците на ДУИ се оградат од дејствување, повикувајќи се на тесно-етнички и во основа неискрени мотиви, тогаш зачудува како интелигенцијата на ВМРО–ДПМНЕ молчи и го гледа почетокот на дезинтеграција на првата самостојна државност на Македонија, момент за кој историската ВМРО се борела од своето основање.

На друга страна, покрај идеализирањето на меѓународните политички структури, во речиси секоја земја постои и лукративниот мотив за поседување на власта. Не се сомневам дека сега македонскиот пример за неподнесувањето на одговорност, по соочување со невидено флагрантни факти и докази, ќе биде искористен од регионалните и од светски моќници. Однесувањето на ВМРО–ДПМНЕ и на ДУИ свесно или несвесно создава светски преседан, кој ќе биде преземен од низа демократски и недемократски избрани лидери, кои на ист начин ќе ја пресметаат можноста за апсорбција на критиката на јавноста и ќе научат дека истата јавност може да се контролира, секако од парите на самите заморчиња.


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести