verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Македонската држава си го заборави претседателот

on 31 - 05 - 2015       
Посетите на Иванов: Азербејџан, Турција, Русија - исток, исток и пак исток. Фото: претседател на РМ
Посетите на Иванов: Азербејџан, Турција, Русија – исток, исток и пак исток. Фото: претседател на РМ

 

Шефот на државата, Ѓорѓе Иванов, последното интервју го дал за весникот „Дневник“ во август 2014 година, преку кое порачал: „Кога ќе влезете во туѓа игра, не излегувате лесно“. Во оваа, 2015 година, пак, не е спомнат во ниту еден медиум. Ова го покажуваат информациите на неговата официјална веб-страница во делот кој е посветен на медиумите. 

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

Македонската јавност речиси и да заборави дека има претседател бидејќи последните месеци, од она што може да се прочита во весниците и на порталите и да се слушне на телевизиите, Иванов не прокоментирал ништо што е поврзано со актуелната политичка состојба во земјата. Особено откако се објави аферата „Пуч“ и прислушувањето. Во последниот период, политичката сцена во државата и тоа како е раздвижена. Власта и опозицијата водеа преговори во Брисел за помирување, потоа одлучија да седнат на заедничка маса во Скопје, а во меѓувреме се одржаа протест и контрапротест и се распослаа кампови пред Владата и пред Собранието. Но, за сето ова, во претседателската вила на Водно владее молк. Во последните два месеци, период кој е предмет на анализа во оваа новинарска лекција, нема излезено ниту едно соопштение поврзано со овие настани. Најголемиот број соопштенија и говори се поврзани исклучиво со доделување награди, испраќање честитки и телеграми, учество на комеморации и обраќање на форуми.

 

СООПШТЕНИЈАТА ОД КАБИНЕТОТ НА ИВАНОВ

Последното соопштение лиферувано од неговиот кабинет е честитка по повод денот на сесловенските просветители, браќата Кирил и Методиј.

За два месеци Иванов имал само три средби со министри и со амбасадори, кои се одржале во неговиот кабинет во претседателската вила на Водно. Последната средба му била со министерот за одбрана на Латвија, Рејмонд Вејонис, на 12 мај, на која се разговарало за инцидентот во Куманово.

„Претседателот Иванов го информираше својот соговорник за актуелната состојба во земјава потенцирајќи дека на одржаната седница на Советот за безбедност се изрази најостра осуда за нарушувањето на редот и безбедноста од страна на поединци и групи, чија цел беше дестабилизација на Македонија, а со преземената акција полицијата успеа да ја спречи намерата за координирани терористички напади на различни локации во државата и да спречи и цивилни жртви – информираат од неговиот кабинет.“

Во последните два месеци, Иванов имал само четири обраќања. Од нив, само едно е поврзано со актуелни случувања во земјава. Тоа е обраќањето по состанокот на Советот за безбедност, кој се одржа на 10 мај, а кој заседаваше во врска со акцијата на полицијата во Куманово, во која во вооружена пресметка со терористичка група загинаа осум припадници на специјалните сили на МВР, а 37 беа повредени. На седницата, покрај постојаните членови на Советот, присуствуваа и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, како и претставници на двете најголеми албански партии, ДУИ и ДПА. Лидерите Али Ахмети и Мендух Тачи не го почестија Иванов со своето присуство бидејќи, како што нагласија, го сметаат за нелегитимен претседател.

„Во изминатиот период имав безбедносни консултации на редовна, но и на вонредна основа, за намерата на оваа група, при што беше констатирано дека оваа група нема поддршка ниту во Република Македонија, ниту во регионот. Знаевме дека групата е сочинета од екстремно-криминални поединци со исклучително воено искуство и вештини. Во ниеден момент и на ниеден начин не ги потценивме, ниту можноста, ниту намерата и капацитетите на оваа група да извршат терористички напади. Затоа беше со толкав обем и акцијата за нивно неутрализирање. Затоа, за жал, плативме висока цена со човечки животи – се наведува меѓудругото во соопштението од кабинетот на Иванов.“

Заклучоците од седницата на Советот за безбедност се објавени два дена подоцна, на 12 мај.

Покрај ова, шефот на државата во последните два месеци одржал говор на 3. Глобален форум „Градење доверба во новиот светски поредок“ во Баку, Република Азербејџан, на 18. Евроазиски економски самит, а свое обраќање имал и по повод доделувањето на признанието „Најдобар млад научник“ за 2014 година на Даниел Денковски.

 

ИВАНОВ БЕЗ ОФИЦИЈАЛНИ ДРЖАВНИЧКИ СРЕДБИ

Претседателот Ѓорге Иванов два месеца немал ниту една официјална меѓународна државничка средба. Тој се сретнал со петмина претседатели на држави, но не бил во официјална посета кај нив, ниту, пак, некој од нив дошол во Скопје. Последната средба со негови колеги е за време на посетата на Руската Федерација и одбележувањето на 70-годишнината од победата над фашизмот. Иванов во Москва остварил билатерални средби со рускиот претседател, Владимир Путин, со претседателот на Република Чешка, Милош Земан, и со претседателот на Народна Република Кина, Си Џинпинг.

„На средбата со претседателот Путин беше искажано заемно задоволство од континуираниот позитивен тренд во билатералните односи и соработката меѓу двете земји. На интерес на претседателот Путин, претседателот Иванов го запозна со актуелните политички состојби и со клучните предизвици со кои се соочува Република Македонија. Рускиот претседател Путин искажа загриженост за состојбите во Република Македонија. Исто така, беше договорено политичкиот дијалог меѓу Република Македонија и Руската Федерација да продолжи во наредниот период, особено во насока на натамошно развивање на економските односи меѓу двете земји.“

На средбата со претседателот Земан било разговарано за „билатералните односи и за продолжување на политичкиот дијалог, со размена на посети на највисоко ниво“. На средбата, пак, со кинескиот претседател, било „истакнато задоволството што на сите клучни теми од последната средба во Пекинг се евидентира позитивна динамика, а посебно задоволство беше изразено од нагорниот тренд во економската соработка меѓу двете земји“.

Иванов во април се сретнал со претседателот на Азербејџан, Илхам Алијев, при неговата посета на Баку и учеството на 3. Глобален форум.

„Двајцата претседатели разменија мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете земји, оценувајќи дека на 20-годишнината од нивното воспоставување се базираат на меѓусебно разбирање, пријателство и заеднички интерес за нивно натамошно проширување и продлабочување.“

Истиот месец, македонскиот шеф на државата се сретнал и со неговиот турски колега, Реџеп Таип Ердоган, на чија покана бил во работна посета на Република Турција по повод свеченостите за одбележување на 100-годишнината од битката на Чанак-кале.

 

НАПАДОТ НА ПРЕТСЕДАТЕЛСКИОТ КАБИНЕТ ВРЗ ВЕСНИКОТ „ВЕСТ“

На 25 март годинава, дневниот весник „Вест“ излезе со наслов „Иванов во изолација на Водно“, по што од претседателскиот кабинет испратија писмо до редакцијата, потпишано од генералниот секретар Борис Јосифовски, со остра реакција, но и со лични напади врз главниот и одговорен уредник, Горан Михајловски.

„Г. Горан Михајловски, главен и одговорен уредник на дневниот весник “Вест”,
Очигледно е Вашето со години наназад лично непочитување на институцијата Претседател на Република Македонија и лична нетрпеливост кон проф. д-р Ѓорге Иванов, претседателот на Република Македонија. Во врска со објавената вест “Иванов во изолација на Водно” објавена на насловната страница во денеш ниот број на Вашиот весник, а во која пишувате дека Претседателот Иванов два месеца немал ниту една официјална меѓународна државничка средба, Кабинетот на Претседателот на Република Македонија остро реагира на ваквите изнесени тврдења, кои не кореспондираат со вистината и грубо ја дезинформираат јавноста.“

Јосифовски на крајот од писмото нагласи дека за написот, во кој, според него, биле прекршени новинарските кодекси и стандарди, ќе реагира до релевантните новинарски здруженија во Република Македонија.

По сето ова, следуваше и одговор од редакцијата на „Вест“.

„Во врска со објавениот текст “Иванов во изолација на Водно”, објавен на насловната страница во нашиот весник на 26 март 2015, а во која пишуваме дека Претседателот Иванов два месеца немал ниту една официјална меѓународна државничка средба, Ве упатуваме на делот од текстот кој вели: “Претседателот Ѓорге Иванов два месеца немал ниту една официјална меѓународна државничка средба.“

Советот на честа, кој е саморегулаторно тело при Здружението на новинари, на 10 април одговори на претставката од Кабинетот на претседателот Иванов, заклучувајќи дека весникот не го прекршил Кодексот на новинари.

„Новинарката Ѓорѓиевска, како автор на текстот, се придржувала кон сите норми од Кодексот, ги запазила професионалните стандарди, етичко однесување и објективно известување, наведува Советот.“


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести