verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Кога коментарите се претставуваат како факти, тогаш боговите молчат, засрамени!

on 22 - 07 - 2015       
Две третини од ТВ дневник поминати во напади врз опозицијата. Фото: скриншот, колаж: СПФМ
Две третини од ТВ дневник поминати во напади врз опозицијата. Фото: скриншот, колаж: СПФМ

 

[Критички осврт врз централниот ТВ-дневник на „Сител“ од 17 јули 2015 година, 18 часот]

 

Дневникот што е предмет на оваа анализа може да послужи како пример за неетичко и за непрофесионално новинарство, во кое нема ни „С“ од зборот стандарди во професијата. Покрај тоа, регистрираме и говор на омраза и тоа врз политичка основа, при што тој не е изолиран случај на некој новинар во дел од извештаите и во прилозите, туку е мултиплициран и најмногу употребуван од уредникот и водител на овој медиумски производ, кој ако го вивисецираме, тешко дека може да се оцени како новинарски.

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Многу често во јавноста се пропагира тезата дека приватните радиодифузери се слободни во своите информативни програми да објавуваат што сакаат и дека тоа е нивно право на уредувачка политика. Но, тоа не е така, бидејќи тие (оние со национална концесија) се обврзани и законски да го почитуваат јавниот интерес и некои општи и посебни правила во радиодифузијата, а секако пред судот на јавноста се должни да се придржуваат до етиката во новинарството. Меѓу тие правила се и плурализам на мислења и на идеи, толеранција и еден куп други начела што се регулирани со член 61 од Законот за ААВМУ, а за чие спроведување, исто така, е надлежна самата Агенција (чл. 6).

Дневникот на кој се осврнуваме во оваа анализа отстапува од многу начела и одредби од споменатиот закон. Тој, исто така, отстапува од професионалните стандарди во новинарството, а етиката во професијата, барем во првите 17 минути од дневникот, е целосно заборавена.

 

Коментаторски најави

Дневникот почнува со најавата на водителот за „темата“ на тие централни вести на телевизијата и за другите „настани на денот“ што се обележани со кајрон, додека се чита најавата. Она што може да се забележи е дека најавата е микс од  вести и од коментари, исто како и прилозите што потоа следат, а уредникот и водител одделно ги коментира и пред и по емитувањето. Единствената светла точка е реченицата на уредникот пред емитување на првиот прилог за политичките настани по „договорот од Пржино“, каде тој истиот го најавува со зборовите „што околу тоа имаме ние да кажеме во нашиот коментар“?

За да ви доловиме како изгледаше најавата на овој дневник што е предмет на нашава анализа, издвоивме неколку реченици или делови од реченици на уредникот и водител:

1. „Сител-тема: По договорот за решавање на кризата кои сами ја наметнаа,          незадоволство во СДСМ…“

2. „Социјалдемократите и соросоидите се тргнаа од Илинденска и ги израдуваа граѓаните кои сега можат слободно да се движат низ улиците кои ги изградиле од свои пари. Радост е секогаш кога СДСМ го нема на лице место.

3.Две нови фабрики со 4.000 работни места ќе се отворат во Тетово и Кичево. Тоа е политика, а блокирањето улици и насилствата на СДСМ се уривање на можностите за инвестиции и нови работни места“.

Болдираните делови се коментаторските елементи во најавата, кои никако не би смееле да бидат таму според новинарските стандарди, зашто, прво, најавите не се за коментар, туку за известување на гледачите за тоа кои вести се обработени во дневникот, а второ, цврсто и универзално новинарско правило е коментарот да биде одвоен од информацијата, т.е. од фактите.

 

Коментари што за факти се претставуваат

Потоа следува најавата на првиот прилог – коментар, кој беше најавен како тема на дневникот. Коментарот е преполн со невистини или полуфакти и, уште повеќе, полн со дискредитирачки и навредлив говор, што е прекршување, исто така, на неколку други универзални новинарски правила. Тука за потребите на оваа анализа одвоивме неколку реченици од авторот на коментарот:

„…Шест месеци наназад СДСМ и Зоран Заев, со Шекеринска и Шилегов, ја блокираат државата и институциите, блокираат улици, малтретираат граѓани и тепаат новинари кои не се под нивна контрола и во функција… Се со цел да добијат власт без избори и во таа власт да се вградат функционери и активисти на фондацијата Сорос и по некој функционер од СДСМ, а Зоран Заев да се спаси од судење за корупција, која е толку јавна и масовна што речиси и нема човек што овој струмички олигарх го смета за чесен и одговорен“.

Ова е класичен спин или извртување на вистината…„малтретираат граѓани“…„тепаат новинари“ (и тоа таква констатација по серијата шамари и боксови што ги доби Саше Ивановски), „се со цел да се добие власт без избори“, „речиси и нема човек што овој струмички олигарх го смета за чесен и договорен“… Крајот на овој коментар е, исто така, спин, во кој се употребува навредлив говор – …„сега ниту еден од нив не е во партијата (за оставката на професор Узунов, претходно и на Јовановски и на Ивановски -н.з.), а за најважното изборно прашање економијата ќе решаваат Заев и Шеќеринска, кои од економија знаат само за ставката личен профит и тоа со партиска поддршка.

Она што е најголем спин, меѓутоа, го кажува уредникот и водит на дневникот по завршувањето на емитувањето на овој ТВ-коментар: Ете, тоа се фактите, барем првичните…. Можеби имало факти, но тие тешко се препознаваат од купиштата шпекулации и навреди.

По ова следува коментаторска најава за ТВ-прилог за финансирањето на СДСМ, каде што преку лични дисквалификации за потпретседателката и за претседателот на оваа партија се најавува, всушност, текст на весникот „Вечер“, кој беше цитиран и во првиот коментар. Коментарот, меѓутоа, завршува со затворањето на кампот на СДСМ пред Владата и сметот што таму бил оставен, заедно со процената за штетата што била направена.

На ова, уредникот и водител се надоврзува со нова спин-констатација за тоа дека граѓаните на Скопје „кај што не можеле два месеца да ги користат улиците и плоштадите кои сами ги изградиле“, уште на крајот ќе платат со 16.000 евра „за да се расчисти ѓубрето кое Зоран Заев и неговите приврзаници соросоидите го направија“. Спинот е очигледен во множината што ја употребува уредникот и водител (плоштадите и улиците, а никаде, на пример, не ги споменува и парковите, како паркот спроти Собранието), а покрај тоа користи податок од само една страна – процена на јавни претпријатија на Град Скопје.

 

Јавно жигосување на лица за „пореметени“

Непрофесионалноста, со користење говор на омраза кон цели групи во општеството, продолжува во низа веќе по неколку секунди, кога уредникот и водител го најавува следниот ТВ-прилог за Саше Ивановски:

„Е сега, политиката на социјалдемократите, особено на соросоидите е брутална, монтирана, провокативна, понижувачка. Тоа го прават тие и никој друг во држвава. Имено, се сеќавате пред неодамна, постои човек кој го нарекуваат Саше Политико, се вика Саше Ивановски, а и не е новинар, кој служи за потребите на соросоидите и СДСМ да оди да провоцира луѓе да растура настани…Е тој човек, кој според јавно виденото има основано сомневање дека има проблеми во својот психички, а исто така и ментален живот, бидејќи по секоја цена сака да биде предмет на снимање, сака да биде употребуван од социјалдемократите, за да го поздрават да му удрат рака, да го частат кафе, да му дадат некој сендвич, едноставно социјалдемократите знаат за каква личност од пореметен карактер се работи и го злоупотребувааат, с’скајќи го да прави скандали, а потоа тие од тоа прават случај…“

По ова, на ТВ-екраните се емитува дел од снимката од безбедноста камера во ресторанот каде што дојде од инцидент кога Ивановски доби замавнување со тупаници од вицепремиерот по поставено прашање, која е дополнително проследена со коментар од уредникот и водител, кој во еден момент инсинуира дека Ивановски е хомосексуалец, сакајќи дополнително да го дискредитира и по таа основа: дали се бацуваа овдека или разговараат, не гледам…

 

Говор на омраза, дискриминирачки говор, едностраност…

Горенаведените три главни ТВ-прилози на ТВ-вестите траат од првата до седумнаесеттата минута без прекин, со исклучок на една реченица, каде се коментира топлото време и каде на муслиманите им се честита верскиот празник. Целиот дневник трае 30-тина минути. Значи, речиси две третини од времето беше потрошено на коментари, кои од уредникот и водител се нарекуваат факти.

Самите прилози, како и нивната најава и одјава не беа информации, туку коментари. Коментарот е новинарско изнесување став за некое прашање и тој често доаѓа како анализа на утврдени факти (впрочем, анализата е поджанр на коментарот во поделбата на новинарските родови и видови). Но, проблемот е што коментарите во овој ТВ-дневник, не се базираат на факти, туку најчесто на полуфакти или невистини, а неретко наместо факти се нудат голи навреди, дискриминарички говор, па дури и говор на омраза. Говорот на омраза во Македонија е санкциониран во професијата и со Кодексот на новинарите и тој кај нас се однесува покрај на расна, верска или полова разлика и на политички разлики. Сосема е јасно дека уредникот и водител и новинарите во одредени ТВ-прилози во дадениов ТВ-дневник употребуваа говор на омраза врз големи и помали групи луѓе, токму врз основа на политичко неистомислеништво.

Она што е, исто така, силно видлива карактеристика во информациите презентирани во овој ТВ-дневник, е целосното отсуство на втората страна во приказната. Ниту еднаш за овие 17 минути од ТВ-дневникот не беше презентиран став, аргумент, коментар или изјава од втората страна, освен ако како втора страна не се сметаат „неименуваните високи извори во СДСМ“, кои беа употребени преку цитатите на весникот „Вечер“.

Да заклучиме, станува збор за целосно непрофесионално новинарство, каде шпекулации се нудат за факти, а сето тоа е спакувано во едно застарено коментаторско телевизиско руво, кое дури е полошо и од истото такво што се емитуваше во ТВ-дневниците на јавниот сервис за време на социјализмот.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести