verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Сервис за проверка на факти од медиумите

Проект на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија
USAID Logo

„Истражувачко“ новинарство со капиџик во власта

on 15 - 10 - 2015       
Јавното обвинителство на РМ - дали одовде протекуваат документи? Фото: skyscrapercity, 2012
Јавното обвинителство на РМ – дали одовде протекoа документите? Фото: skyscrapercity, 2012

 

Додека во светот новинарите се оние кои „копаат“ по службени документи за да откријат како работи државата и дали ги почитува законите, овде кај нас власта сама им дава службени документи на медиумите и тоа со наредби да се објават и назнаки каков напад да извршат врз лицата засегнати од таквите документи.

Пишува: Љубомир Костовски

 

Годинешниот германски скандал околу интернет-медиумот „Нетцполитик“ (Netzpolitik.org) во нашата земја не наиде на соодветен интерес. Особено се очекуваше да биде привлечен како тема меѓу новинарите, бидејќи отсликуваше дел од нивниот амбиент, односно се допираше до прашањето за границите за слободата на печатот кога се во прашање документи кои државата ги обележила како заштитени. Во Германија сè уште не престанува таа афера да биде непресушен извор на несогласување помеѓу политичари, адвокати, па дури и – очекувано – меѓу самите новинари, кои не се должни и не треба да мислат исто по кое било прашање.

Само накусо, се работи за афера од февруари и од април годинава, со објавување доверливи документи на германската тајна служба, докажувајќи дека таа планирала да го засили шпионирањето на корисниците на социјалните мрежи. Обвинителот реагираше со барање за покренување на истрага против виновниците за „провалата“.

Сојузниот јавен обвинител Харалд Опсег, за кого станува збор, во интервју за дневниот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ ја бранеше својата првобитна одлука да почне истрага против новинар, по барање на Федералната канцеларија за одбрана на Уставот, бидејќи истиот објавил таен документ. Обвинителот сметал дека законот наложува да поведе таква истрага и дека нема што да му ја мисли. Беа ангажирани и независни експерти, кои заклучиле ладно дека некои извештаи на „Нетцполитик“ се базираат на документи на Сојузната служба за заштита на уставот и нивното објавување било навистина предавство на државните тајни. Меѓутоа, имаше реакции во јавноста дека независните експерти се нарачани од обвинителството и дека новинарите го штителе јавниот интерес (јавноста и онака беше „нафитилена“ против прекумерните прислушувања), па по сугестија на канцеларката Меркел обвинителот дури беше разрешен.

Опсег рече дека иако политичкото јавно мислење е против него, тој стои на тоа дека објавувањето на документите било во спротивност со она „тајно“, дека во настанатата ситуација е нарушена независноста на судството и додава дека, без формално покренување на истрагата, тој може да бара независни експерти. Имено, правно спорна беше покренатата експертска мисија, која е нарачана пред да биде официјално отворена истрага!

Засега работите стојат вака – обвинителот е сменет, истрагата против главниот и одговорен уредник на „Нетцполитик“, Маркус Бекедал, и неговата колешка Андра Мајстер е ставена во мирување (не е отфрлена!), што е инаку позиција која германското процесно право не ја познава! Некои медиуми, како „Ди велт“, цело време тврдат дека истрагата е оправдана.

 

„ХОРСКО“ ОБЈАВУВАЊЕ ЧУВСТВИТЕЛНИ ДОКУМЕНТИ

Она што е едно типично западно искуство (Германија на индексот на „Репортери без граници“ е на 12. место) – дека постои постојана „војна“ меѓу власта и медиумите околу тајноста и доверливоста на документите, при што власта се обидува да ги штити тие акти од погледите на јавноста, а новинарите „копаат“ за да дојдат до нив, кај нас очигледно не стои така. Ние сме феномен во светки рамки, бидејќи не е познато искуството кога власта, низ некоја институција им ги нуди, значи место да ги криe, тајните документи на (одредени) медиуми! Значи, да појасниме, нашите искуства, фасцинантно се обратни – државата самата им дотура на своите медиуми одредени документи кои би требало да се тајни, за да бидат објавени, доколку процени дека тие треба да ѝ наштетат на опозицијата!

Неодамна група медиуми за кои никој не се сомнева во нивните посебни конекции со владеечката гарнитура („Курир“, „Сител“, „Прес 24“) ги објави „хорски“, во многу кусо временско растојание, документите од ареалот на специјалната јавна обвинителка. Истата онаа која е сè уште во фаза на консолидирање и не е почната со својата со закон предвидена активност. Тоа се барањата кои се однесуваат на финансирањето на оваа нова институција, организацијата на Специјалното обвинителство, кадровската поставеност и низа детали кои тешко дека ќе ги дознаете за некоја компанија, а камоли за дел од правосудниот систем (плати, начин на обезбедување и слично)!

Впрочем, како директна споредба – дали јавноста знае каква е организациската поставеност на актуелното обвинителство или на она за борба против организираниот криминал? Секако не. Како таа институција остана под превезот на тајната толку долго во однос на наведените работи, а барањето на Јанева упатено до Советот на јавните обвинители е веднаш „соголено“. Извори од кои документите можеле да бидат земени, односно да се дадат, се Советот на јавни обвинители или Владата. Не се слушна дека некој (самиот јавен обвинител, пред сè) потегнал истрага за да се утврди кој им го дал документот на споменатите медиуми?!

 

ПРОТЕКУВАЊЕ ДОКУМЕНТИ ПРЕСРЕТНАТО СО ПАСИВНОСТ

Вакво нереагирање на јавниот обвнител го имавме и во случајот кога документи (доказите) кои ги имаше само тој и евентуално премиерот (прислушуваниот видеоматеријал на лидерот на опозицијата Зоран Заев во кабинетот на Груевски) беа емитувани од „Јутјуб“! Имаме ли во обвинителството вграден механизам за пасивност кога акти од примарна заштитеност стигнуваат до кој било човек на планетава? Каков е системот на заштита во оваа институција? Кој го направил капиџикот и кој преку него им ги дава, наводно, тајните акти на медиуми кои јавноста однапред би ги погодила кои би биле тоа?!

Во меѓувреме, никој од можните дарежливи институции или институции од кои протекле документите, освен јавниот обвинител, не се огласи со осуда на таквото „истражувачко новинарство“ (кое, се разбира, сè добило на тацна), иако тоа им беше и задача, меѓу другото: да го чуваат државниот интерес. Споменатите медиуми знаат и дека документите на Јанева биле доставени до Владата, што, пак, укажува дека кон нив некој се отворил ширум, „со цело срце и душа“, што би се рекло, но со туѓи документи и тајни. Тоа е најпрвин Советот на јавни обвинители, потоа Владата, односно Министерството за финансии.

Ова протекување имаше неколку цели. Најпрвин тоа е јасен притисок врз специјалната обвинителка уште додека таа не почнала со работа. Пораката е – нема нешто што ќе биде твоја активност, а ние да не го знаеме. Лицемерието на овие медиуми е толку големо (Латас на „Сител“) што непосредно пред да се објават споменатите документи на Јанева, таа беше обвинета дека не сака да соработува со провладините медиуми. Хм, имаме алиби?! Но, би било уште полицемерно ако во тоа време во самопослужувањето на доверливоста на власта веќе и ги имале ставено на сталажите основните барања на идната „терминаторка“.

Следната цел со ова протекување е да се заплашат сите оние што би соработувале со обвинителката, како сведоци на обвинението, кои сега ќе се плашат дека нивните имиња ќе бидат јавно обелоденети кога и да е и кај и да е!

А, третата цел, секако, се покажа веднаш – не требаше да се чека ниту час по објавувањето, а веќе се јавија критики за тоа колку пари барала Јанева за плати, зошто таа не е одговорна за трошењето на парите како другите обвинители, што ќе ѝ се толку телохранители… При тоа се цитираат неименувани обвинители, со што некако се сугерира дека најголемиот отпор е токму кај оние кои се веселеа на нејзиниот избор за таа функција (!) и кои допрва треба да одлучуваат за споменатите документи, како членови на Советот, со што се прави притисок и врз нив.
Впрочем, тука постои и една кумулирана сметка на оние кои работат против Јанева – неа во старт ѝ се прават сопки со кои таа доцни со почетокот на работата еден месец. Односно, таа се наоѓа онаму каде што беше на 15 септември.

Тука веќе имаме и јасно нарушување на јавниот интерес – тоа е институција која е основана со закон и тоа без ниту еден глас против во Собранието.

 


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *