verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Како правилно да се читаат вестите

on 26 - 11 - 2016       
Галина Тимченко, на конференција на германската Хајнрих Бел фондација. Фото: Stephan Röhl, 2015
Галина Тимченко, на конференција на германската Хајнрих Бел фондација. Фото: Stephan Röhl, 2015

 

Позната руска новинарка, која во текот на својата кариера се има соочено со најтешката и најсуровата пропаганда во светот, онаа на Кремљ, советува како да се читаат и брзо и едноставно да се проверуваат вестите за да не бидете изманипулирани

„За жал, голем дел од руските медиуми наместо реална, подметнуваат измислена слика за светот и тоа стана природна појава“

Галина Тимченко

 

Автор: Борис Камчев од Санкт Петерсбург

 

Галина Тимченко, новинарка и основачка на рускиот информативен портал „Медуза“, масовното објавување на дезинформации и на полувистини, усовршено од дебело платените руски државни медиуми, го нарекува „бел шум“. Според неа, белиот шум создава пречки во приемот на информации и како резултат на тоа мнозинство од Русите не умеат правилно да ја читаат и да ја восприемаат објавената или емитувана вест.

Тимченко е „тешкаш“ во руското современо независно новинарство. Под нејзино уредништво, во втората половина на минатата деценија интернет порталот „Лента“ стана еден од најпопуларните медиуми во Русија, со посетеност од речиси 20 милиони читатели месечно. Во март 2014 поради објавено интервју на еден од лидерите на украинската националистичка партија Десен сектор, државата се закани со одземање на дозволата за работа на медиумот. Наскоро Тимченко беше отпуштена од должноста главен уредник без никакво образложение од сопствениците.

Но, пораката беше очигледна. Нејзината редакциска позиција не беше во склад со општоприфатената, која бараше ангажиран и проактивен однос кон украинските случувања по мерка на Кремљ, што значи строга забрана да се ислуша и другата страна.

Со група од незадоволни колеги, таа во октомври 2014 година го основа информативниот сајт „Медуза“, но лоциран во Рига, Летонија. Своето преминување во соседната земја таа го образложува со притисоците под кои се наоѓаат неколкуте преостанати независни медиуми во Русија.

„Ние сфативме дека во Русија, каде интезивно се создаваат стоп-листи за независни новинари и опозиционери, нема да ни дадат да работиме“, изјави таа во едно од своите интервјуа пред „Медуза“ да почне со работа.

Веб-страницата, која во мал дел од својата содржина работи како агрегатор на новости, а во поголем објавува новинарски прилози, на почетокот на 2015 година била посетувана од повеќе од 20 милиони читатели месечно.

Во врска со можноста да се врати и да работи во Москва, Тимченко неодамна кажа дека такво нешто засега е невозможно.

„За жал, голем дел од руските медиуми наместо реална, подметнуваат измислена слика за светот и тоа стана природна појава. Но, јас не сакам да лажам, ниту себеси ниту луѓето. Моја професија не е создавање на некакви паралелни, измислени светови“, рече таа.

Завиден број од нејзините бројни настапи и предавања по журналистика во Русија, Источна Европа и на Западот може да се најде на „Јутјуб“. Тимченко  мошне често се повикува на своите неколку основни правила за исправно читање вести. Пред сè, кога станува збор за вести објавени од контролираните портали и редакции уредувани од пропагандистите во земјите како Русија. Но, многу од нив можат да се применат и во сите земји кои имаат авторитарни режими кои практикуваат постојана и комплетна пропаганда врз сопствената популација.

Според неа, овие правила треба стриктно да се почитуваат ако сакаме да се одбраниме од дезоирентацијата што ја создава белиот шум:

  1. Не верувајте им на насловите. Тие се напишани за привлекување внимание и обично не носат серизна мисловна оптовареност. Многу често насловот е противречен на содржината.
  1. Споредете ги глаголите од насловот и од првиот параграф. Имено, таму ќе најдете значајна информација. Ако насловот гласи „Во Русија ќе забранат прикажување на странски филмови во кино“, тогаш во првиот параграф вие најверојатно ќе дознаете дека со таква иницијатива не настапил никој друг туку некој чиновник.
  1. Ако насловот и првиот параграф не се совпаѓаат, погледнете ги третиот или четвртиот параграф. Токму таму се појавува главниот херој, оној поради кој веста е напишана или оној што ја порачал. Неговото мнение најверојатно ќе биде прикажано директно со коментар.
  1. Обрнете посебно внимание на изворот. Ако статијата воопшто не се повикува на извор, тоа е повод да се посомневате во вистинитоста на информацијата. Ако изданието се повикува на друг весник или медиумски ресурс, не бидете мрзеливи, отворете го линкот и споредете.
  1. Ако изданието уверливо укажува на некој настан, а сите прашани учесници не коментираат или го одрекуваат, тоа е повод да се посомневате дека изданието објавува отфрлоци. Тоа се непроверени информации или гласини кои се исфрлаат во етерот со некоја цел.
  1. Вест е настан којшто веќе се случил. Ако статијата почнува со бомбастична изјава за неизбежноста на некој настан во иднината, како војна, еколошка катастрофа, епидемија или нешто слично, тоа значи дека пред себе немате вест туку алатка за заплашување.
  1. За експертите. Пред да го ислушате нивното мнение, треба да се прогугла името на експертот и да се провери дали тој има релеватност кон проблемот опишан во веста.
  1. Во веста секогаш има подробности. Тие можат да бидат малку, но секогаш ги има. Тоа се адреса, време на настанот, учесници, склоп на околности. Но, она што никако не треба да го има во една веста се емоции. Епитетите се сигнал за тревога кај читателот и нивното појавување сведочи за недостиг од вистинитост во веста.

Со развојот на диктаторските режими и државната контрола врз информациските текови,  подржана од разни пропагандисти и портали во многу земји од Балканот и од Источна Европа, од белиот шум и некритичкото читање на вестите не се имуни ниту граѓаните од овој регион.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести