verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

ТВ-дневник: Непрофесионален и опасен политички памфлет

on 25 - 11 - 2016       
Фалби за едните, напади врз другите - исто како и пред изборите, само сега со кревање етнички тензии. Фото: скриншот
Фалби за едните, напади врз другите – исто како и пред изборите, само сега со кревање етнички тензии. Фото: скриншот

[Критички осврт на ТВ-дневникот на „Сител“ во 19 часот на 23 ноември 2016 година]

 

Имаме дневник кој си игра со оган. Реториката е јасно насочена кон политичка дискредитација и тоа со употреба на меѓуетничките прашања како оружје за напад против опозицијата. Сето тоа е потенцијално опасно, бидејќи начинот на кој се презентирани информациите, во комбинација со неосновани и неаргументирани тврдења, има висок потенцијал за предизвикување етничка нетрпеливост и омраза

 

Пишува: Александар ПЕШЕВ

 

Политичката пристрасност во дневникот е забележлива на самиот почеток. Најавите за настаните на денот содржат коментари насочени кон јасна дискредитација на еден политички субјект, поточно опозицискиот СДСМ за потоа да се афирмираат ставовите на ВМРО-ДПМНЕ.

„СДСМ нема сериозни аргументи и програма за избори и кампањата која им трае веќе две години се темели на пропагандна употреба на непотврдени туѓи телефонски разговори, партиски прогони на неистомисленици кој го спроведува СЈО и најопасниот елемент, понудата за двојазичност и федерализација кое треба да им донесе албански гласови. Уставните промени кои ги нуди СДСМ се екстремна закана за Македонија и аргумент за албанските радикали од регионот“.

 

КОМЕНТАРИ, ПРИСТРАСНОСТ И ПОТЕНЦИЈАЛ ЗА ОМРАЗА ВО ПРВАТА МИНУТА

Проблемот со ваквата најава (т.н. форшпан) примарно е во тоа што создава потенцијал за ширење омраза. Понатаму, очигледен е недостигот од атрибуција. Гледачот останува неинформиран од каде потекнуваат ваквите констатации од што се отвораат серија неодговорени прашања:

  • Кој и по каков критериум утврдил дека СДСМ нема сериозни аргументи и програма?;
  • Како е утврдено дека кампањата на партијата трае две и пол години?;
  • Од каде е утврдена поврзаноста на СЈО и на активностите на СДСМ која јасно се издвојува во најавата?;
  • Како точно е установено дека понудата на опозициската партија работи кон федерализација?;
  • Како е утврдено дека на маса се уставни промени кои се наводна закана за Македонија?;
  • Кој и како утврдил дека партијата дава аргументи на албански радикали и за кои радикали станува збор?

Веќе следната најава сведочи за јасната политичка пристрасност на најавите на информативното издание:

„Од ВМРО-ДПМНЕ велат: проширувањето на Oхридскиот договор, двојазичноста и кантонизацијата по урнекот на Швајцарија стои во партиската програма на СДСМ за избори“. 

Неполна минута од почетокот на вестите и веќе имаме коментари и партиска пристрасност. Првата најава е коментаторска, а втората е ставена во улога на афирматор на претходно дадените коментари и тоа во полза на ВМРО-ДПМНЕ. Веќе третата најава, дека „СДСМ се обидуваат да се демантираат самите себе“, претставува продолжение на коментаторскиот тренд и јасен индикатор на обид за дискредитација на политички субјект.

Коментаторскиот фокус на албански екстремизам и дискредитација се шири и кон поранешниот прв човек на Институтот „Отворено општество“ – Македонија, а снимката од протести која е избрана за форшпанот оди во прилог на јасниот обид за поттикнување негативна перцепција. Последниот напад во најавите е резервиран за политичката партија ДУИ:

„ДУИ не чекаше долго и ја прифати понудата на Заев за двојазичност, кантонизација и проширување на рамковниот договор“. 

Ваквата најава создава сомнеж за спин, особено имајќи ја предвид повторната употреба на коментарите во првите секунди.

 

УРЕДНИЧКИ КОМЕНТАР КОЈ ИСКРИ КОН МЕЃУЕТНИЧКИТЕ ОДНОСИ

Дневникот се отвора со обраќање на уредникот, насловено „уреднички коментар“. Во професионалната практика, коментарот подразбира изнесување аргументирани ставови, но во овој случај имаме редица коментари кои ги отсликуваат најавите. Дополнително, станува збор за информативно издание кое, барем во теорија, има улога да го информира гледачот за актуелните настани. Во практика, во случајов, имаме изнесување на лични и видно слаби аргументирани ставови на уредникот, кои кај гледачот повторно оставаат серија неодговорени прашања:

  • Дали ваквите изјави би можеле да предизвикаат разгорување на меѓуетничките страсти и говорот на омраза?;
  • Како е утврдено дека лидерот на опозицијата предизвикал шок меѓу своите гласачи и од каде се констатира дека самиот се уверил во шокот кој наводно го предизвикал? Немаме изјави од поддржувачи, ниту, пак, од самиот партиски лидер;
  • Врз основа на кои аргументи и факти е изведен заклучокот дека признанието кое му е доделено на поранешниот прв човек на Институтот „Отворено општество“ – Македонија, Владимир Милчин, е во директна врска со активностите на СДСМ?;
  • Ваквите технички прашања се само дел од проблемот со уредничкиот коментар. Се отвора клучното прашање за последиците од коментирањето: Како констатацијата дека „со тоа Македонците ја губат својата држава“ ќе се одрази на публиката?

„Доколку Македонија направи двојазичност на целата територија на својата држава, апсолутно секој Грк ќе има право да каже не гледаме зошто да го признаеме македонскиот јазик кој не е официјален единствен службен во таа држава, исто е колку албанскиот…“

Тука веќе станува збор за јасна сегрегација на етничките заедници во Македонија. Точна е констатацијата на уредникот дека „работите се комплицирани – не се едноставни“. Во случајов компликациите се јасно предизвикани со неаргументиран коментар, кој освен што не доликува за отворање на информативно издание, опасно си поигрува со меѓуетнички и меѓунационални прашања, потенцијално создавајќи простор за нетрпение и за омраза. Коментарот се шири кон предвидување војна во хипотетичко сценарио поврзано со исходот на претстојните избори. Тоа само претставува дополнително фрлање масло на оганот, кој е запален со неаргументирани и неиздржани коментари за федерализација. Констатацијата дека ако победи Груевски со 63 пратеници, тогаш нема за што да се грижиме, јасно ја дефинира политичката пристрасност на уредничкиот коментар, кој се става во улога на партиски навивач, кој спинува коментари за да додели поени на политичка опција. Коментарот се шири кон дискредитација на политичките партии од албанскиот блок, со што на гледачот му се создава слика дека ВМРО-ДПМНЕ е сама против сите и, намерно или не, дополнително се придонесува кон ризикот од разгорување на меѓуетнички тензии, особено со употреба на изрази со емотивен набој како „албанските радикали“. Гледачот останува неинформиран околу идентитетот на радикалите кои се ставаат во функција на страшило, закитено со наводни задни намери на сите поголеми политички субјекти освен ВМРО-ДПМНЕ. Гледачот понатаму се убедува дека МВР нема капацитет за масовно прислушување, констатација за која не е наведена соодветна аргументација, а која, секако, е потребна во уреднички коментар. Нападот се шири кон Специјалното јавно обвинителство, за кое се вели дека служи за гонење политички непријатели на „список на Заев“. Повторно немаме аргументи ниту, пак, докази. Каде е списокот? Коментарите повторно се навраќаат кон федерализацијата, каде повторно имаме опасна игра со оган:

„Секој од Вас може да седне и да замисли како ќе изгледа во неговото место, во неговата општина двојазичноста. Како ќе изгледа на шалтер, како ќе изгледа во школо, како ќе изгледа секаде. Самата двојазичност подразбира губење на работни места па отворање на нови работни места кои треба да ги платат сите да се создаде можноста од комуникација на албански јазик“. 

Коментарот сега е во улога на директно сеење страв од употреба на јазиците и индиректно дискредитирање на албанскиот јазик и неговата употреба на територијата на земјава. Уредничкиот коментар сè повеќе може да се интерпретира како обраќање со висок потенцијал за ширење меѓуетничка нетрпеливост. На самиот крај обраќањето се движи кон границата на ширење говор на омраза со коментарите во контекст на СЈО:

„Нема да имаме судски систем. Ќе имаме наци систем во кој без судови, една партиска структура на луѓето ќе им пресудува, ќе ги апси кога мисли дека треба кога на СДСМ му треба да победи“. 

Јасното поистоветувње на Специјалното јавно обвинителство со нацистите претставува дискредитација насочена кон институцијата и се граничи со говор на омразата.

 

ВМРО – ДПМНЕ > СДСМ

Од осум и пол минути до дваесет и втората минута дневникот целосно се посветува на активностите на членови, носители на листи и функционери од ВМРО-ДПМНЕ. Јавување во живо се посветува на митингот на оваа партија во Кавадарци и се повикува прилог за активностите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп. Потоа следува прилог за активностите на носителите на листи од коалицијата предводена од оваа партија. Следниот прилог е целосно посветен на носителот на листата на коалицијата на чело со ВМРО-ДПМНЕ во Битола, Антонио Милошоски. По околу 40-минутниот блок за активностите на ВМРО-ДПМНЕ, следува јавување во живо за активностите на СДСМ. Првично се создава позитивен впечаток дека и за двете партии е направен обид за директно известување што укажува на избалансираност. Сепак, наместо прилози исто како за активностите на ВМРО-ДПМНЕ, за активностите на СДСМ гледачот се информира од изјави, што создава впечаток за неизбалансираност.

Уредникот од студиото сугерира прашање за следниот дневник поврзано со примањата на вработените во фирмите на роднините на лидерот на опозицијата. Самото прашање се заснова на неосновано тврдење дека споменатите вработени не земаат месечна плата колкава што наводно се ветувала во предизборната кампања за сите вработени во Македонија. Оваа интервенција од студиото, која се базира на недокажано тврдење, дополнително ја потврдува политичката пристрасност на „домаќинот“ на вестите кој од самиот почеток на информативното издание прави јасни обиди за дискредитација на опозицискиот политички субјект. На крај, ако се резимираат минутажите, станува јасно дека имаме неизбалансиран дневник: линкот од активностите на ВМРО-ДПМНЕ поддржан со прилози трае околу 14 минути. Линкот за активностите на СДСМ подржан со изјави и резимиран со коментаторска сугестија за прашање трае околу 7 минути.

 

ПОВТОРНО ИГРАЊЕ СО ЕТНИЧКИ СТРАСТИ

Дневникот продолжува со тенденциозна најава која беше дадена и на самиот почеток на дневникот, но овојпат во видно поостра форма:

„Дел од овие избори секако е и признанието кое фондацијата Сорос и нејзиниот прв човек речиси 20 години Владимир Милчин го доби од УЧК, дека УЧК се заблагодарува на фондацијата Сорос и Владимир Милчин за поддршката во афирмација на УЧК која ја давале во Република Македонија“. 

Нападот се комплетира со следниов коментар:

„Дали треба нешто повеќе треба да се каже во прилог кон идната федерализација, односно катонизација и двојазичност? Еве го Македонецот кој одработи добро за УЧК“. 

Повторно имаме неосновано тврдење, кое овојпат не е под закрила на телопот за уреднички коментар и повторно имаме изјава од уредникот кој недвосмислено подгорува меѓуетничка нетрпеливост и придонесува кон етничка дискриминација.

  • Најпрвин имаме невистини. Веста е дека Владимир Милчин е одликуван од косовскиот претседател Хашим Тачи, а не од УЧК како организација;
  • Спинот се евидентира со констатацијата дека одликувањето е директно поврзано со наводна црна политичка агенда на опозициската СДСМ, а за тоа не се презентираат конкретни докази.

Самиот прилог е технички слабо изведен, бидејќи наместо изјави имаме парафрази, што создава сомнеж за веродостојноста на изјавите. Во поглед на професионалноста и во самиот прилог се забележуваат елементи на спин. Делот од говорот на Тачи, во кој наводно им се заблагодарил на политички активисти, се врзува не само со прозваниот Милчин, туку и со политички лидери во Македонија. Обидот за дискредитација во комбинација со најавата се шири од Милчин кон партиите од албанскиот политички блок во Македонија. Прилогот зема коментаторски елементи од други медиуми заедно со уникатни констатации за активностите на Милчин, неосновано и неаргументирано врзувајќи ги со политички агенди на опозицијата. Во целата оваа каша од коментари на етничка база се вмешува и преглед на немирните протести во текот на годинава. Сето тоа создава потенцијално експлозивна реторика во контекст на односите меѓу заедниците.

Политичкиот блок се заклучува со истите коментари со кои се отвори дневникот. Најавата на прилогот е јасно насочена кон лична и политичка дискредитација. Во самиот прилог изјавата на лидерот на опозицијата се употребува како боксерска вреќа врз која се удира со изјавата на членот на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Вељаноски, (кој се појавува на прес конференција во штабот на партијата). Имаме јасно неизбалансиран прилог, конструиран во форма на квази-соочување на актуелна дневна изјава со архивски изјави.

Сè на сè, имаме дневник во кој најголем проблем е реториката и тоа во контекст на меѓуетничките односи. Начинот на кој се прави презентација на непотврдени тези, дел затскриени под т.н. уреднички коментар, создава потенцијал за меѓуетничка нетрпеливост. Навивачкиот елемент за ВМРО-ДПМНЕ е јасно уочлив заедно со неизбалансираноста.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести