verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

ВМРО-ДПМНЕ од Курц добила поддршка на настан кој сè уште не се случил

on 27 - 11 - 2016       
Овој напис го има и на: Англиски

megjunarodna-poddrshka-za-vmro-dpmne-500

 

[Рецензија на текстот со наслов: „Меѓународна поддршка за ВМРО-ДПМНЕ“]

 

Ова е школски пример за нарачан текст и објавен во медиум заради промоција на една политичка партија. Типична пропаганда за да се постигне впечаток кај публиката дека партијата ВМРО-ДПМНЕ добива меѓународна поддршка.

Текстот ниту е коментаторски, ниту сензационалистички, ниту едностран, туку изгледа како вообичаена вест од митинг. Но, главна маана му е што е објавен три часа пред воопшто настанот да се случи. Ова претставува целосно манипулирање и дезинформирање на јавноста.

megjunarodna-poddrshka-za-vmro-dpmneЛинк до оригиналниот напис: Меѓународна поддршка за ВМРО-ДПМНЕ

Датум и време на објавување: 27.11.2016, 15:46

Датум на рецензирање: 27.11.2016

Рецензент: Симона Атанасова

„ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија вчера одржаа изборен митинг во Скопје. Партијата на митингот доби меѓународна поддршка, односно на него присуствуваа високи претставници на Европската парламентарна партија. Поддршка ВМРО-ДПМНЕ на митингот доби од Себастијан Курц, кој е министер за надворешни работи на Австрија и од германскиот политичар Тобиас Зех, потпретседател на Европската народна партија и член на Комитетот за труд и социјални прашања и економски корпорации и развој“.

Веста изгледа навидум како вообичаено новинарско писание. Но, проблемот е тоа што известува за нешто што уште не се случило. Во текстот се вели дека ВМРО-ДПМНЕ има меѓународна поддршка и пишува кој присуствувал на митингот кој уште не се случил.

Написот е објавен на 27 ноември, во 15.46 минути и известува за тоа кој бил присутен на митингот закажан да почне на 27 ноември во 19 часот.

Во текстот се употребуваат глаголски форми во минато време, како „одржаа“, „присуствуваа“, „добија“… а митингот сè уште не е почнат.

Медиумот најверојатно по грешка предвреме го објавил текстот, кој очигледно е дека бил подготвен претходно по нечија нарачка.

Читателите, сепак, треба да почекаат митингот навистина да се случи во предвидениот термин, за навистина да знаат и точно да се информираат дали Себастијан Курц и Тобиас Зех ќе присуствуваат на митингот.

Грешките во веста, пак, околу тоа кои се гостите и од кои институции доаѓаат, се посебна приказна. Во неа се вели дека македонската владејачка партија добила „меѓународна поддршка“, односно на митингот „присуствуваа високи претставници на Европската парламентарна партија“. И потоа се наведува дека поддршката се состои од присуството на Курц и Зех. Проблемот е само што не постои никаква „Европска парламентарна партија“. Курц е член на Австриската народна партија, а Зех е член на Христјанско-социјалната унија, која постои и работи само на територијата на сојузната германска држава Баварија и која е помалиот коалициски партнер на ЦДУ (Христјанско-демократската партија) на Ангела Меркел. Овде најверојатно се мисли на фактот што Зех е член на Парламентарното собрание на Советот на Европа, што нема врска со никаква и непостоечка „Европска парламентарна партија“.

Понатаму се вели дека Зех бил „потпретседател на Европската народна партија и член на Комитетот за труд и социјални прашања и економски корпорации и развој“. Информацијата дека Зех е потпретседател на Европската народна партија е неточна. Него го нема меѓу лидерите на партијата на нејзината официјална веб-страница ниту, пак, на нејзината страница на „Википедија“. Ај тоа, туку на официјалната страница на Европската народна партија воопшто не ни постои позиција „потпретседател“. Има само претседател и генерален секретар. Тука повторно најверојатно се мисли на тоа што Зех е потпретседател на групата на Европската народна партија во Советот на Европа, како што стои на неговиот твитер-профил. Но, потпретседател на целата Европска народна партија и само на нејзината група во Советот на Европа воопшто не е исто.

Кога станува збор, пак, за некаков си „Комитет за труд и социјални прашања и економски корпорации и развој“, каде што наводно Зех бил член, сосема е нејасно за што станува збор зашто не е наведено каков е овој комитет. Станува ли збор за некаков комитет во германскиот Бундестаг, во Парламентарното собрание на Советот на Европа или за некоја самостојна организација или за нешто трето? Воопшто не е јасно.

Овој текст со неговото „предвремено објавување“ ги прекршува елементарните новинарски правила и стандарди. Целосно ја погазува новинарската етика и основните принципи врз кои се базира новинарството. А, пред сè, покажува целосно непочитување кон публиката која му верува и кон севкупната поширока јавност.

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

не се знае

неточни наводи

неверодостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

нема евидентирани извори

не може да се утврди

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

не може да се утврди

извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

соодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести