verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Оркестрирана кампања која падна на граматиката

on 31 - 05 - 2015       
Лицето на национал-шовинизмот - лажни графити од измислен автор. Фото: скриншот
Лицето на циничниот национал-шовинизам: ист центар ги пишува графитите, им измислува лажен автор и лажна приказна за да му наштети на политички противник. Фото: скриншот

 

Од центарот на владејачката партија, од каде се оркестрираат кампањи против политичките конкуренти, излезе дека мора да научат нешто и од граматиката на албанскиот јазик. Или да најдат барем еден пријател Албанец. А, треба нешто и да повторат околу природата на социјалните мрежи

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Кога би се обиделе да дефинираме што значи оркестрирана кампања, би можеле да речеме дека тоа е пласирање некаква информација или квазиинформација од еден центар, каде се осмилени сите детали и димензии на истата. Со оглед на тоа што терминот е „музички“, да замислиме дека центарот е диригентот кој им дели ноти на инструменталистите, кои со постојните инструменти ја свират „саканата музика“.

Првин, секако, од таквиот центар се дефинира целта што се сака да се постигне со кампањата. Неретко се работи за дискредитација на одредена личност, некоја група или политики што тие ги преставуваат.

Такви кампањи се можни само ако некој располага со развиен систем на пласирање вест или вести во серија. Разбирливо, во недемократска атмосфера или во услови на монополизација на системот на информирање во една земја, таквите кампањи можат да имаат значаен ефект и да бидат опасни.

 

ПРИМЕРОТ НА ПУЛИЦЕР

Колку што ми е познато, студентите по новинарство често учат за примерот на издавачот Пулицер, по кого е крстена една престижна новинарска награда во светот, ама кој имал цела мрежа весници, и кој, загрижен за падот на тиражот, со серија планирани текстови, своевремено создал атмосфера на големо непријателство на американскиот народ кон шпанските колонизатори во Централна Америка. Потоа, Вашингтон, по таа оркестрирана кампања на газдата Пулицер, дури ѝ објавил војна на Шпанија. Така е „ослободена“ и Куба, меѓу другото, Пулицер добил илјадници приказни за јунаштвото на американските морнари, тиражите „пламнале“, а САД неочекувано ја зголемиле својата доминација на континентот за што е доста и пишувано, што, на пример, може да се види поопширно тука.

Модерниот Пулицер со такви намери би морал да смета на некои „новотарии“ – имено вкупниот ефект на кампањите денес се релативизира со постоење на социјалните мрежи.

Тоа и се случи деновиве со очевидната кампања која постоеше против Заев и која е осмислена по неговата зголемена популарност меѓу албанските граѓани. Причината беше очигледна – дочекот на лидерот на СДСМ во Куманово, особено во квартот каде се водеа борбите (Диво Насеље). Таму и ден-денес не смеат да припарат лидерите и активистите на големата двојка од албанскиот „камп“. Потоа, повеќето илјади присутни Албанци на митингот на опозицијата беа знак дека е нарушена „трајната формула за кохабитација“, која ја диктираат шефовите на султан-партиите. Фактот дека многу Албанци земаат партиски книшки на социјалдемократите, исто така, ја формираше сликата на трајно променетите односи во политичкиот живот на земјава.

 

АЛБАНСКОТО КАМЧЕ ВО ВЛАДИНИОТ ЧЕВЕЛ

Јасно, со ова битно се зголемува опасноста за власта, бидејќи поддршката за активностите на опозицијата не се сведува само на „оние што не се во ВМРО-ДПМНЕ“. И како и многупати претходно, центарот, односно „диригентот“, ги поставува своите „музичари“ пред новите ноти.
И тие, на даден знак, емитуваа идентични или многу блиски фоторепортажи (во веста беше битна сликата).

За ова центарот што ја оркестрира кампањата дава и свое појаснување – се работи за гостување на Заев на косовска телевизија, каде, наводно, ги покажал своите антимакедонски ставови и позиции. А тоа, според овој центар, се содржи, пред сè, во покажувањето симпатии кон идејата албански јазик да може да се учи во градинките, основните и во средните училишта. „Според изјавите на лидерот на СДСМ тој спорот со името ќе го решава преку мултиетничноста која, како што вели тој, ќе биде критериум во преговорите“.

Во основа, политичката предност која опозицијата и Заев ја стекнуваат на теренот на сограѓаните Албанци се настојува да се компензира во „македонскиот блок“ преку создавање некаква одбојност кон својот конкурент, преку акцентирање на точките каде би настанала некаква „конфликтност“, удирајќи длабоко во колективниот архетип. Јасно, тоа не би било можно заради градењето на некаков соживот меѓу соседите (видовме во Куманово како тој функционира), туку во вметнување на слика дека Заев станува интересен за Албанците од круговите кои Македонците „не би ги мирисале“. Во тој контекст се споменува постојано 113. косовска бригада, именувана како „Исмет Јашари“! Јасно, никој не се прашува дали ако власта има нешто намирисано за членовите на оваа бригада едноставно не преземе нешто конкренто, што би морала да го стори и службено (испрашување, апсење, поднесување пријави), кога тие слободно се шетаат или, во спротивно, како што велат поповите, „нека замолчат за век и веков“.

 

НЕНАУЧЕНИ ЛЕКЦИИ

Но, да се вратиме на темата – како оваа веројатно грижливо подготвувана кампања, со многу „умови“ и креативци кои можат да монтираат и прилепуваат факти во нивните медиумски лаборатории, паднаа на само една дребулија. „Млекото им се истури“ на граматиката. Имено, пораките што ги пишувал некој низ градот, а во кои, наводно, Албанците го бараат Заев за премиер, ги напишал некој кој не го знаел албанскиот јазик. „Гледам дека вмровците почнале да пишуваат и на албански, додуша погрешно, ама со цел да ги уплашат Македонците дека еве се врзал со Албанците. Бидејќи сте неписмени да ви кажам дека ’Të dua Zaev për Premier’ e погрешно. Се пишува ’Të dua Zaev për Kryeministër’, и второ не се пишува ’Zaëv” туку “Zaev’. Ајде сега гитла, спрејот во раце и да напишете како треба….секако и да научите“ пушти порака на Фејсбук, Едмонд Адеми, инаку извршен директор на Институтот „Либерта“.

Во неговото дообјаснување за „Сервис за проверка на факти во медиумите“, тој рече дека бил загрижен кога оваа „фоторепортажа“ некритички ја пренеле и некои албански интернет-портали, иако ним несомнено од прва им било јасно дека некој тука не ја познава граматиката на албанскиот јазик. Затоа и реагирал.

И како што може да се очекува – кампањата многу бргу „секна“! Како една порака испратена преку „Фејсбук“ ја „уби“ толку грижливо подготвувана кампања?

Ако се читаат дебатите на некои наши комуниколози, лесно би се дошло до заклучок дека главната цел на оние кои сакале да го „инаугурираат“ Заев за премиер на албански е користење пароли, кои, сами по себе, добро легнуваат на социјалните мрежи (Гоце Пачемски), ама каде заради двонасочната вградена во суштината на социјалните мрежи, една најдена мана лесно се враќа како бумеранг за оној кој ја испратил (Борис Ефтимовски).

Оние од центарот за оркестрации треба доста да учат и тоа не само граматика на албанскиот.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести